Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Како што соопштија здравствените власти, скринингот ќе се спроведува исклучително со согласност од родителите. Таква согласност беше испратена до сите родители и само оние кои ќе ја потпишат согласноста, нивното дете ќе биде тестирано за коронавирус. Со ПЦР тестовите се бараат знаците на активната инфекција, а примерокот што се користи за тестирањето е брис, кој се зема подлабоко од грлото со стапче со памучен врв. На овој памучен врв нема ништо друго освен памук. Потоа, овој примерок под посебни услови се испраќа на испитување во лабораторија. Со тестовите не се врши вакцинација на луѓето
Фото: pixabay.com
Пост на Фејсбук пласира информации кои не кореспондираат со реалноста и со фактите. Според напишаното во објавата што ја анализираме, во училиштата почнал да се спроведува „геноциден експеримент“ преку „тестирањето на децата за коронавирус“.
Станува збор за лажна информација, во која се вели:
ОД ДЕНЕС ПОЧНА ФАШИЗМОТ ВО УЧИЛИШТАТА ГЕНОЦИДЕН ЕКСПЕРИМЕНТ ВРЗ НАШИТЕ ДЕЦА️
~МАСОВЕН БОЈКОТ НА УЧИЛИШТАТА~
Така почна за сите нас претходно, со исти фашистички методи.
УСЛОВУВАЊА И ПРИНУДА ЗА ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО НА УЧИЛИШТЕ
1. Тестирање со потпис на родител.
2. Задолжително тестирање без потпис на родител.
3. Вакцинирање со потпис на родител.
4. Задолжително вакцинирање без потпис на родител.
5. Тестирањата може да бидат причина за болест кај децата, по случаен избор “кому иде”, дури и “вакцина”! ( контаминирани тестови)
▪︎ПРЕКУ ТЕСТИРАЊАТА ЌЕ МАНИПУЛИРААТ СО БРОЈКИ НА ЗАРАЗЕНИ, БОЛНИ, А ДЕЦАТА ЌЕ ГИ ОБВИНАТ ЗА ШИРЕЊЕ НА ЗАРАЗА!
▪︎НЕСОВЕСНИТЕ РОДИТЕЛИТЕ СВОЕТО ДЕТЕ ДОБРОВОЛНО ЌЕ ГО ПРЕДАДАТ ВО КАНЏИТЕ НА ЗЛОТО !
МАСКАТА ОБВРЗЕН ДЕКОР
ТАКА ФУНКЦИОНИРА ФАШИЗМОТ!
Еден од начините за одбивање на тестирањето, го имате во ова видео НАЈДОБАР НАЧИН ЗА СПАС НА ДЕЦАТА – МАСОВЕН БОЈКОТ НА УЧИЛИШТАТА!
Во објавата се тврди дека тестирањето на децата за коронавирус во училиштата ќе биде задолжително и без потпис на родител. Ова не е точно. Како што соопштија здравствените власти, скринингот ќе се спроведува исклучително со согласност од родителите. Таква согласност беше испратена до сите родители и само оние кои ќе ја потпишат согласноста, нивното дете ќе биде тестирано за коронавирус.
Министерството за здравство на 18 февруари годинава соопшти дека почнал скринингот во училиштата и дека е завршена првата фаза за добивање и обработка на согласностите од родителите. Според министерството, голем е интересот за учество во скринингот и досега се добиени околу 5.000 согласности од родители на деца во основните училишта во Скопје.
Врз основа на добиените согласности, направен е план и распоред за реализација на скринингот на терен и тој веќе се врши во неколку основни училишта во Скопје. Скринигот продолжува во понеделник. Во рамки на првата фаза ќе бидат опфатени училиштата на територија на град Скопје, а ќе бидат вклучени медицински екипи од Центарот за јавно здравје и Здравствениот дом Скопје, информираше Министерството за здравство.
Скринингот во училиштата нема за цел да ги убие децата, односно да се изврши геноцид врз нив, како што неосновано се тврди и обвинува во постот, туку тој има за цел, како што соопштија од Комисијата за здравствени болести, да овозможи да се види каква е трансмисијата на ковид-19 меѓу учениците.
Тестирањето трае помалку од една минута, тоа е безболно и безбедно, односно е исто како и секое земање брис од грло или од носна шуплина. Скринингот се спроведува поради зголемениот број новозаболени ученици. Од комисијата посочија дека во средните училишта состојбата е стабилна, но дека истата ќе се следи. Скринингот ќе го спроведат тимови од здравствени работници кои согласно методологијата што е утврдена ќе ги соберат податоците, кои ќе бидат доставени на анализа во Институтот за јавно здравје и епидемиолошките служби, со цел да се добие реална слика за тоа како се пренесува вирусот во основните училишта.
Комисијата донесе заклучок внимателно да се следи и анализира состојбата во училиштата и доколку се утврди какво било зголемување на бројките помеѓу учениците во однос на новозаразени да се направат скрининг тестирања во училиштата со цел да се утврди реалната состојба и опасноста за поширока трансмисија на вирусот помеѓу учениците. Започнуваме со скрининг во основните училишта каде бројката на новозаразени е зголемена. Во средните училиште таква состојба нема. Таму се следи епидемиолошката состојба и согласно извештаите од Институтот за јавно здравје е стабилна. Меѓутоа, загрижувачките бројки кои ги добивме од основните училишта беа аларм да иницираме и да аплицираме еден ваков скрининг која ќе ни покаже каква е трансмисијата во основните училишта, рече на прес-конференција портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ.
Присуството на коронавирусот кај луѓето се детектира со помош на ПЦР тестовите и брзите антигенски тестови. И за тестовите досега многупати се ширеле лажни вести дека тие се отровни, дека содржат графен оксид и слично.
Познато е дека молекуларниот тест (ПЦР тестот), со којшто се детектира коронавирусот, е одобрен од Светската здравствена организација (СЗО), тој е безбеден и за таа цел се применува насекаде во светот за време на пандемијата со ковид-19.
Шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах уште во април 2020 година за МИА изјави дека според упатствата на СЗО, ПЦР тестот е направен да го детектира самиот вирус, односно антигенот.
Со овие тестови се бараат знаците на активната инфекција, а примерокот што се користи за тестирањето е брис, кој се зема подлабоко од грлото со стапче со памучен врв. На овој памучен врв нема ништо друго освен памук. Потоа, овој примерок под посебни услови се испраќа на испитување во лабораторија.
Со тестовите не се врши вакцинација на луѓето. Вистината е дека тестот за детекција на коронавирусот не е назална вакцина и со него не се допира мозокот. Вакцините не функционираат на таков начин и нема никаква теоретска можност да се вакцинирате преку брис од нос и од грло.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека постот кој го анализираме е невистинит. Факт е дека скринингот на учениците е доброволен и негова единствена цел е да се види реалната слика на заразени деца во училиштата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар