×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Некогаш луѓето се капеле во неа и била чиста како солза, а денес Кумановка е срам на градот

    09.07.2024 09:24 | KumanovoNews

    Повеќето реки и мостови кои се наоѓаат по градовите низ светот пружаат вистинско одушевување кога ќе поминеш покрај нив, Кумановка за жал не е таков пример, а би можела да биде.

     

    Некогаш луѓето се капеле во неа и била чиста како солза, а денес Кумановка е срам на градот

    Доказ дека тоа не е невозможно се постарите кумановци кои ја паметат како толку чиста што „на времето“ самите се капеле во неа и создавале убави спомени.

    „Оваа река беше полна со риби, со ракови, значи штом имало ракови водата била чиста како солза.Мајка ми ќе дојдеше тука кај мостот, имаше една врба и направи како вирче и таа переше, а ние децата се бањавме. Не само таа и мојата стрина и комшивките и сите. А сега, канти, гуми, душеци од кревет и што уште не. Значи тоа сепак не е само до градоначалникот, не може тој да оди по сите нас и да гледа што работиме, тоа е до нашата совест“ , се сеќава Драган Ѓорѓиевски од Куманово.

    За разлика од него кој вината за лошата состојба на реката најмногу ја гледа во самите граѓани кои секојдневно ја загадуваат, Олгица Вељковиќ, еко-активистка, технолог и поранешна професорка од Куманово смета дека надлежните не си ја вршат работата онака како што треба и затоа реката изгледа така како што изгледа.

    „Воопшто не сум задоволна од отчетноста и транспарентноста на Општината и мислам дека ние граѓаните воопшто не сме информирани за ваквите состојби. Јас немам видено ниту еден извештај за нивната работа, а законски ги знам сите обврски и имам чувство дека таму „спијат“ оние кои треба најмногу да работат за животната средина“, потенцира Вељковиќ.

    Таа ги охрабрува сите граѓани кои ќе забележат неправилности, да ги сликаат или снимат и да ги праќаат по мејл или на некој друг начин до надлежните.

    „Само освестен граѓанин може да покрене администрација која не работи. Ако добијат еден мејл можеби ништо нема да им значи, но ако добијат 30 мејла за еден ист проблем сигурно ќе мора да преземат нешто“, додава таа.

    Вељковиќ вели дека постојат низа начини кои можат да влијаат на свесноста на граѓаните, а првиот чекор кој треба да се направи според неа е дека треба да се постават табли покрај реката на кои ќе пишува дека е забрането таа да се загадува и колку всушност ни е потребна чиста вода на сите нас. Додека била професорка самата ги водела своите ученици од текстилна струка во пречистителна станица во Куманово, да видат како се одвива процесот на прочистување на водата, бидејќи и текстилниот отпад и текстилната индустрија се едни од најголемите загадувачи. Вели дека учениците сфатиле каква штета може тие да предизвикаат и станале посвесни за тоа како можат да придонесат за заштита на водата и природата. Таа смета дека за ова треба многу да им се зборува на децата во училиштата уште од најрана возраст.

    Загадената река особено им пречи на оние кои мораат секојдневно да поминуваат покрај неа и да го гледаат сиот отпад.

    „За да стигнам до дома, морам да поминам низ населбата „Средорек“ и неретко сум сведок на фрлање ѓубре во реката. Еднаш, една жена имаше донесено неколку јамболии во количка. Контејнерот стоеше сосема блиску до местото каде што жената ја запре количката. Помислив дека ќе ги стави јамболиите во контејнерот, но не таа ги фрли една по една во реката. Кога ја опоменав беше многу агресивна кон мене. Друг пат имаше оставено нозе, пердуви и крв од некој што си колел кокошки на едно трупче“, вели Ружица Денковска од Куманово.

    Од Општина Куманово велат дека секоја година од Кумановка се изнесуваат тони на ѓубре и истата ситуација се повторува секоја наредна година.

    „Секоја година од буџетот на Општина Куманово што е одобрен од страна на Советот на Општината се издвојуваат средства со кои по соодветен план и програма се чистат речните корита, вклучително и Кумановка и секое чистење се соочуваме со истиот проблем. Сметам дека коренот на ова „дрво со проблеми“ е свеста на луѓето и треба навистина многу да се работи на тоа. Ние имаме и еколошка кампања позната под името „Куманово мој зелен дом“ преку која организираме активности кои имаат за цел да ја подигнат еколошката свест кај помладите, но и општо кај граѓаните, бидејќи не може дете да отвори сладолед и хартијата од него да ја фрли во река или каде ќе стигне, а притоа мајка му да оди до него и ништо да не му каже, одговорноста треба поозбилно да си ја сфатат и родителите“, вели Сандра Геогриевска-Протиќ, советник во одделението за заштита на животна средина и природа во Куманово.

    Таа додава дека се разгледува можноста за поставување мрежи во речните корита на кои „ќе се закачуваат“ шишињата и другите полесни отпадоци кои се фрлаат, а кои подоцна ќе можат побрзо да се исчистат.

    Се додека граѓаните ја префрлуваат одговорноста на надлежните и обратно, во реката „ќе пливаат“ и правсмукалки и кревети и фрижидери, но фактот дека сите ние сме загадувачи, сакале или не говори за тоа дека промената започнува од
    секој поединечно.

    Теодора Стоевска

    Оваа новинарска сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на Центар за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ и не нужно ги одразува гледиштата на Европската Унија.