×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Живот во јајце

    Елизабета Секирарска

    Што ако некој, надвор од нашата лушпа почувствува глад, па нè фрли во тавче и нè посоли?

    Имаш 35, женет си, не си вработен и со сопругата и детето живееш со своите родители кои те ранат. Немаш можност да создадеш свој живот.

    Имаш 35, женет си, едвај врзуваш крај со крај, имаш 2 деца, а излегуваш на ТВ за да раскажеш дека да се има деца е благослов и дека, ако даде Господ, ќе имаш уште. После ќе му мислиш што ќе јадат. После ќе мисли и твојата сопруга која нема да може да работи, ако на работодавачот му каже дека ќе стане мајка.

    Имаш 26, дипломиран си и бидејќи ионака немаш работа, одиш на магистратура. После, бидејќи ионака немаш работа, ќе маваш докторат. После, кој знае.

    Средношколец си, недоволно описменет, со одседен 4-годишен тајминг во клупите. Зошто би учел, кога средното е задолжително, ама твоето однесување кое доликува на средношколец, не е. Ионака без проблем ќе запишеш факултет каде сакаш, што има врска ако не ја знаеш таблицата на множење. Рембрант за тебе е Рамбо, а една четвртина за тебе не е еднаква со 25 %.

    Лекар си, учен интелектуалец под хипократова заклетва, под сериозна закана по достоинството на професијата и белиот мантил. Дигнеш глава, па набргу ја веднеш. Забораваш дека пациентот доаѓа кај тебе затоа што мора и се плаши за себе, а ти си тука за него и треба да му помогнеш. Со тоа што нема да прифатиш хаос наместо вистинска реформа, за почеток.

    Учител си, со мисија во умот и љубов во срцето, а наеднаш те совлада чувството дека си беспомошен, дека те вреднуваат оние кои имаат сериозен проблем со критериумите за вреднување, дека детето е несреќно во училиштето, а ти не можеш да му помогнеш – тоа и не сака помош. Толку е апатично, да му е сеедно. Имаш потреба да го кажеш она што многу точно го кажа прерано заминатиот Младенов: "Ми се иде да кажам гитла од оваа професија."

    Интелектуалец си, универзитетски професор, живееш во земјата –лулка на словенската писменост, а молкум се мириш со состојбата да се сервираат квази учебни помагала, чудни, погрешни, недозволиво, недозволиво погрешни и за секоја осуда  книги.

    Млад човек си, со неограничен ум и многу потенцијал, а дозволуваш општата летаргија, немањето критериум и вредностите искривоколчени до апсурд да те совладаат и да те уверат дека да си „ин„ значи да си во филмот во кој статираш, наместо да ја играш главната улога. Фактот дека тоа е филмот кој самиот треба да си го режираш, наместо тоа да го прави некој друг е сосема друго прашање.

    Родител си, а тешко ти станува да си го учиш детето дека треба да биде чесен, вреден и со чист образ како дефиниција за добар човек, затоа што еден ден, животот ќе му блесне пред очите и треба да му биде достоен за гледање. Да, ама не знаеш што да му одговориш кога неговото прашање на која планета ти живееш ќе те плесне како шлаканица.

    Земјоделец си, не ти се исплатени парите кои ти се ветени, а на два дена пред дружбата со ливчето кое ти ја дефинира судбината неколкуте наредни години ги добиеш и се заборавиш. Заборавиш и дека бргу ќе ги потрошиш и пак ќе поминат години додека ги добиеш. Дека кога работите се лоши, не се поправаат со гледање само низ својот прозорец и дека кога моментот на убавиот личен хоризонт ќе помине, пак ќе имаш грд поглед.

    Сиромашен си, а на два дена пред дружбата со ливчето кое ти ја дефинира судбината и кое до тука те довело, оној што те изгладнува ќе ти донесе зејтин и ќе заборавиш. Забораваш дека утре пак ќе немаш и пак ќе бидеш сиромашен.

    Пензионер си, кој за гратис возење, бања, скијање кое не може да го искористи и зголемување на пензијата „на ситно„ за бројка која е срамно да се нарече зголемување, заборава дека работел цел живот и дека достоинството во третата доба треба да изгледа поинаку. Дека треба да има неприкосновено право на достоинствена старост и тој и сите други кои успеале да остареат на оваа тешка почва.

    Живееш во земја во која омразата стана синоним за меѓучовечки односи, а некои места кои биле дел од твоето раснење и младост се длабоко затскриени во носталгичните приказни кои си ги раскажуваш со твоите остарени родители: „Ејјј, се сеќаваш ли кога со Арбен и Лабинота и со нивните деца одевме во Матејче, на пикник? Или кога ние одевме на баклава за Бајрам, а тие кај нас за Божиќ?„ Си велиш:„Убави времиња беа тоа„  Да, беа. Ама не ти текнува дека не е до времето. До луѓето е.

    Живееш во земја во која платата, ако ја добиваш, ти трае 10 дена и среќен си ако успееш да ги платиш сметките. После се чудиш како ќе пливаш до следната.

    Живееш во земја во која прифаќаш да си ехо, наместо глас, па со време мислиш дека така треба. Ионака никој за ништо не те прашува.

    Живееш во земја во која без пардон се атакува на твојот ум и способноста за проценка на нештата. Молчиш, голташ приказна вон памет и здрав разум и ја прифаќаш како вистина. Знаеш дека не е, ама ти е страв да изговориш дека знаеш дека вистината постои. Само лагата треба да се измислува.

    Живееш во земја во која се почесто и се повеќе насмевката е луксуз, искреноста веќе не е доблест, чесноста не е задолжителен параметар по кој ќе се распознаваш, умот не е неоходна алатка за успех, а ти живееш наведнат, зад затворените врати и прозорци.

    Што би кажал Гинтер Грас:„Навистина живееме во јајце. Внатрешната страна на лушпата сме ја ишарале со непристојни цртежи и со имињата на нашите непријатели. Но, што ако никогаш не ја пробиеме лушпата? Ако нашиот хоризонт е само хоризонт на нашите чкртаници и ако тоа и остане? Ако некој, надвор од нашата лушпа почувствува глад, па нè фрли во тавче и нè посоли. Што ќе правиме тогаш, браќа мои во јајцето?„

    Мене ми се чини дека веќе сме во тавчето.

    Елизабета Секирарска, професор во СОУ „Перо Наков„

    Елизабета Секирарска Авторот е професор во СОУ „Перо Наков“, Елизабета Секирарска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*