Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Бесмислените рестрикции на специјализации, децении наназад, изместените критериуми при вработување на сите здравствени профили каде партиските војници секогаш имаа предност, си го сторија своето. Сега сме сведоци на постоење на два паралелни здравствени системи, државен и приватен! Државниот сè повеќе (ќе) се занимава само со сиромашните социјални слоеви, а приватниот со богатите, вели професорот на Медицинскиот факултет, доктор Драган Даниловски
Фото: pxfuel.com
Пишува: Мирослава Бурнс
Објективно, поради севкупните услови на ниво на држава, генералниот просперитет и тоа што десет години доцниме со нов физички блок на клиниките, се случува миграцијата од државното здравство. Лекарите не можат да напредуваат и стагнираат. Причина е и платежната моќ на државата. И покрај покачените плати, специјалистите немаат 100 илјади денари плата и тоа може лесно да се провери. Можеби тоа се случува некогаш кај некој професор кој имал голем број на дежурствa, но не е генерално. Нашата плата како специјализанти е 26 илјади денари. Просечно имам потрошено 10 години во едукација во фаза на специјализација и имам плата од 400 евра. Со дежурства може да стигне и до 500 евра. Во приватното здравство би била барем илјада евра. Друга причина зошто лекарите го напуштаат државното здравство е тоа што нема ресурси. Дотраени се клиниките, нема нови апарати, не се развиваат нови методологии. Најголем мотив на специјализантите кои си заминуваат се материјалниот, како и лошата едукација на медицинскиот кадар, смета доктор Георгиева.
Може ли во државното здравство да им се понудат подобри финансиски услови? Не може! Може ли да се понудат подобри услови отколку во Германија? Не може! Ова е очекувана последица на децениското отсуство на стратегија за развој на здравствениот систем – во која круцијален дел се здравствените кадри. Е сега, пукна тиквата. Бесмислените рестрикции на специјализации, децении наназад, изместените критериуми при вработување на сите здравствени профили каде партиските војници секогаш имаа предност, си го сторија своето. Сега сме сведоци на постоење на два паралелни здравствени системи, државен и приватен! Државниот сè повеќе (ќе) се занимава само со сиромашните социјални слоеви, а приватниот со богатите! Што е со терцијарната, врвната здравствена заштита, што ли беше тоа!? Се повеќе ќе постои само на хартија. А што е со ,,гарантираното право на здравствена заштита” на секој граѓанин, во член 39 од Уставот? Мртво слово на хартија!, вели доктор Даниловски.
Просечната плата на доктор специјалист во декември 2017 година изнесувала 72.192 денари во бруто а во февруари 2020 година е зголемена на 111.377 денари – зголемување од 54 проценти, додека кај доктор на медицина во декември 2017 година изнесувала 45.952 денари во бруто износ и во февруари 2020 година се зголемува на 58.991 денари, односно зголемување од 29 проценти. Кај медицинските сестри со висока стручна спрема во декември 2017 година просечната плата изнесувала 37.753 денари во бруто и во февруари 2020 година е зголемена на 50.376 денари, а кај медицински сестри со ССС во декември 2017 година изнесувала 28.814 денари и до февруари 2020 година се зголемила на 38.182 денари во бруто износ. Односно зголемувањето на просечната бруто плата кај медицинските сестри е 33,4 отсто, односно 32,5 отсто, велат за „Вистиномер“ од Министерството за здравство.
Во тек на пандемија се реализираа нови вработувања во скоро сите јавно-здравствени установи. Од почетокот 2020 година 164 доктори, 247 медицински сестри и 35 специјалисти добиле статус на вработени на неопределено време. За првпат во македонското здравство се платени приватните специјализанти во висина од просечна плата на општ лекар и со ова тие се изедначуваат со статусот на нивните колеги. За првпат во историјата на македонското здравство, оваа 2021 година, на приватните специјализанти им се плаќаат дежурства и платено им е здравственото осигурување, истакнуваат од Министерството за здравство.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар