Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На 20.12.2021 Собранието со 62 гласа „за“ и ниту еден против го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кои недела станува ден на неделен одмор. Ден подоцна, на 21.12.2021 година, пратеничката на СДСМ, Лидија Тасевска, го изјави следното:
Фото: sdsm.org.mk
Само оние дејности кои се неопходни за нормално функционирање на државата ќе работат но за тоа овие работници ќе добиваат додаток на плата од 50 до 100 проценти повеќе за секој изминат час. Работниците се нашиот најголем човечки капитал.За жал при носењето на овие законски измени, пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ како и оние од Левица одлучија да не гласаат со што се ставија на спротивната страна од интересите на работниците.Како парламентарно мнозинство остануваме посветени на интересите на граѓаните, остануваме посветени на заштита и унапредување на работничките права.
[Извор: Локално, Датум: 21.12.2021]
Изјавата на Тасевска е полувистинита, бидејќи Левица, спротивно на тврдењето на пратеничката на СДСМ, гласаше за Законот.
Дента кога пратениците го усвоија Законот, СДСМ испрати соопштение во кое информира дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласале за Законот, но никаде не беа спомнати пратениците на Левица.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска не гласаа за измените и дополнувањата за Законот за работни односи со кое недела станува ден за одмор за 92 отсто од сите работници, а останатите осум отсто да добиваат повисоки дневници за ден недела. Со негласањето пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се ставија на спротивната страна од интересите на работниците. По којзнае кој пат ВМРО-ДПМНЕ покажа дека ниту се грижи за граѓаните, ниту за работниците, дека за нив најважен е личниот и партискиот интерес. Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и покрај опструкциите го донесе законот и останува партнер на работниците, продолжува со носење на реформи кои ги унапредуваат работничките права и го унапредуваат квалитетот на живот на сите граѓани, стои во соопштението на СДСМ.
Точно е дека ВМРО-ДПМНЕ не даде поддршка за овој Закон, а тоа го ситакна и пратеничката Ангелинка Петкова за време на расправата на седницата во Собранието. Таа нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека законското решение е далеку од идеално и оти на него имале забелешки и синдикатите и работодавците. Ние, нагласи Петкова, немавме можност да го подобриме низ амандманска расправа, затоа што амандманите кои пратеничката група ги поднела не биле ставени на разгледување од причини, како што посочи, познати на претседателот на Собранието.
На тој начин како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не ни беше овозможено да влијаеме на подобрување на ова законско решение. Затоа, како ќе влијаат овие измени врз работниците, врз компаниите со неговата примена од 1 јануари следната година одговорноста ќе ја оставиме да биде само на власта, рече Петкова.
По прес-конференцијата на пратеничката Тасевска од СДСМ, на Фејсбук реагираше пратеникот на Левица Димитар Апасиев демантирајќи дека не го поддржале Законот.
Не ја знам колегињицава-пратеничка со кружниве обетки, ама дај пренесете им на спинериве од СДС на Нашата Земја и на нивните платени загари, дека не ги личи да шират лаги на свикани прес-конференции, кои лесно можат да се проверат и побијат. Вчера, лично и персонално, своерачно и со зелен картон, во Собранието на Република Македонија – гласав ЗА носење на измените во Законот за работни односи, со кој се фиксира недела како неработен ден!, напиша Апасиев.
Тој и претходно изрази поддршка за Законот.
Правото на еден НЕРАБОТЕН ДЕН во неделата е старо најмалку 3.700 години (од Мојсеј па наваму). Арно ама, на нашиот „бизнис сектор“ му сметало шо му се чепка у профитот, па ќе го спорел на Уставен суд!? Ах бе, капиталисти! Вие би да го исцицате секој атом од човекот-работник, само за вашиот профит да не трпи. Вашата алчност не познава граници. Btw, не само еден, туку законот бара два неработни дена, ама тоа здравје – ко ќе дојде Левица на власт.
Според ова можеме да заклучиме дека изјавата на Тасевска дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица не гласале за Законот е полувистинита.
Оцени: Ана Анастасовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар