Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сите научни докази говорат дека новите варијанти најмногу се шират помеѓу невакцинираните. Вирологот Фридеман Вебер од универзитетот „Јустус Либиг“ во Гисен е дециден дека невакцинираните лица се оние кои ја предизвикаат мутацијата на вирусот. Наспроти тврдењето во постот, научно е потврдено дека од вакцините не може да се инфицирате со коронавирусот. Вакцината не содржи никаков жив или активен дел од вирусот SARS-CoV-2
Пост на Фејсбук шири дезинформации дека новите соеви на коронавирусот се предизвикани од вакцините и дека токму најголемиот број на забoлени се вакцинирани лица.
Авторот пишува:
– Англија -123 186 случаи / 137 починати
– Италија – 50 599
– Ирска – 11182
– Франција – 92124 случаи. (Претседателот Макрон ке најави нови мерки за заштита од вирусот)
Потсетување дека сите овие земји се со најголем процент на вакцинирани жители со 2/3 дози. Прашање е каде испари имунизацијата од вакцините ? Нели вакцините беа спасот ?
Ова тврдење е манипулативно. Впрочем, сите научни докази го тврдат спротивното, новите варијанти најмногу се шират помеѓу невакцинираните.
Инфекциите со ковид се искачија на невидено ниво во последниве недели поради варијантата омикрон.
Варијантата омикрон се шири полесно од оригиналниот вирус SARS-CoV-2. ЦДЦ очекува дека секој со Омикрон инфекција може да го пренесе вирусот на други, дури и ако се вакцинирани или немаат симптоми, информираат од ЦДЦ.
Но, како што сугерираа раните докази, оваа варијанта предизвикува поблаги симптоми. Ова го покажува и падот на процентот на откриени случаи кои завршуваат во болница, којшто сега е петпати помал отколку пред една година.
Ова е во голема мера благодарение на огромната количина на имунитет што се изгради кај населението или преку вакцинација или преку инфекција, пренесува BBC.
Варијантата омикрон брзо се шири и има потенцијал да влијае на сите аспекти на нашето општество. Новите препораки на ЦДЦ за изолација и карантин го урамнотежуваат она што го знаеме за ширењето на вирусот и заштитата што ја обезбедуваат вакцинацијата и засилените дози. Овие ажурирања обезбедуваат луѓето безбедно да го продолжат својот секојдневен живот. Превенцијата е нашата најдобра опција: вакцинирајте се, зајакнете се, носете маска во јавни затворени простории во области со значителен и висок пренос на заедницата.
Дополнително, во согласност со нашата претходна препорака за возрасни, ЦДЦ препорачува умерено или сериозно имуно компромитирани 5-11-годишни деца да добијат дополнителна примарна доза на вакцина 28 дена по нивното второ инјектирање. Во моментов, само вакцината Pfizer-BioNTech COVID-19 е одобрена и се препорачува за деца на возраст од 5-11 години, повикуваат од ЦДЦ.
Впрочем и сите анализи на Министерството за здравство во изминатиот период докажаа дека најголемиот процент од хоспитализираните лица се невакцинирани.
Светската здравствена организација (СЗО) постојано апелира дека најбрзиот начин да се стави крај на пандемијата е вакцините да се достапни за секого и секаде.
Милиони луѓе безбедно примиле вакцини против ковид-19. Сите одобрени вакцини за ковид-19 се внимателно тестирани и продолжуваат да се следат.Сите научни студии докажаа дека вакцините се ефикасни и безбедни, апелираат од СЗО.
Во вториот дел од објавата авторот споделува мислење на францускиот нобеловец дека новите соеви на вирусот се предизвикани од вакцините.
Еве што вели Нобеловецот Luc Montagnier
– “Ковид вакцините се причината за новите сојој”.
Кога признат научник од ваков калибар вели така, тоа е аларм за будење, дека многу нешта не се како што ни тропари и наметнуват квази науката и зомбите во бели мантили. Особено фактот што истата таа квази наука наметнуват вакцини за малите деца.
Да потенцирам дека во постов се изнесени официјални информации од меин стрим медиуми и научници.
(Лук Монтагниер е Француски вирологист кој ја сподели Нобеловата Награда во 2008 со други двајца научници за неговиот придонес во откривањето на ХИВ вирусот кој е причина за СИДАТА.), пишува во постот.
Но, токму оваа изјава на Лук Монтание, француски виролог и добитник на Нобеловата награда за медицина во 2008 година, на која авторот на објавата ги базира своите тврдења, наиде на голем број критики во светската јавност и оценета е како неточна.
Сметаме дека овие тврдења се лажни. Нема докази дека вакцините создаваат повеќе варијанти. Всушност, повеќето човечки вакцини не се поткопани од микробната еволуција. Варијанти на вирусот SARS-COV-2 се создаваат по случаен избор, преку масовно ширење на вирусот. Вакцинацијата е дел од решението за сузбивање на преносите. Речиси сите одобрени вакцини против COVID кои се користат кај луѓето спречуваат асимптоматска инфекција и ширење. Кога вирусот широко циркулира во популацијата и предизвикува многу инфекции, веројатноста вирусот да мутира се зголемува. Колку повеќе можности има вирусот да се шири, толку повеќе се реплицира – и толку повеќе можности има да претрпи промени , стои во објавата на фактчекерите за News wise.
„Вистиномер“ неодамна, повикувајќи се на официјални научни анализи, факти и изјави на врвни научници, оцени дека не е точно тврдењето дека омикрон е производ на вакцинацијата.
Вирологот Фридеман Вебер од универзитетот „Јустус Либиг“ во Гисен, во интервју за ДВ појаснува дека не се вакцинираните, туку невакцинираните лица оние кои ја предизвикале мутацијата.
Заразените лица предизвикаа нов сој и заобиколување на имуниот систем, вели тој. Тоа го укажува ситуацијата во Индија, Бразил и Јужна Африка. Таму се настанати сега проширените варијатни, а бројот на вакцинирани лица е многу мал. Мутациите се појавуваат токму во земјите во кои се уште не е достигната висока квота на вакцинирани лица и многу луѓе се мешаат во мал простор, вели Вебер за ДВ.
За да се размножуваат вирусите својот генетски материјал го аплицираат на клетката домаќин. При секоја репродукција се појавуваат мали грешки во копирањето на тој генетски материјал и секоја од тие грешки го менува и генетскиот код на вирусот, односно тој постојано мутира и тоа е сосем нормална појава. Некои такви мутации го прават вирусот поефикасен, на пример кога благодарение на нив може да помине незабележан од имуниот систем и покрај вакцина или прележана болест, а некои од нив го заслабнуваат. Во еволуцијата на соеви на вирусот важи правилото дека се наметнува најсилната мутација. Во однос на коронавирусот тоа значи дека соевите кои се повирулентни ги потиснуваат помалку опасните варијанти на вирусот.
Д-р Азиз Ахмет Сурел, главен лекар и координатор на Градската болница во Анкара, истакнува дека мутациите на ковид-19 забрзано продолжуваат поради невакцинирани лица.
Секоја мутација значи поинаков вирус од вирусот за кој е подготвена вакцината. Затоа, сѐ додека има невакцинирана популација, тоа ќе го отвора патот за нови мутации и ќе ја доведува во опасност безбедноста на оние кои се вакцинирани, предупредува тој.
Научната јавност е децидна дека најважниот фактор што го зголемува ризикот од мутации е ширењето на вирусот. Колку вирусот повеќе се шири на одредено место, толку е поголема веројатноста за уникатна мутација. Имено, варијантите на вирусите не се појавуваат поради тоа што луѓето се вакцинираат, ниту пак, поради вакцините. Напротив, масовната вакцинација може да ги спречи варијантите.
Научно е потврдено дека од вакцините не може да се инфицирате со коронавирусот. Вакцината не содржи никаков жив или активен дел од вирусот ковид-19.
Ниту една авторизирана вакцина против ковид-19 не содржи жив вирус кој предизвикува ковид-19. Вакцината поради тоа не може да ве зарази со ковид-19, пишува на страницата на ЦДЦ.
Поради изнесените факти оваа објава ја оценуваме како неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар