Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Честите сообраќајни несреќи на крстосницата на улиците „Трета МУБ“ и „Бранко Богдански Гуцман“, со години наназад ги траумираат жителите во овој дел на кумановската населба „Гоце Делчев“. Тие се жалат дека немаат мир ни дење ни ноќе, бидејќи нивната безбедност не е загрозена само на улиците и тротоарите, туку тие не се сигурни ни во своите дворови, затоа што делови од автомобили или самите возила често завршуваат пред нивните куќи. Дури се наоѓаат и во ситуација кога мораат да пружат прва помош на повредените, додека да стигне Брзата помош, што за нив е дополнителен стрес и остава последици врз нивното здравје.
Ова е само еден пример каде граѓаните сметаат дека им е загрозена безбедноста во сообраќајот, а ни го посочија во анкетата на Кумановоњуз за проблемите за локалната инфраструктура.
Нашиот читател, кој сакаше да го сподели проблемот со јавноста, вели дека во името на неговите соседи бара надлежните институции на национално и локално ниво да поработат на подобрување на безбедноста на граѓаните и на сообраќајните решенија во градот, бидејќи тоа е основа на урбаниот живот.
Тој живее во куќа до самата раскрсница и кажува дека неговото семејство секојдневно е сведок на немили настани, кои длабоко го потресуваат и им создаваат чувство на несигурност и страв.
„Нема ден да не се случи некоја сообраќајка во која ќе има сериозно повредени или само материјална штета. Тоа е редовна појава на оваа крстосница. Особено сме исплашени за безбедноста на нашите деца, бидејќи тие мора да поминат тука за да отидат на училиште. Оградите на нашите куќи одамна се испокршени и повеќе не се ни трудиме да ги поправаме. Еве, во последните два дена имаше две сообраќајќи, вчера удрија дете со скутер, а денеска се судрија два автомобили. Пред неколку месеци автомобил леташе метар и половина во воздух, прелета преку тротоар и ограда и се испреврте како на филм. Немаме нерви повеќе да го трпиме ова „насилство“ и да преживуваме стресови“, вели револтирано Г. Д.
Жителите кажуваат дека нивните проблеми започнале пред десетина години кога крстосницата е пуштена во употреба без соодветна сообраќајна сигнализација и покрај тоа што е многу прометна. Несовесните возачи не го почитуваат ограничувањето на брзината, не даваат предност на пешаците и другите учесници во сообраќајот, а многу често возат и под дејство на алкохол, па нивната бахатост и неказнивост е причина за хаосот на раскрсницата. Тие велат дека во нивните домови постојано се слуша шкрипењето на гуми од наглите кочења и летаат делови од автомобили над нивните глави.
Несреќите се поизразени во летниот период, затоа што фреквенцијата на возила е зголемена, поради работата на угостителските објекти во тој дел на градот. Нерегулираната крстосница е врска кон градот за населбите Проевце, Зелен Рид и Доброшане, како и селата што гравитираат кон Свети Николе.
Решението на проблемот, жителите го гледаат во изградба на кружен тек или поставување на семафор, како и поголема полициска контрола во овој дел од градот. Тие усно ги упатиле своите барања до надлежните во Општината, до градоначалникот, како и при секоја посета на политичарите пред изборите. Иако сите ветувале решение, никој не го исполнил.
„Најдобро ќе биде да се постават семафори, нема место за кружен тек. Ако го направат ќе биде мал и ќе има простор да се вози брзо, па така нема да се реши проблемот. Бараме и поголемо присуство на полицијата “, вели нашиот соговорник.
Од Општина Куманово велат дека на оваа крстосница е предвидено да се изгради кружен тек во 2022 година, но поради тоа што се запознаени со проблемот, во текот на оваа година планираат да постават семафори.
За овој проблем Кумановињуз пишуваше и пред две години, но надлежните останаа глуви на аплелот на граѓаните. Со оглед на тоа дека се распишани локалните избори, проблемот на жителите на населбата „Гоце Делчев“, најверојатно ќе го решава новата владејачка гарнитура.
„Дали ќе го реши или и понатаму ќе остане истата состојба, ќе видиме. Знаете како е, сите ветуваат пред избори, но кога ќе седнат во фотелјата не забораваат. Да се надеваме дека сепак ќе имаат слух за нашите проблеми“, велат жителите од населбата.
Додека се чека решението, граѓаните се надеваат дека наредното деноноќие нема да им донесе нова сообраќајка, која ќе дигне од постела или од ручекот и ќе им предизвика дополнителен стрес и вознемиреност.
Повеќето кумановци сметаат дека локалната патна инфраструктура не може да го прими огромниот број на моторни возила, а дел и неадекватните сообраќајни решенија го создаваат хаосот во градот.
На анкетата на Кумановоњуз како критични точни со небезбеден сообраќај граѓаните ги посочија и населбите Бабин Дол, Карпош, Гладно поле, Бедиње, централното градско подрачје, крстосницата Вук Караџиќ - Страшко Симонов, селата Режановце, Романовце и други.
На овие подрачја, како што посочуваат учесниците во анкетата, нема лежечки полицајци, семафори, соодветна сигнализација, тротоари за пешаци и велосипеди или пак, семафорите и сообраќајните знаци се застарени. Најкритично е во населбата Карпош каде граѓаните влегуваат директно од магистралниот пат и се сведоци на чести сообраќајни незгоди, несигурни премини и небезбеден сообраќај. Несовесното и брзо возење и паркирањето на секоја слободна површина во градот, пак, дополнително им го отежнува движењето и секојдневието исполнето со несигурност и страв, живеејќи постојано на „штрек“ да не им се случи нешто што може да им го загрози здравјето и животот.