Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Едно од главните предизборни ветувања на СДСМ, пред да ја преземат власта во 2016 година, беше поставување на бројчаник над „Порта Македонија“ кој ќе покажува колку од нелегално стекнатите средства се вратени назад кај граѓаните, односно во буџетот на државата. Во 2018 година премиерот Зоран Заев купи бројчаник од сопствени пари, но тој досега сè уште не почна да врти
Фото: pixabay.com - принтскрин колаж
Пишува: Симона Атанасова
На Триумфалната капија ќе поставиме еден бројчаник. Како Агенцијата за запленет имот ќе продаде имот и ќе врати пари во буџетот, така ќе се заврти бројчаникот. Тоа ќе биде споменикот со кој ние ќе допринесеме во оваа болумента од споменици во централното јадро на нашиот град дека се што е украдено ќе се врати. Секако тоа ќе биде согласно законските постапки и Уставот, ако тоа секако с е докаже. Јас верувам дека има основа за лесно да се докаже и да се вратат најголем процент од парите, дури и 100 проценти од сите украдени пари во Македонија, вака во 2016 година зборуваше тогашниот лидер на опозицијата, а сегашен премиер Зоран Заев.
Заев тогаш (февруари 2016) изјави дека од 2007 година се изнесени околу 5 милијарди 150 илјади евра народни пари. Но, пет години подоцна бројчаникот на „Порта Македонија“, инаку донација од премиерот Заев, не врти. За жал, се покажа дека конфискацијата на имот којшто е стекнат на нелегален и криминален начин, тешко се спроведува во пракса.
Мерката конфискација на нелегално стекнатиот имот во нашето законодавство е воведена од 2004 година, но првата изречена мерка за конфискација на имот е четири години подоцна, односно во 2008 година, покажува анализата на невладината организација „Коалиција сите за правично судење“ насловена како „Практичната примена на мерката конфискација во кривичните постапки во Република Северна Македонија“.
Практичната примена на конфискацијата останува да биде релативно ниска, особено во случаите поврзани со висока корупција. Ваквата состојба со неискористеноста на конфискацијата е препознаена од меѓународната заедница, меѓутоа и од домашната стручна и општа јавност, па дури и од самите органи на државната власт, кои се согласуваат дека во земјата постои многу повеќе простор за употреба на конфискацијата на нелегално стекнатата имотна корист. Меѓутоа и покрај ова во земјата не се посвети соодветно внимание на оваа проблематика, па така причините за неискористеноста на конфискацијата остануваат да бидат неистражени и во голема мера непознати, што оневозможува било какво креирање на политики за унапредување на состојбите, се вели во анализата.
Според анализата на Платформата на граѓански организација за борба против корупција, од 2015 до 2019 година се изречени вкупно 45 мерки за конфискација.
Од сите овие 45 мерки на конфискација, само 5 се однесуваат на кривични дела поврзани со корупција, од кои 3 се предмети поврзани со висока корупција. Кога станува збор, пак, за штетата предизвикана со кривичните дела, односно висината на незаконски стекнатиот имот според обвинението износите варираат од 500.000 денари до 10.000.000 денари, а предмет на конфискација во овие случаи покрај парични средства се и други подвижни ствари, а во еден од случаите конфискуван е недвижен имот.
Во Република Северна Македонија конфискација е врзана со кривичната постапка, а судот е единствен орган кој може да ја изрече оваа мерка. Откако институциите ќе детектираат незаконски стекнат имот, јавен обвинител поднесува предлог за обезбедување на имот по што судот треба да покрене постапка за конфискација. Дали ќе има или не конфискација одлучува судот. Потоа одземениот имот стекнат на криминален начин се продава или го користи државата, а процесот го спроведува Агенцијата за управување со конфискуван имот. Така, парите стекнати со криминал и корупција се враќаат назад во буџетот на државата.
Конфискацијата на имот како мерка за борба против корупцијата се спомнува во двете најважни поглавја од методологијата за процесот на пристапување кон Европската Унија, Поглавје 23 – Правосудство и фундаментални права и Поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност. Двете поглавја се дел од првиот кластер наречен Основни вредности (Fundamentals).
Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија којшто беше објавен минатата недела, во Поглавјето 23 се вели дека државата е умерено подготвена во превенција и борба против корупцијата, а во Поглавјето 24 се вели дека Северна Македонија, исто така, е умерено подготвена да го имплементира правото на ЕУ.
Во наредната година, земјата треба особено да ги зголеми пресудите во случаите со корупција на високо ниво, проследено со конфискација на средства стекнати на криминален начин. Во 2020 година, конфискација или заплена на криминален имот беше искористена против 41 лице во 19 случаи во првостепена пресуда. Конфискацијата на криминалните средства треба да стане стратешки приоритет во борбата против организираниот криминал, тероризмот и корупцијата на високо ниво во земјата, се вели во извештајот.
Неколку ресорни министри и директори на институции заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, Љупчо Николовски, на крајот на јули оваа година ја промовираа „Националната стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023“, дел од владиниот План за борба против корупција.
Времето на неказнивост, избегнување на правдата, изигрување на законите, полека но сигурно станува минато. Конфискацијата на имот и противправно стекната имотна корист се императив за истерување на правдата до крај, истакна тогаш Николовски.
Применувањето на Стратегијата треба да покаже дека криминалот не е исплатлив и дека ќе се сузбие преку ефективна идентификација, финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнат имот или имотна корист
Основна заложба е наведената стратегија да придонесе за зајакнување на капацитетите на националните институции како и на нивната координација во следењето на протокот на пари, како и откривање на можно прикривање и пренесување на нелегално стекнат имот. Како дел од активностите утврдени во “Планот за борба против корупција“ се очекува нејзината имплементација да придонесе кривичните истраги да резултираат со конфискација на имот и имотна корист, со што ќе се зајакне ефикасноста во борбата против организираниот криминал и корупцијата, стои во Стратегијата.
Пред еден месец Николовски најави дека првпат во Северна Македонија ќе се донесе Закон за потекло на имот кој предвидува конфискување на имотот на сите оние коишто нема да можат да го докажат потеклото на имот во вредност над 30 илјади евра стекнат претходната година. Законот нема да се однесува само на функционерите, туку на сите граѓани. Според вицепремиерот со овој закон ќе бидат демотивирани сите кои се подготвени да лежат и во затвор, но да ги задржат нелегално стекнатите пари.
Конфискацијата, којашто преставува одземање на нелегално стекнат имот, е опиплив показател дека криминалците се казнуваат и дека правдата е задоволена. Но, очигледно дека Северна Македонија треба уште многу да работи на ова поле, вклучително и на зајакнување на капацитетите на надлежните институции, за бројчаникот конечно да почне да врти.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар