×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Синиша Кашавелски: Во Македонија ме убедуваа дека не ме бива, во Лувр ме поканија да го подигнам квалитетот на француската ликовна сцена

    09.03.2024 15:30 | Оливера Пешевска , Жаклина Цветковска

    Најтешко е да си пророк во своето село, ќе рече светски познатиот сликар од Куманово, Синиша Кашавелски, со што уште еднаш ќе ја потврди вистинитоста на познатата изрека која важи за нашиот менталитет- се додека не те признае светот, дома си никој и ништо.

    Синиша Кашавелски: Во Македонија ме убедуваа дека не ме бива, во Лувр ме поканија да го подигнам квалитетот на француската ликовна сцена

    И навистина, неговата неверојатна професионална кариера со огромен број одличја, признанија и награди во светот, ја следи приказната за отфрлање, одбивање и потценување на неговото творештво во уметничките кругови на сопствената земја. Дури откако ќе го признае меѓународната ликовна сцена, ќе му се отворат вратите во Македонија и ќе биде ценет во домашни рамки.

    Синиша Кашавелски е меѓу Топ 10-те реалисти во светот, изложувал во Франција, Германија, Италија, Њујорк, Сингапур, во Пекинг во галерија која е меѓу најпрестижните во светски рамки, буквално нема земја каде што немал изложба или свое дело. Апсолутен победник е на бројни интернационални конкурси како што е Marchionni Prize“ во Сардинија, Италија, Гран при на „Art Eхpo“ во Венеција,  Jumbish World Art Competition во Индија со делото „Судбоносно време“ кое е наградено и во Рим и Америка и многу други. Најновото признание кое уметникот го доби деновиве, пак, е специјалната награда Artelibre на ModPortrait Contest, а награденото дело оди на изложбата на финалистите на Европскиот музеј за модерна уметност MEAM во Шпанија.

    Овој извонреден уметник за себе вели дека не е човек од зборови, дека најдобро работи со рацете, упорен е и амбициозен да биде најдобар, или отфрла се. Неговиот невообичаен професионален успех почнува пред 12 години кога домашната уметничка фела ќе му каже „не“ и ќе го одбие неговото пријавено дело на Зимскиот салон во 2012 година во Скопје. Но, затоа, пак, Зимскиот салон во Париз, Art Capital, еден од најголемите и најстари  во светот, со традиција од над 200-300 години и со учество на над 2.000 уметници, ќе го препознае и награди талентот на кумановскиот сликар.

    „Интересно е што во Париз конкурирав со истата слика која ја одбија на македонскиот зимски салон и добив бронзена награда. Бев шокиран од самото тоа што влегов на изложбата и бев селектиран да го изложам своето дело, а не пак што добив и награда. Затоа, ова го сметам за почеток на мојот интернационален успех. Потоа, следуваа сребрената, па златната награда, и оттогаш редовно изложувам во Парискиот зимски салон“, вели Кашавелски во разговор за Кумановоњуз.

    Франција ќе се покаже судбоносна за Кашавелски, бидејќи по потврдениот успех го зачлениле во Друштвото на француски уметници, па во Друштвото на уметници на Академијата на Франција, а добил и Орден за заслуги во уметноста во Франција. Сепак, најголемото изненадување и уште еден шок следува во 2015 година кога во конкуренција од над 600 уметници од целиот свет, ќе добие Гранд при за сликарство за делото „Искушение“ на изложбата на „Салонот на убави уметности“ што под Стаклената пирамида во Лувр ја организира Националното здружение на ликовни уметници на Франција.

    „Кога ќе пораснеш со чувство на инфериорност дека не си доволно добар и тогаш некој од Франција ти пишува „Те молиме да учествуваш кај нас на изложбата во Лувр за да го подигнеме нивото и квалитетот на изложбата“, секако дека е голем шок. Си мислиш кој сум јас од Куманово, Македонија, да кревам квалитет на француска ликовна сцена. Тие 2-3 години навистина беа апсолутен шок, бидејќи кога одеднаш ќе се вивнеш прилично високо треба време додека да се снајдеш“, коментира уметникот.

    Кашавелски денес не се сомнева во себеси и смета дека може да ги исполни очекувањата и на публиката, и на кураторите и колекционерите. Но, не секогаш било така, особено кога како млад уметник на домашната сцена го трасирал својот пат, кој бил многу трнлив додека да влезе во „клубот“ на признаени уметници.  Израснат во сиромашна средина во Куманово, дури и во Скопје каде секој бил некој и нешто, било проблем да се пробиеш. Иако бил ученик на генерацијата во „Лазар Личеноски“ и студент на генерацијата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, младиот ентузијаст не добивал поддршка од никаде и никого.

    „Многу малку се занимавав со уметност, имаше бојкот кон мене. Јас работев реализам, кој не беше популарен. Во тоа време сите врати ми беа затворени, дали зборуваме за ликовна колонија или за изложба. Во еден момент, на кратко и ме убедија дека навистина не сум добар во тоа што го работам. Кога за првпат конкурирав во ДЛУМ ме одбија. Јас сум еден од неколкумината што се одбиени, за по не знам колку време да ме примат, но и тогаш со коментар дека ми прогледале низ прсти. Четири пати ме одбиваа и од Зимскиот салон на ДЛУМ за истата слика со која добив награда во Париз, а тука беше проблем и да направам изложба. Но, тоа и стимулира, да не се случувале работите така, можеби никогаш не би излегол надвор и не би направил меѓународен успех“, го споделува своето исуство Кашавелски.

    Друг проблематичен аспект во неговата кариера бил реализмот кој многумина го сметале за кич, особено од 80-те години кога најпопуларна била апстракцијата и сите биле „навлечени“ на тој стил.

    „Не се вклопував во тоа време, се издвојував, бев анахрон. Тогаш за да бидеш модерен, требаше да создаваш апстрактна уметност. Но, искрено, јас ја почитувам, но не ја сакам, и ден денеска не ја сакам. Јас само го работев она што го чувствувам, без да размислувам или да калкулирам со моментот“, вели авторот.

    Заради своите принципи со кои не прави комромис и од кои не отстапува ни по цена на кариерата, ни по цена на материјалната добивка, имало периоди кога најмалку се занимавал со уметност. Се посветил на музика, правел мебел, рамки... Иако дипломирал вајарство, незадоволен од оценката на дипломската, инаку 9-ка, со чекан ги искршил сите скулптури од метал на кои работел 2 години и решил да не биде вајар, туку сликар. Истото се случило и пред 10-тина години кога работел слики по нарачка за да може да ги плати сметките и да преживее. Сите слики ги изнел во дворот, ги запалил и одлучил - или ќе биде најдобар на свет или ништо. Не ја прифатил ниту педагошката работа, бидејќи сметал дека нема да биде добар професор.

    „Кога ќе го завршиш факултетот мислиш дека си Рембрант, целиот свет е твој, ќе црташ, ќе бидеш популарен. И кога на 35 години правиш пресек, се судираш со реалноста. Тогаш бев потполно разочаран, немав ниту една изложба зад себе, немав слика, дело, а веќе се наоѓам на средината од животот. Тогаш еден другар од Австралија ми го промени животниот концепт. Ме праша дали имам стратегија за себе, сакам ли да бидам светски или локален сликар и ми рече: „Ако се давиш, дави се во голема вода, а не во бара“, натпреварувај се со големите. Така се роди и моето мото„ Или ќе бидеш најдобар, или ништо“. А зошто некој друг уметник би бил подобар од мене? Имаме иста глава меѓу ушите, две раце, но најбитна е самодовербата и колку си го избрусил талентот. Сега чувствувам дека можам и умеам“, вели Кашавелски за своите пресудни моменти.

    Ексцентричноста, пак, која ја има секој уметник кај Кашавелски се совпаѓа со неговата реализираност, самоисполнетост и длабока припадност на исконската средина во која природно опстојува. Иако му било сон да има ателје во Париз, кога имал можност да има атеље во Франција и тоа во Сент Пол, место меѓу Ница и Кан, на Азурниот брег, каде атељеа имале Пикасо и Кандински, Кашавелски се вратил дома.
      
    „Интересно е, преубаво, на врвот на светот си, но по некое време сфаќаш дека не си дел од тоа, започнува да ти недостасува Куманово и пријателите. Одлучив матичната база да ми биде тука, во Македонија. Направив летно атеље во Старо Нагоричане во близина на Пчиња со поглед на Козјак и на Кокино,  прекрасен амбиент и атмосфера за работа. Таму работам летно време во некој мој свет. Убаво е да отидеш на друго место, но секогаш ќе се враќам дома “, објаснува Кашавелски. 

    Вели дека е многу убаво кога уметникот ќе дојде во фаза да работи и твори, а тоа на некому да му се допаѓа, а не да биде по нарачка. Смета дека тоа што го работи е занимливо и привлечно, но дека сега се бега од класичен реализам и дека е важно делото убаво да го спакуваш, да е актуелно и помодерно. Не сака да објаснува што сакал да каже со одредена слика, бидејќи ги доживува виртуелно и не знае да ги вербализира, или како што посочил еден француски критичар тоа е ребусно сликарство со загатки и дешифрирање. Посочува дека најдобрите дела ги насликал за ден - два, а на некои поторошил и половина година и биле „ катастрофа“.

    Она за што жали е дека „му снемува време“, а се уште не го дал својот максимум. Затоа, станува фанатик во работата, на што му забележува и неговото семејство.

    „Мене не ме замара работата. Мене ми е мака кога треба да одам на одмор и да седам бесполезно на плажа, а јас за тоа време ќе сликам. Јас сум зависен од работата, секој убав збор или награда е преубаво чувство кое те храни и стимулира да одиш напред, да работиш, дава енергија, што секако мора да има и жртва, и тоа, за жал, најчесто е фамилијата“, искрен е Кашавелски.

    Иако тој ја немал поддршката од родителите кога ја избрал уметноста, не го попречувал изборот на неговите две деца да продолжат по неговиот пат. Денес неговата ќерката е дипломиран сликар, а синот дипломиран вајар. Свесен е дека ним им е потешко, затоа што носат познато презиме, но и горд е на нивните успеси.

    „Ќерка ми дипломираше пред 2 години, а оваа година и таа учествуваше на Зимскиот салон во Париз и доби бронзена медала. Јас ја добив на повеќе од 40 години, таа на 25 и има одличен почеток. И сега само во јануари доби 3 награди, има свои слики во Франција, Шведска, Дубаи, што е огромно постигнување за неа. Син ми дипломираше лани, работи на своите скулптури и подготвува изложба“, објаснува познатиот сликар.

    За неговите дела има голема побарувачка на уметничкиот пазар, а моментално се е однапред резервирано и продадено. Затоа, конечно сфатил дека неговото име и творештво треба да бидат брендирани, па неодамна склучил договор со консултанска куќа од Швајцарија која има задача да изработи стратегиски план за маркетиншки цели.

    И од своето Куманово признание добил дури во 2022 година кога му доделиле Ноемвриската награда. На локалните љубители на уметноста, сака да им се оддолжи со изложба планирана оваа година.

    На крајот ќе каже дека тој не е посебен, бидејќи секој трет е талентиран, но тој е само доволно тврдоглав и упорен да го искористи тоа.

    (Фото. Приватна архива)