×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Финансиска несигурност, социјална исклученост и потреба за подобрување на услугите на пензионерите, покажа анкетата на Кумановоњуз

    13.07.2024 10:17 | Жаклина Цветковска

    „Во оваа држава само политичарите живеат достоинствено, останатите не можат да сврзат крај со крај“, вели учесник во анкетата на Кумановоњуз посветена на лицата од третото доба и условите за активно и достоинствено стареење, кој ја открива генералната слика за животот на старите лица.

    Финансиска несигурност, социјална исклученост и потреба за подобрување на услугите на пензионерите, покажа анкетата на Кумановоњуз

    Пензионерите од Североистокот немаат достоинствен живот, е ставот на најголем број испитаници во анкетата, а анализата открива сериозни социјални и економски предизвици за оваа популација. Потребата за подобрување на финансиска поддршка, здравствена заштита, повеќе социјални активности и безбедност се критични аспекти кои бараат акција од сите засегнати страни. Неопходноста за подобрување на условите за живот и социјалната интеграција на постарата популација е најистакната, што значи дека е неопходен дијалог помеѓу државните институции, локалните власти и невладините организации за нивна поголема вклученост во заедницата.

    Во анкетата на Кумановоњуз учествуваа граѓаните од Североисточниот регион, поточно од општините Куманово, Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане, Липково и Ранковце. На прашалникот одговорија вкупно 244 граѓани, најголем дел од најголемата општина Куманово, а според полот 58,8% се мажи и 41,2% се жени. Од нив 32,4% се на возраст од 35-50 години, околу 28% од 51-65 години и 12% над 65 години. Изненадува што во анкетата се вклучени и млади лица од 18-35 години или околу 28% , што потврдува дека и нив ги засега состојбата со постарите лица.

    Според перцепцијата на 70,5% од испитаниците, постарата популација е вреден ресурс во заедницата, наспроти 9,2 % кои сметаат дека тие се тежок товар за општеството, а околу 20% немаат мислење. Но, наспроти ставот дека тие се вредни чинители, пензионерите се многу малку респектирани и вклучени во активности во локалната заедница велат 51,7% од анкетираните, додека 38,2% сметаат дека тие се целосно исклучени од општествениот живот. Овие одговори покажуваат дека лицата од трето доба имаат многу малку услови и можности за достоинствено стареење што е пресудно за нивниот социјален и емоционален живот.


    Најприоритетна потреба за постарите лица е поголема финансиска поддршка, како што сметаат близу 60% од испитаниците и тоа, пред се, за да обезбедат подобра здравствена заштита како бањско лекување и рехабилитација за што се изјасниле околу 30% од учесниците во анкетата. На ова се надоврзува проблемот со недостапност и поддршка за остварување на потребите на старите лица во заедницата, при што околу 60% сметаат дека пристапот до овие потреби е многу мал, а над 30% дека за пензионерите овие услуги се целосно недостапни. Причина се минималните пензии кои не можат да ги задоволат нивните потреби, како што забележале 91,6% од учесниците во анкетата. Само 7% се изјасниле дека месечните примања се доволни за скромна пензионерска живеачка. Ваквите резултати укажуваат на големо недоволство меѓу пензионерите, но и воопшто, меѓу граѓаните, во врска со финансиските ресурси достапни за постарата популација.

    „И покрај минималните пензии, има пензионери кои се уште го крепат семејството,синови , ќерки кои се невработени и тие ги издржуваат. Тоа не е во ред. Треба оние кои се способни да работат, а другите нека земаат поголеми пензии“, реагира учесник од Куманово.

    Финансиските притисоци негативно влијаат на задоволување на основните животни потреби на  пензионерите. Така, дури 65,5% одговориле дека старите лица најчесто ја трошат пензијата на лекови, 26,9% приоритет даваат на храната, а близу 3% сметаат дека пензијата најчесто им ја земаат децата. Само околу 14% одговориле дека пензионерите можат да си дозволат одење на бања, околу 9% излегување со пријатели и пријателки, а само 4 % да заминат на одмор. Речиси 72%, пак, сметаат дека ова категорија граѓани не можат да задоволат ниту една од овие потреби со нивните пензии.


     

    „Имам глувонеми родители со попреченост, кои се во пензија. Со 12.000 денари пензија живеат само 10 дена во месецот. Следните 21 ден се огромен финансиски товар на нас децата, кои од овие причини не можеме да напредуваме ниту во кариерата, ниту во животот. Единствен излез е да заминеме од државата за да обебедиме поголеми финансии“, се жали еден од анкетираните.

    „Мајка ми е пензионер, со 14.500 денари пензија. Живее сама, татко ми е одамна починат. Да не сум јас да ја финансирам и гледам, ќе не може да ги покрие основните трошоци за живот“, вели учесничка во анкетата.

    Загрижувачко е и мислењето дека пензиите се главен извор на приходи во многу семејства и дека старите лица и понатаму се главен столб во семејната заедница. Две третини од испитаниците сметаат дека пензионерите ги издржуваат своите семејства, се грижат зa домаќинството и ги чуваат внуците. Само околу 12% се изјасниле дека пензионерите имаат соодветна грижа од нивните деца и блиски, а останатите навеле дека овие членови се запоставени од семејствата и се препуштени сами на себе.

    Ништо подобра не е и состојбата со социјалната заштита на старите лица. Голем дел од учесниците (околу 50%) изразуваат незадоволство поради многу малкуте или никакви социјални активности и програми прилагодени за постарата популација во заедницата, а околу 36% веруваат дека нема никакви програми и институции кои би обезбедиле соодветно вклучување на овие лица. Над 40 % сметаат дека недостасуват социјални услуги за болните и изнемоштени, а околу 25% изјавиле дека се потребни центри на заедницата кои нудат различни активности како часови за вежбање, уметнички работилници, групни дискусии и сл. Останатите го поддржуваат ставот дека се многу важни и волонтерските активности прилагодени на вештините и способностите на лицата од трето доба, меѓугенерациските програми и транспортните услуги за лесен пристап до активности и настани.

    Посебно прашање е безбдноста и сигурноста на старите лица, особено на оние што живеат во самечки семејства. Половина од испитаниците смета дека безбедноста на пензионерите зависи од тоа дали тие живеат сами или со семејството кое им дава поголема сигурност. Околу 35% веруваат дека пензионерите воопшто не се безбедни и се лесна мета на крадци. Како најголеми безбедносни ризици ги наведуваат: подложност на финансиски измами, најчесто поврзани со набавка на огревни дрва, барање пари за деца и сл.(59,7%), кражби (21%), злоставување и недоволна грижа од децата (8,4%), насилство (5%), пожари и други природни несреќи (3%).

    Од перспектива и на постарите и на помладите испитаници, најголемите грижи за староста се стравот од осаменост и немоќ за што се изјасниле близу 50% , потоа финансиската зависност и недоволните приходи (31%), болести (20%) итн. Но, и покрај овие стравови, над 40 % сметаат дека старските домови се решение само доколку старите лица се болни, изнемоштени и неподвижни, а дури 30% го делат ставот дека сместувањето во овие установи е нехумано. Околу 22% немаат став, а над 6% се изјасниле дека овие лица треба да се сместат во старски домови за да не им се на товар на децата. Главната причина за ваквите ставови е перцепцијата за домовите како установи во кои не им се посветува доволна грижа и нега на старите лица. Тие бараат услови кадестарите ќе се чувствуваат како да се дома , да се згрижени, прифатени, да се дружат, едноставно сами да сакаат да живеат таму.

    „Јас живеам во Швајцарија. Тука домовите за стари лица се луксузно опремени и уредени и има секакви активности, кои им го олеснуваат и подобруваат животот на старите лица на здравствен и социјален план“, посочува една испитаничка.

    Според резултатите од анкетата, може да заклучиме дека лицата од третото доба се соочуваат со големи потешкотии во напорите да обезбедат колку толку достоинствен живот. Како важен сегмент од општеството, пак, тие се и честа мета на манипулации и популизам од страна на политичките елити. Подложни на дезинформации, лесноверни и многу често зависни од децата и институциите, немаат сила да се справат со предизвиците со кои се соочуваат. Затоа, заедницата и државата имаат уште поголема одговорност да понудат можности за да го вратат достоинството на пензионерот и да ги искористат ресурите на искуството и зрелоста.