Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дубравка Добревска, професорка по англиски јазик во Средното стручно училиште „Перо Наков“ во Куманово, 24 јануари ќе го памети цел живот.
Тоа е денот кога го завршила работниот век, но и кога го добила најголемото признание за нејзината работа и посветеност во кариерата. Денот пред заминување во пензија го поминала во разговор и поздравување со колегите и учениците , а кога тргнала да си оди ја чекало огромно изненадување.
„Излегов во ходникот, а таму – метеж, возбуда, неочекувана сцена. Ученици од различни класови, колеги наредени, конфети во воздухот. Френетичен аплауз, солзи, прегратки. Уште повеќе ме трогнаа насолзените очи на учениците, но се чувствував и тажна и горда истовремено. Чувството беше неописливо. Знаев дека ќе си одам, но оваа сцена ќе ја носам засекогаш со себе“, со измешани емоции раскажува Добревска.
Таа вели дека не е лесно да се затвори книга исполнета со илјадници часови, стотици ученици и безброј спомени, но, смета дека било редно да се повлече, и да им даде шанса на младите наставници. Од училницата си заминува не само како професорка по англиски јазик, туку како човек што оставил трага.
„Денес, кога не морам да станувам рано за на училиште, сè уште чувствувам дека дел од мене остана таму, во училницата. Но, горда сум – на работата што ја завршив, на генерациите што ги испратив во светот, на фактот дека и денес, по толку години, поранешни ученици ме канат на средби, ме паметат. Тоа е најголемата награда за еден наставник. А ако можев да се вратам назад, повторно би го одбрала истиот пат“, вели професорката.
Таа пред 35-година кариерата ја почнала во Пионерскиот дом, а две години работела и во средното училиште „Митко Пенџуклиски“ во Кратово. Од 1995 година е овластен судски преведувач, работела и во приватни училишта за странски јазици. Со уште една колешка создале лингвистичка лабораторија, прва таква во градот, можеби и пошироко. Тогаш имала можност да предава на студенти, пилоти, возрасни луѓе за кои за напредување им било неопходно познавање на англискиот јазик.
Учениците ја опишуваат како коректна, која секогаш им се обраќала со убаво, промовирала култура во однесувањето и комуцирањето. Настојувала да даде добар пример на учениците.
„Никогаш не сум ставала само петки, оценував според заслугата, но никогаш не ми се лутеа. Им давав втора шанса да одговараат, да се покажат и докажат, а и самата педагодија признава дека може да се погреши, во однос на пониска или повисока оценка. Немав непријатни искуства со учениците, освен мали практични шеги одвреме навреме. Најнапорни ми беа екскурзиите кога со четири очи будно внимавав да не се случи нешто непријатно или несакано на децата“, вели Дубравка.
Таа вели дека образованието постојано се менува, но не секогаш во вистинскиот правец. Се менуваат програми, но суштината се губи. Англискиот јазик, кој некогаш бил работа на престиж, денес е потценет. Учениците мислат дека го знаат бидејќи гледаат филмови и слушаат музика, но не сфаќаат колку слоеви има едно вистинско познавање на втор јазик.
Современото време донесе многу придобивки, но и големи промени. Технологијата, која треба да ги унапреди генерациите, парадоксално, во многу случаи ги прави помалку ангажирани. Знаењата од културата, спортот, животот – некогаш стекнувани со љубопитност и труд – сега се заменети со брзи, лесно достапни информации, но без суштинска вредност.
„Како наставник со три и пол децении искуство, можам да кажам дека новите технологии нудат бесконечни можности. Кога во училиштето ни воведоа паметни табли, имавме шанса на учениците да им ги доближиме темите преку интернет – од музички инструменти до географски поими. Но, од друга страна, забележав дека технологијата ги прави мрзливи. Не се трудат да истражуваат, да размислуваат, бидејќи сè им е на дофат на екран“, истакнува професорката Дубравка.
Како пензионерка Дубравка има повеќе слободно време па сака да му се врати на своето хоби - сликањето, но и на природата, зеленилото и цвеќињата како нејзина љубов. Веќе има проекти со кои ќе го исполнува слободното време во дворот на семејната куќа, но секогаш има енергија и волја за средба со пријателките и колешките, но и за своите ученици.