Општинскиот фудбалски сојуз Куманово одржа годишно собрание
Во просториите на спортската сала во Куманово, во сабота се одржа годишното собрание на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Куманово.
Претседателот на ОФС Куманово, Александар Маневски, ги поздрави присутните и го презентираше извештајот за работата на сојузот за 2025 година.
„Помина првата година од моето назначување и задоволен сум од реализираното. Во овој период успеавме да спроведеме поголем дел од активностите што ги планиравме. Во оваа прилика уште еднаш сакам да му се заблагодарам на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, господинот Макар Омерагиќ, кој ми ја даде довербата и верува во работата на мене и мојот тим“, изјави Маневски.
На Собранието присуствуваше и Стојче Атанасовски, шеф на кабинетот на претседателот на Фудбалска федерација на Македонија. Од вкупно 35 делегати, присутни беа 27. На седницата беа усвоени финансискиот извештај и завршната сметка за 2025 година.
Беше верификуван мандатот на Еркан Јусуф како делегат во Собранието на ФФМ, на местото на Борче Лазаревски, кој стана член на Управниот одбор на ФФМ. Исто така, беа примени и нови членки – фудбалските клубови Лирија, Прогон и Ромали.