Гледав вчера, Белград беше центар на светот. Цела Србија беше на нога да го поздрави рекетот број еден на планетата земја Новак Ѓоковиќ. Хрватска е во еуфорија зашто е пред самата порта на семејството на ЕУ. Бугарија и Романија се одамна таму. Грците се тепаат по улиците за подобар живот или барем да го сочуваат стандардот што го имаат. Велат дека Албанија и Црна Гора грабаат со чекори од седум милји по автопатот за кон Европа. На што јас да се порадувам во мојава мила Македонија? Вчера само што се вратив од маршот на солидарност на новинарите на плоштадот во Скопје. Уморен, озлобен, нервозен и - просто утепан. Протестирав солидарно со колегите чии медиуми згаснуваат, а тие остануваат без работа. Газдите на медиумите им врачуваат отказни решенија затоа што мораат да се ослободуваат од работници. Државата ги спотерува да си ги плаќаат давачките, па мора да се штеди. На удар, се разбира, се новинарите и тоа првин оние со долги јазици, тие кои си ги пикаат носевите по дувлата на власта и се занесуваат дека сеуште се седма сила која ќе го рине ѓубрето од буништата на корупцијата. Со ниет на современи донкихоти ќе истеруваат правдини против ветерниците што вртат за сметка на медиумските олигарси кои фатиле сигурни места во скутот на власта. Е, па ако им е, што би рекол народецот македонски кој од искона наваму опстојува со фамозната филозофија на „молчењето е злато“ или „ведната глава сабја не ја сече“!. Јас сум пензиониран новинар кој, според претходно речените „мудрости“, може цел ден да си седи и да си пресипува од шупливо во празно на некоја од клупите на Гратскиот плоштад. Ама, пусто не можам. Блеев малку што блеев во гигантските монументи на плоштадот во Скопје, но не успеав да се фасцинирам, да се опијам од античката историја и да заборавам на денешната реалност, на баналноста каква што е згаснувањето на мои медиуми без кои и онака сиромашниот живот ми е уште посиромашен. Неможам да останам рамнодушен (апатичен да‘) на реалност во која се гаснат медиуми и луѓе остануваат без работа. Ми се иде да врескам и да касам од тоа што гледам дека толку многу не‘ поделија првин како народ, па потоа и како фели. Во мојата фела (новинарската) новинар на новинар му е душман. Не умееме барме да си ја потсокриеме омразата. Си ги симнавме маските и се разголивме. На лицата ни‘ блика задоволството кога соопштуваме вести за катастрофите на ,,непријателските‘‘ редакции. Триеме раце и радосно подрипнуваме на столчето кога соопштуваме дека од утре замолкнува А1, дека Време, Шпиц и Коха е ре конечно се починати, дека Утрински е на ред...Ај, луда работа. Сте го читале ли романот на Хемингвеј „За кого бијат камбамните“.
Столе Божиновски Столе Божиновски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*