Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од перспектива на човековите права, 2021 година беше главно приказна за предавства и лицемерие во коридорите на моќта, се вели во Годишниот извештај на „Амнести Интернешнал“ за состојбата на човековите права во светот во 2021 година, објавен во март оваа година. Оваа организација секоја година глобално анализира каква е состојбата со човековите и граѓанските права во 154 држави вклучително и во Северна Македонија
Фото: pixabay.com
Пишува: Мирослава Бурнс
Во Извештајот се вели дека ветувањата да се изгради светот одново и посилен по ковид пандемијата, беа главно декларативни, а надежта за глобална соработка беа во сенка на трупањето вакцини на богатите држави и корпоративната алчност.
Владите ги репресираа независните и критичките мислења, а некои ја користеа пандемијата како подготовка дополнително да го намалат цивилниот простор. Но надежите за подобар свет после пандемијата беа одржувани живи од храбри индивидуалци, социјални движења и невладини организации, пишува во Извештајот.
„Амнести Интернешнал“ е движење од 10 милиони луѓе кое мобилизира хуманост и се бори за промени за сите да ги уживаат основните човекови права. Визијата на организацијата е свет во кој моќниците ги одржуваат своите ветувања, како и почитување на интернационалното право и одговорност. Движењето е независно од политичка идеологија, економски интереси, религија и се финансира преку членството и донации.
Во 2021 година, „мазните“ слогани беа мантрата: Ќе се издигнеме заедно посилни. Ветувањата за глобален ресет на економијата, на општествената агенда и намалувањето на корпоративната злоупотреба беа малку значајни. Ветувањата не се одржаа и повеќе луѓе беа извисени во сè повеќе места. Владите иако имаа избор, одбираа политики и патеки кои ги оддалечуваа луѓето од правата и дигнитетот. Системските нееднаквости на пандемијата не беа намалени, посочуваат оттаму.
Говорејќи за глобалните трендови, од организацијата „Амнести Интернешнал“ забележуваат дека сè почесто во светот се користи дигиталната технологија што претставува меч со две острици.
Можеше да се види дека властите понекогаш намерно го исклучуваа интернетот за да ги спречат луѓето да споделуваат информации за потенцијални протести и да организираат протести против репресијата во земјата. Тоа не е случајност, тоа е ставање сопки на цивилното општество, велат од Амнести Интернешнал.
Во делот што се однесува на Северна Македонија, анализирани се неколку области меѓу кои одговорност за кривични дела, тортура во затворите и други злоупотреби, слобода на изразување, слобода на здружување, насилство против жени и девојчиња, права на мигранти, дискриминација на Роми, права на ЛГБТИ заедницата.
Истрагите за сериозен криминал, вклучително и злоупотреби на човековите права од поранешната влада министри и политички фигури продолжија. Поранешниот челник на тајната полиција Сашо Мијалков и 10 поранешни полициски службеници и вработени, беа осудени во февруари за злоупотреби од незаконско прислушување откриено во 2015 година. Во јуни поранешниот спикер на парламентот и двајца министри се осудени за нивната улога во организирањето на упадот во Собранието во април 2017 година, кога 100 лица вклучително и пратеници беа повредени.
Во февруари Европскиот суд за човекови права прими два предмета за сомнение за смрт во затвори во 2017 година, после што Владата се согласи на спогодба од 12 илјади евра со родителите на маж ром и со сестрата на друго лице. Во двата случаи имаше сомнежи за злоупотреби.
Во мај, Европскиот комитет за превенција на тортура по нивната посета во 2020 година, го подвелече систематското лошо постапување со осомничените од страна на полициски службеници и други приведени лица. Тие исто така го критикуваа системското непостапување за пропустите во затворите, нехуманите и деградирачки услови во нив.
Во декември новинарите и медиумските работници ја притиснаа Владата да донесе поголеми санкции за зголемениот број на напади на новинари и да ги намали казните за клевета.
За време на протестот за одговорност за смртта на 14 лица во пожарот во тетовската болница на 8 септември, пет етнички Албанци беа задржани за дела против јавниот ред и мир, а двајца од нив за учество во банда. После 38 дена во притвор тие беа осудени на една година условна казна.
Законот за превенција од насилство против жени и домашно насилство беше усвоен во јануари. Мизогенијата и говорот на омраза се зголемија. Полицијата не успеа да ги истражи жалбите од жените и девојчињата, чии фотографии без нивна дозвола се појавија меѓу 7 илјади споделени содржини – споделени од мажи на социјалната мрежа Телеграм (Случај Јавна соба н.з). Обвинение за двајца мажи за детска порнографија беѓе отворено во јули.
Во април невладиниот сектор препорача пакет за поддршка на жените кои претрпеле домашно насилство, и побара фемицидот да биде посебно кривично дело.
Речиси 19 илјади бегалци и мигранти транзитирале низ земјата. Помеѓу јануари и септември, 388 лица вклучително и деца, беа задржани во имиграциските центри како сведоци во 24 случаи за шверц. Помеѓу јануари и март, четири илјади бегалци и мигранти беа вратени во Грција, а доста од нив пријавија злоупотреби. Еден барател на азил доби заштита. Од септември 407 граѓани на Авганистан евакуирани од Кабул пристигнаа во Северна Македонија, пред да бидат пратени во САД или Канада. Им беше дадена тримесечна виза и сместување во хотели. До декември 76 Авганистанци беа преместени во Грција, Франција и Ирска.
Во јуни Хелсиншкиот комитет за човекови права пријави раст на инциденти и прогонства мотивирани од етничка припадност или говор на омраза, за 49 проценти. Комисијата за превенција и заштита од дискриминација не функционираше целосно.
Во април беше назначен гинеколог во Шуто Оризари, ромска населба во главниот град Скопје, откако 58 жени Ромки беа оставени без пристап до репродуктивна здравствена заштита повеќе од една година.
Во јуни Основниот суд во Скопје пресуди дека Министерството за здравство ги дискриминирало Ромите корисници на дроги, барајќи специјална здравствена единица да ги обезбедува со соодветен третман и рехабилитација.
Властите, исто така, не успеале да расчистат расистички мотивиран напад од неколку полицајци врз Ром за време на протест во Топаана, Скопје во 2013 година, што довело до тоа државата да плати отштета од 3 илјади евра.
Предложените измени на Законот за водење на матични книги се во насока на овозможување трансродовите луѓе да го регистрираат својот пол. Хелсиншкиот комитет за човекови права пријави пораст од 31 процент во говорот на омраза и хомофобијата, во пресрет на Парадата на гордоста која се одржа во Скопје во јуни.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар