×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Без локални медиуми вистината не е целосна, протест на новинарите пред Владата

    17.02.2023 14:50 | Сузана Николиќ

    „Навредата кон новинарите е потценување на граѓаните“, „Работиме за граѓаните, не за политичарите“, „Ако ја ограничите нашата слобода, ја загрозувате вашата“, „Без локални медиуми вистината не е целосна“, се дел од пораките кои денеска новинарите и снимателите ги испратија од пред Владата и Собранието.

    Без локални медиуми вистината не е целосна, протест на новинарите пред Владата

    На денот кога се одбележуваат 77 години од постоењето на Здружението на новинарите на Македонија, ЗНМ и Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ), заеднички го изразија незадоволството од нападите врз новинарите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат новинарите, лошата социо-економска состојба.

    Пораките на ЗНМ и ССНМ беа испратени преку јавно обраќање на претседателите на двете здруженија, како и преку новинари и медиумски работници кои беа жртви на физички и вербални напади.

    До Владата и до Собранието беа доставени барања  да престане негативниот тренд на понижувачки говор од страна на министрите, директорите, политичарите, крај на агресивниот државен пи-ар, поддршка за колегите од внатрешноста во насока на изнаоѓање системско решение за квалитетна новинарска содржина и достоинствени плати, обезбедување услови за квалитетни професионални новинарски продукти, за традиционалните, но и за новите медиуми, имплементација на законите кои се важни во новинарската сфера, за обезбедување независно и функционално работење на јавниот сервис и регулаторот, брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите.

    „Бараме почит за новинарската професија, нас никој не смее да не потценува и навредува затоа што ние работиме за граѓаните.  Излегуваме за да потсетиме дека новинарството е јавно добро, тоа не им припаѓа ниту на Владата, ниту на опозицијата, ниту на партиите, ниту на газдите на медиумите, туку им припаѓа на новинарите и новинарките. Вака веќе не може… Законите важни за медиумите не се спроведуваат, јавните функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, државниот Пи/ар ја зема работата на новинарите снимателите, фоторепортерите, Владата создаде најголема редакција. Државните институции и нивите директори имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност кога со денови чекате одговор, а добивате пр памфлет за објава. Локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување, безбедноста на новинарите не е на ниво на кое би сакале да биде.Ова мора да се промени“, кажа претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски во своето обраќање пред колегите.

    Претседателот на ССНМ Павле Беловски потсети дека новинарите работат во навистина тешки услови, редакциите се со помалку кадар, со ниски плати, и нивната социо-економска состојба е незавидна. 

    „Затоа и се повеќе се чувствува недостатокот на локални теми, на известувања од локалните заедници што претставува сериозен недостаток во една демократија. Сметаме дека е повеќе од итно да се донесат решенија за подобрување на состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници од внатрешоста. Решенија кои ќе бидат системски, законски, а не парцијални. Решенија со кои работодавците ќе добијат квалитет, а нашите колеги сигурност. Бараме услови, а не милостина“, кажа Беловски. 

    Пред Собранието на присутните медиумски работници им се обратија, Сенат Зулбеари потпретседател на ЗНМ, новинарите Сашка Цветковска, Душица Мрѓа, Славица Филиповска, Жанета Здравковска во име на регионалните центри на ЗНМ, Ведут Османи од секцијата на сниматели. Беа испратени пораки за решавање на дел од предизвиците со кои се соочуваат новинарите, за прекин на тужбите кон нив како и за подобрување на условите во кои работат и младите новинари во целата држава.