Медицинските сестри бараат да се имплементираат европските директиви во македонските закони
Професионалните здруженија се жалат дека за прекратко време и со вонредно учење, како медицински сестри се вработуваат недоволно искусни и неиспраксирани кадри, кои поминале едукација којашто бара и понатаму да бидат континуирано мониторирани и да им се помага. Треба да се направи категоризација во професијата медицинска сестра, според формалното образование, клиничките вештини и компетенциите со кои секоја сестра се стекнала, како и со неформалното учење за кое таа има документ, велат од националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки
Фото: pixabay.com
Пишува: Мирослава Бурнс
Светската здравствена организација (СЗО) уште на почетокот на пандемијата со ковид-19 соопшти дека има глобален дефицит од медицински сестри. Според нив, за да се надмине овој проблем, до 2030 година ќе бидат потребни 9 милиони нови сестри во светот. Во земјава, исто така, има недостиг на квалитетни медицински сестри во државното здравство. Од друга страна, пак, професионалните здруженија се жалат дека за прекратко време и со вонредно учење, се вработуваат недоволно искусни и неиспраксирани кадри, кои поминале едукација која бара и понатаму да бидат континуирано мониторирани и да им се помага, наместо подготвени да дојдат на работа. Спасот од оваа состојба е да се регулира сестринската дејност со закон и со имплементација на европските директиви.
Треба да се направи категоризација во професијата медицинска сестра, според формалното образование, клиничките вештини и компетенциите со кои секоја сестра се стекнала, како и со неформалното учење за кое таа има документ, вели сестра Велка Гавровска Лукиќ од националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки на Република Северна Македонија.
Европската Комисија, Европскиот парламент и Советот, исто така, бараат да се зацврстат барањата за сестринска едукација. Така во модернизираната
Директива 2013/55/ЕУ вклучени се сет од компетенции засновани на барањата за минимално образование на медицинските сестри одговорни за здравствената нега. Стандардите во Директивата придонесуваат за многу поголем квалитет во здравствените услуги и се важни за мобилноста на здравствените работници.
Главен наш фокус е да обезбедиме сите овие промени во Директивата да се пренесат и во националното законодавство, како и во школите, преку програмите посебно за вонредните ученици. Да се даде акцент на вештините низ пракса, кои треба да им обезбедат минимално ниво на компетентност, додава Гавровска Лукиќ.
За таа цел, од Здружението потенцираат дека е потребно заеднички да се направат напори меѓу сите инволвирани страни: Владата, Министерството за здравство, МОН, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за финансии, ЗМСТАМ, Синдикатот, работодавачите и предавачите.
Цeлта е да се дадат можности на сите засегнати страни да се постигнат оптимални резултати во областите како што се безбедност на пациентот, калитетна здравствена и акушерска нега и квалитетен живот на сите инволвирани пациенти, професионалци и системи, додаваат од Здружението.
На таков начин, би се развиле минимални критериуми за квалитет на образованието и праксата на медицинските сестри и акушерките во земјава, а нивните кариери би биле во согласност со потребите на здравствената нега на населението во земјава во иднина.
Ова е само една од причините зошто здруженијата на медицински сестри бараат подобро да бидат регулирани со донесување на закон за сестринска дејност. Во меѓувреме постојано се прави едукација на медицинските сестри и акушерки со акцент ставен на заштитата на мајките и бебињата, како и на универзалната здравствена нега на заедницата, клиничката пракса, кардиопулмоналната реанимација, обуки за вакцинацијата и ковид пандемијата, безбедноста на работното место, како и изготвување на стандардни оперативни постапки. Обуките ги водат сестри едукатори со лекари и други партнери од невладиниот сектор.
Како се одвива образованието на медицинските сестри сега во Македонија?
Образованието на медицинските сестри во земјава е на две нивоа: средно четиригодишно образование и високо стручно образование со 180 ЕКТС, на кое има и специјализации со 80 ЕКТС. Покрај ова образование голем број сестри завршуваат и мастер студии како и докторски студии, но не во полето на здравствената нега, туку најчесто во менаџментот.
Медицинска сестра со завршено средно стручно образование има назив медицинска сестра или медицински техничар. Со завршено високо образование е дипломирана медицинска сестра, а со завршена специјализација е медицинска сестра специјалист по определена специјалност, на пример семејна и патронажна нега, анестезија и реанимација, инструментарка и слично. Во земјава, средното четиригодишно образование за медицински сестри се одвива во повеќе од 15 училишта, од кои пет се средно медицински училишта, а другите се во други општински училишта каде има оддели со здравствена струка и вршат уписи и за вонредно образование.
Високите стручни школи се во Скопје на Медицинскиот факултет, на Интернационалниот Балкански Универзитет има висока медицинска школа за медицински сестри и акушерки, во Битола има висока медицинска школа, во Штип при Факултетот за медицински науки и во Тетово при Факултетот за медицински науки.
Медицинските сестри акушерки пред да почнат да работат, обавуваат приправнички стаж кој за медицински сестри со средно образование е во времетраење од 6 месеци, а за медицинските сестри и акушерки со високо образование 10 месеци, по што полагаат стручен испит пред комисија формирана од Министерот за здравство, во која еден член е задолжително медицинска сестра. Со полагање на приправнички стаж се стекнуваат со лиценца за работа.
Проблемот е во тоа што постои можност, некој кој четири години воопшто да не учел средно училиште за медицина, а да се преквалификува со вонредно полагање на испитите. Така, според нашите извори во медицинските кругови, за исклучително кратко време кандидатот се стекнува со диплома за завршено средно медицинско училиште, којашто ја зел за година или две и со недоволна пракса.
Што се вели во Директивата 2013/55/ЕУ?
Оваа Директива е важна за македонската сестринска дејност, затоа што нејзините начела го воспоставуваат правецот во кој треба да се движи образованието на овој кадар во земјата. Во неа се вели дека континуиран професионален развој, допринесува за безбедна и ефективна работа на професионалците на кои им се признаени професионалните квалификации.
Важно е да се охрабри понатамошното зацврстување на професионалниот развој за овие професии. Земјите членки треба особено да охрабруваат понатамошен професионален развој за доктори по медицина, специјалисти, медицински сестри, акушерки, фармацевти… Да се промовира континуиран професионален развој за тие професии, а земјите членки треба да ги разменуваат искуствата во областите. Што значи дека професионалците во овие области треба да се мотивираат доживотно да учат, се вели во Директивата.
Сестринската професија значително еволуираше во изминатите три децении: општествена здравствена заштита, употреба на помодерни терапии и технологија која постојано се развива. Сето тоа прави медицинските сестри да имаат поголема одговорност. Секоја земја членка, има различен начин на тренинг на сестрите, но без разлика на обуката, на крајот таа треба да покаже дека сестрата се стекнала со знаење и вештини и дека е подготвена да користи компетенции релевантни за професијата.
Што недостасува во земјава за образованието на сестрите да биде вреднувано соодветно?
Претседателката на Комората на здравствени работници, Вики Котевска смета дека е потребно стратешко планирање на сестринството и акушерството како и имплементација на стратешки план според ЕУ директивите.
База за решението е закон за сестринска дејност кој ќе ги постави постулатите за потребно образование, дозволени интервенции и регулатрно тело кое ќе решава аномалија по аномалија. Како Комора се бориме да се имплементираат европските директиви 2005/36/EC и 2013/55/EC. Тие се однесуваат на уредување и признавање на стручните квалификации. Бараме и закон за медицински сестри кој ќе ги утврди содржината и начинот на делување, стандардите за образование, условите за вршење на дејноста, должностите и компетенциите, контролата на квалитетот и стручниот надзор на работата на здравствените работници – медицински сестри и акушерки. Такво складно образование има Словенија, каде образованието за медицинска сестра трае 4.600 часа од кои половината се практична настава под менторство на медицинска сестра, вели Котевска.
Постојат низа проблеми и недостатоци околу образованието, регулацијата, работните односи, законските рамки на дефинирање на компетенциите и ингеренциите на сестринската професија, како и што треба да се направи за да се почне со структурално уредување на дејноста во склоп со законот за здравстена заштита.
Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар