Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Агенцијата работат 45 луѓе од кои половина се чувари. Според систематизацијата таму треба да има 75 вработени. Илјадници возила чекаат пресуди од судовите. Вредноста на одземениот имот е индикатор за (не)функционирањето на системот за борба против корупцијата
Фото: ФБ страница на Агенцијата за управување со одземен имот
Пишува: Горан Лефков
Доколку сакате да го утврдите степенот на борба против корупцијата во една држава, погледнете ја само висината на одземениот имот. Во земјите што силно се борат против корупцијата оваа бројка е голема. Во Словенија, на пример, за 2017 година државата имаше одземено имот вреден над 300 милиони евра по пресуди за криминал и корупција. Кај нас истата година имаше околу половина милион евра по разни основи.
За Димитар Николовски, извршен директор на Евтотинк – Центар за Европски стратегии, епилогот од целиот систем за борба против корупцијата се гледа во бројките на Агенцијата за управување со одземен имот. А, пораката што ја испраќаме преку нив не е многу добра.
Кога ќе се гледа во целина системот за борба против корупција, тој испраќа порака на луѓето кои се бават со корупција дека не треба да се плашат бидејќи нивниот нелегално стекнат имот од кривични дела никој не го чепка. Државата не влева страв кај криминалците во однос на одземањето на имотот, вели Николовски.
Тој како илустрација го посочува следниот пример:
Некој вработен во државна администрација или кој било сторител на кривични дела, ако работи чесна работа и зема 500 евра плата, за 20 години, (колку што е највисоката казна во Северна Македонија), ќе заработи 120.000 евра. Нему му е исплатливо во државава да влезе во криминал, да заработи 200.000 или 300.000 евра и да ги одлежи дури и 20 години во затвор, бидејќи имотот му е безбеден заради неефикасноста на институциите. Со еден збор корупцијата во Северна Македонија им е исплатлива, вели Николовски.
Недостатокот на кадри и услови за работа што се забележува во системот за борба против корупција, не ја одмина ниту Агенцијата за управување со одземен имот. Според систематизацијата во Агенцијата треба да има 75 вработени, но таму има само 45 луѓе од кои 25 се чувари.
Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани вели дека со ресурсите и луѓето со кои располага Агенцијата и ова што досега е направено е успех.
Агенцијата функционира од 2009 година, за првпат е направено продажно одделение во 2020 година. Со овие ресурси што ги затекнав, имам 5 пати поголем успех и во време и во предмети. Тоа што тие (претходното раководство на Aгенцијата н.з.) го направија во 8 години, јас имам 5 пати повеќе остварено во 4 години, вели Асани.
Тој додава дека од годинава се преместени во нови простории, во коишто има простор да ги чуваат документите и архивата. Претходно целата институција со 20 вработени беше сместена во 200 метри квадратни.
Поранешниот член на Антикорупциска Комисија, Ариф Муса смета дека односот на државата кон Агенцијата за управување со одземен имот е недозволив.
Ова е административно прашање кое покажува колку Владата е заинтересирана да ја екипира Агенцијата за управување со одземен имот. Интересот на партиите е да ја натрупаат јавната администрација, по агенции и министерства, а онаму каде што навистина требаат луѓе за да работат, таму никој не испраќаат. Со тоа ја блокираат работата на институцијата. По другите институции немаат ниту столче каде да седнат, а ваму каде што треба да се работи, не ги екипираат институциите. Околу 5.000 клиентелистички административци седеа дома и земаа плата, не работеа ништо, додека институциите не добиваа потребни кадри, смета Муса.
Тој додава дека корупцијата на партиите доведува до апсурди. Никогаш немало повеќе вработени во администрацијата и никогаш повеќе не фалеле луѓе во администрацијата.
Од Агенцијата за управување со одземен имот посочуваат дека покрај неекипираноста, нефункционирањето на системот за борба против корупција им ги задава најголемите проблеми.
Агенцијата за управување со одземен имот треба да има готов производ, а тоа значи, конечна правосилна пресуда, вели директорот на Агенцијaта Асани.
Притоа го потенцира примерот со пресудата за одземениот имот од Сеад Кочан, каде треба да се одземе имот вреден 17 милиони евра којшто целосно е под хипотека во банката.
Ваквата состојба ја потврдува и Слаѓана Тасева, поранешен претседател на Антикорупциската комисија.
Кога започнува истрагата треба да лоцираме и имот што можеме утре да му го одземеме. Тоа го прават полицијата, Финансиската полиција, Управата за спречување на перење на пари – согласно Законот за кривична постапка ова се води под насоки на јавниот обвинител. Потоа јавниот обвинител треба на судот да му предложи имот што после може да се одземе во кривичната постапка. Со поднесувањето на обвинение треба да напишат конкретно, што е тоа што сакаат да се конфискува, заради тоа што е стекнато со криминал. Тие точно треба да наведат што е тоа што треба да се конфискува. Се ова за што зборувавме досега, не функционира. Го имаме на хартија, го имаме на закон, но го немаме во пракса, изјави Тасева за едно истражување на „Инбокс 7“,
Таа додава дека нашите обвинители и судии не си ја завршуваат работата претходно и кога ќе биде пресудата готова во неа ќе пишува се одземаат, на пример, 3 милиони денари. Ниту пишува од каде, ниту број на сметка ниту во каква форма. Никој претходно не го идентификувал конкретниот имот и сега Агенцијата почнува од почеток. Таа ќе трага дали лицето што има таква мерка има нешто што може да му се одземе. Тоа воопшто не е нивна работа по закон, смета Тасева.
Според поранешниот антикорупционер Муса ваквата состојба не оди во полза на борба против криминалот и корупцијата.
Проблемот со Агенцијата за одземен имот, навистина е за плачење. Заради неажурноста на судството, вредноста на одземените предмети сега е на нула. Некои од тие предмети може да се расипат, дури и да бидат штетни за околината, вели Муса.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар