Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кога во селото имаше амбуланта беше многу полесно, тука не предгледуваа, ни даваа рецепти, децата тука примаа вакцини, но ординацијата одамна се затвори. Моравме да бираме матичен доктор од градот, а Здравствениот дом во Крива Паланка ни е оддалечен околу 30 километри.
Се превезуваме со комбиња, но ако не завршиме со прегледите до 12 часот, го испуштаме превозот и мора да плаќаме такси, кое само во еден правец ни зема 450 денари. Не дај Боже да треба да одиме на прегледи во Куманово или Скопје. Немаме пари за тоа, нашето 5-члено семејство живее од 6.000 денари социјална помош. До нас може да се стигне само со теренско возило, а ако повикаме Итна помош треба многу време за да пристигне. Затоа, на лекар одиме само кога е нешто ептен итно, не можеме да си дозволиме редовно да го контролираме здравјето, велат сопружниците Јасмина и Раде Димитровски од кривопаланечкото село Луќе.
Ова е само една од многуте приказни кои ги раскажуваат жителите од ридско- планиските села во целата држава, кои немаат соодветна здравствена заштита.
Селото Луќе е едно од нив. Во него живеат околу 600 жители и предвидена е рурална амбуланта, но местото со години не е пополнето, затоа што нема заинтересирани лекари кои би сакале да работат како рурални доктори. Велат условите се исклучително тешки, а стимулациите од државата не се доволни. Од истите причини не функционираат и другите предвидени рурални амбуланти во Кривопаланечко и тоа во селата Огут, Жидилово и Мождивњак, кои опфаќаат близу 2.500 население. Жителите од овие села, но и од сите други селски населби во кривопаланечко, се принудени да избираат матични лекари од градот, затоа што не функционира ниту една рурална амбуланта. Се жалат дека имаат големи трошоци за обезбедување на терапија, лекарства, прегледи, контрола на здравствената состојба. Отежнатиот пристап до здравствените услуги, пак, видно влијае на нивниот квалитет на живот, особено на здравјето кое не можат редовно да го контролираат.
Во Старо Нагоричане, кое според последниот попис има 4.840 жители, работи само амбулантата во Арбанашко, а празни стојат амбулантите во Бајловце и Облавце.
Единствено во општина Ранковце, со околу 4.000 жители, се пополнети местата на двете рурални амбуланти, во селата Герман и Ранковце, додека во кратовско функционира амбулантата во Страцин, но нема рурален доктор во Секулица.
Забележително е, пак, што во општините Куманово и Липково не е предвидена ниту една рурална амбуланта.
Иако, Здравствениот дом Куманово, кој ја покрива и општина Старо Нагоричане, има свои амбуланти во сите поголени села во двете општини, повеќето од нив не се функционални.
„Имаме амбуланти во Старо Нагоричане, Бајловце, Облавце, Клечовце, Табановце, Горно Којнаре, Арбанашко, Љубодраг, Пчиња, Орачац, Жегљане и Доброшане. Ниту една од овие амбуланти не функционира преку Здравствениот дом Куманово. Единствено, рурална амбуланта има во селото Арбанашко, додека другите амбуланти се затворени и не работат. Откако дојдов на ова место, пред година и пол, ни еден доктор не покажа интерес да отвори ординација во руралните средини. Претпоставувам дека причината е поради тоа што нема доволен број на пациенти“, вели Фарук Алили, директор на Здравствен дом Куманово.
Состојбата со нефункционирање на руралните амбуланти е слична на територијата на целата држава. Главно се пополнети местата на руралните амбуланти што се наоѓаат во рамничарските подрачја, во близина на патиштата, но не и оние што се оддалечени од патните врски и здравствените установи.
Според податоците на ФЗОМ, празни се 47 рурални амбуланти, а пополнети 56. Матичните лекари предупредуваат дека дел од руралните лекари ги раскинуваат договорите и заминуваат во странство, заради што постои опасност да останат само 15-20 рурални амбуланти, односно само оние покрај магистралните патишта и во близина на урбаните заедници. Како главна причина ги наведуваат неисполнетите барања за поголема капитација и поголеми стимулации за да се обезбеди основна здравствена заштита за осигурениците од руралните подрачја, но и достоен статус на руралните лекари.
„Руралните амбуланти во близина на градовите и не се тоа во вистинска смисла на зборот. Руралните амбуланти се во планинските места, каде што се и најпотребни и кои уште во времето на СФРЈ се мапирани. Постои опасност тие да престанат со работа и во тој случај најверојатно ќе дојде до колапс на и онака малиот број на тимови на Итната медицинска помош на која ќе и требаат најмалку 3-4 часа за да стигнат и да интервенираат во руралното место. И ова пак ќе има огромни последици врз здравствената грижа на населението од руралните подрачја“, вели д-р Томче Додевски, специјалист по семејна медицина и матичен рурален лекар во селото Герман, општина Ранковце.
Додевски е еден од ретките лекари, кој веќе 15 години работи како рурален доктор и има околу 140 пациенти. Сепак, својот иден развој го гледа токму во оваа дејност и нема намера да се откаже од своите пациенти, кои живеат во планиско место, оддалечено од магистралниот пат 28 км и речиси 50 км од Здравствениот дом во Крива Паланка, како најблиска здравствена установа. Но,вели дека условите за работа стануваат се потешки, а укажувањата на руралните доктори ниту се прифаќаат, ниту се земаат в предвид.
Со години тој и неговите петнаесетина колеги на ниво на државата бараат месечната капитација за планинските рурални амбуланти, оддалечени од патиштата и урбаните средини, од седумдесетина да се зголеми на 100.000 денари, со додаток за руралност и оддалеченост и стимулација од 10%. Тогаш, сметаат тие, голем дел од руралните амбуланти ќе профункционираат.
„ Ние, лекарите од планинските подрачја, не можеме да оствариме дополнителни средства од зголемен број на пациенти, затоа што тоа е невозможно во овие реони. Пациентите се главно стари луѓе, додека младите се иселуваат, така што нивниот број може само да се намалува. Доколку и се зголеми бројот на нови пациенти, сепак остануваме во истата групата до 600 осигуреници, што значи иста капитација, а само поголеми трошоци“, појаснува д-р Додевски.
За руралните доктори проблем е и тоа што амбулантите за кои плаќаат кирија, во добар дел се руинирани, а здравствените домови не вложуваат во нивна обнова, иако имаат таква обврска.
„Амбулантата во Ранковце е пред распаѓање. Кровната конструција е целосно уништена, нема греење, нема услови за работа. Како општина направивме првична проценка за санација на објектот и имаме испратено барање до Министерството за здравство. Во општината нема ни лабораторија, стоматолог, а руралниот лекар работи само една смена, па така жителите се приморани поголем дел од здравствените услуги да ги бараат во Крива Паланка“, вели градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски.
Истовремено, руралните лекари немаат опрема, амбулантни возила, а на товар им е, велат, и обврската за вработување на медицинска сестра.Ако таа ја напушти работата, амбулантата мора да се затвори, тешко се наоѓа нов кадар, а поголема плата немаат можност да понудат. Затоа, велат, се добива впечаток дека руралните амбуланти се замислени така никогаш да не профункционираат и бараат или да се зголеми капитацијата или да бидат ослободени од обврската да вработат медицинска сестра.
Од Фондот за здравствено осигурување, пак, велат дека руралните доктори имаат солидни услови за работа, одредени со Законот за здравствено осигурување и одредбите на Правилникот за начинот на плаќање на здравствените услуги во примарната здравствена заштита.
„Во руралните подрачја, во кои според редовните правила за плаќање на здравствените услуги во примарната здравствена заштита лекарите остваруваат помалку од 1800 поени, Фондот плаќа зголемена капитација заради обезбедување на здравствена заштита на осигурените лица во тие подрачја. Вкупниот износ на капитација Фондот го зголемува со поени по основ на рурални подрачја, во зависност од бројот на осигурени лица кои извршиле избор, најмногу до 1800 поени“, појаснува Ирфан Лимани, директор на Секторот за комуникации и административна поддршка при ФЗО.
Од друга страна, значењето на руралниот доктор го потврдуваат жителите од Герман, Пклиште, Криви Камен и Станча, кои ги покрива Додевски, а кои велат дека тој е единствениот спас за нив. Имаат среќа што Додевски е крајно посветен лекар, кој не ја затвора ординацијата во 15 часот, туку живее во Герман, достапен им е 24 часа, а често останува и за викендите, наместо да оди во својот дом во Скопје. Во зимски услови кога Герман многу често останува отсечен поради снежните навеви, а патиштата се завеани, д-р Томче и пеш се пробива до пациентите, а се случувало повеќепати мештаните на коњ да го носат до амбулантата.
„Никогаш не не оставил и не наоѓа изговори за да не дојде до нас и да не лекува. Ние сме главно стари и болни, децата ни се на печалба, тој ни е најголема поткрепа. Не смееме ни да помислиме да си замине. Без него нема живот за нас“, велат жителите од Герман.
Директорот на Здравствениот дом во Куманово, Алили, пак, смета дека и покрај тоа што нема рурални амбуланти, пациентите не се оставени без целосна здравствена заштита, бидејќи оваа здравствена установа, преку службите за итна медицинска помош и домашна посета ги покрива нивните итни потреби. Службата за домашна посета дневно има по 350 термини во двете општини, Куманово и Старо Нагоричане, вклучувајќи ги и руралните места.
„Имаме доста пациенти од овие села кои примаат терапија, наши екипи од домашна посета секојдневно одат кај нив и по 50 километри. Ја релизираме и услугата мобилен лекар, преку која правиме контролни прегледи на жителите на селските средини. Ние толку можеме, немаме услови да обезбедиме секојдневна здравствена заштита, затоа што немаме доволно лекари кои ќе работат во овие средини. Но, постојано се осипуваат вработените, затоа што платите се мали и нема специјализации, па младите доктори не се гледаат тука. Двајца доктори од Итната медицинска помош тукушто ни заминаа. Со овој проблем треба да се позанимава Министерството за здравство и да најде решение на национално ниво. Ние без проблем ќе го реализираме по нивните насоки и ќе формираме тим кој секојдневно ќе ги посетува овие села и ќе прегледува во постоечките амбуланти“, објаснува Алили.
Во Општина Липково, пак, веќе две години работи посебен Здравствен дом, со итна медицинска помош, Служба за домашна посета и лабораторија, а селските амбуланти во Слупчане, Лојане и Матејче се дадени под концесија и во нив свои ординации имаат матични лекари.
(Тим Кумановоњуз)