Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Нашиот преглед на вести коишто биле објавени за „Конвојот на слободата“ покажа дека станува збор за стотици информации на различни медиуми, и пишани и електронски. Па, наспроти тврдењето изнесено во оваа објава на Фејсбук, не се забележува никаква селективност или избегнување да се известува за овој настан. Кај нас речиси нема медиум кој не известува за протестите во Отава и тоа со фотографии, текстови, видеоматеријали и извештаи во низа
Фото: Принтскрин видео Јутјуб
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се изнесени дезинформации поврзани со начинот на кој македонските медиуми известуваат за настанот во Канада, каде возачи на камиони протестираат и ги блокираат сообраќајниците. Во постот, меѓу другото, се вели:
Медиумите се главниот генератор на лагите! Гебелс им е идол! Колку случувања има низ светот а не ги објавуваат, но објавуваат вести кои и не се посебни вести, само да му го перат мозокот на народот или да го дефокусираат од битните проблеми. Како на пример, авионска линија Софија Скопје, објавена како бомбастична вест, а камионџиите во Канада не ги споменува. Има милиони примери, но ние тоа го следиме на Фејсбук, а медиумите управувани од хунатата, презентираат нарачани вести! Така е и со таканаречениот вирус ковид!
Станува збор за настанот наречен „Конвој на слободата“, кој почна во Отава, а каде камионџиите се противат на вакцинацијата против ковид-19.
Меѓутоа, наспроти дезинформацијата во постот што го рецензираме, дека македонските медиуми го игнорираат овој настан, фактите го покажуваат токму спротивното – кај нас речиси нема медиум кој не известува за протестите во Отава и тоа со фотографии, текстови, видеоматеријали и извештаи во низа. Тоа што медиумите известуваат и за други тековни активности и настани кои се случуваат во Северна Македонија, а кои се исто така од јавен интерес, не значи, како што се тврди во постот, дека „не ги споменуваат камионџиите во Канада“.
„Вистиномер“ изврши пребарување на написите и медиумските содржини на оваа тема кои биле објавувани од огромен број на медиуми во државата. Истите може да ги погледнете на следниот линк, и од листата станува евидентно дека станува збор за медиумски содржини пласирани со денови, од самиот старт на конвојот на слободата се до денес! Македонските медиуми не само што известуваат за канадскиот конвој на слободата, туку и известуваат дека слични настани се планирани и во европските метрополи, како на пример во Брисел.
Оваа информација ја објави државниот новински сервис МИА, од каде што со информации се снабдуваат огромен број медиуми во земјава, што значи дека информација којашто ќе ја објави МИА, честопати се наоѓа објавена и во други медиуми.
Телевизиите, исто така, не пропуштаат да известат за овој настан, така што не станува збор само за печатени медиуми.
Тие дури и известуваат за пошироки аспекти, а не само за протестот, како на пример за тоа дека истиот предизвикал затворање на фабрика во Канада.
Со оглед на тоа што новинарските вести и извештаи, се подготвуваат по професионално утврдени критериуми, вредно е да се напомене дека вестите и информациите кои доаѓаат од географски поблиски средини, се поимпактни за граѓаните отколку тие што доаѓаат од подалеку. Ова не значи дека медиумите не известуваат и за настани од светот, но тие поради критериумот на блискост најчесто се презентираат во вториот дел од вестите, иако ова не е секогаш случај. Прво се презентираат вестите од Македонија, а потоа од регионот и светот, освен по исклучок доколку не станува збор за исклучително светски атрактивен, импактен настан.
Нашиот преглед на вести коишто биле објавени за „Конвојот на слободата“ покажа дека станува збор за стотици објави, на различни медиуми и пишани и електронски. Па наспроти тврдењето изнесено во оваа објава на Фејсбук, не се забележува никаква селективност или избегнување да се известува за овој настан. Постот ја дезинформира јавноста дека медиумите во Северна Македонија не известуваат за протестот на камионџиите од Канада и истиот го оценуваме како невистинит.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар