×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Охридско-струшкиот регион се соочува со недостиг на лекари специјалисти

    16.12.2021 08:36 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Во охридско-струшкиот регион недостигаат педијатри, уролози, хирурзи, гинеколози и други специјалисти. Здравствениот сектор се соочува со загуби на медицинскиот персонал, особено на лекари специјалисти, кои одат во приватниот сектор или заминуваат на работа во странство, оценува Европската комисија во објавениот Извештај за напредокот на земјата. До Лекарската комора годинава пристигнале 155 барања за потврди за странство. Најчесто лекарите заминуваат во Германија, скандинавските земји и Словенија

    Охридско-струшкиот регион се соочува со недостиг на лекари специјалисти Фото: Вистиномер

    Пишува: Соња Рилковска

     

    НЕДОСТИГОТ НА ПЕДИЈАТРИ ГО ЗАТВОРИ ДЕТСКОТО ОДДЕЛЕНИЕ ВО ОХРИД

    Пред повеќе од еден месец, поради дефицит на педијатри се затвори детското одделение во охридската болница. Денес функционира само како амбуланта,  работи од 8 до 20 часот, бидејќи има само двајца лекари,  а за непречно функционирање на одделението потребни се минимум пет доктори. Повеќето од педијатрите се пензионираа, а нов кадар сè уште нема.

    Децата од Охрид, доколку имаат потеба од лекарска помош во ноќните часови и за викенди патуваат во Струга.

    Останаа само двајца педијатри. Нови специјализанти немаме. Одделението беше невозможно да функцинира и затоа од ноемрви годинава работи само како амбуланта, вели д-р Горан Балевски, директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.

    Повеќе од една деценија охридската болница нема нов специјалист педијатар. Во моментот има две специјализантки, но тие ќе завршат за четири до пет години. Доколку не се изнајде друго решение, дотогаш децата од Охрид за лекување ќе мора се препраќаат во Струга.

    На одделот за педијатрија во струшката болница има 18 кревети. Струшките педијатри велат ќе биде тешко, особено во некои сезонски пикови, кога дневно се случува да има и по 150 прегледи само од Струга, а со децата од Охрид бројот ќе се зголеми двојно повеќе.

    Велат ќе направат сè за децата од охридскиот регион да добиваат навремена грижа.

    Имаме капацитет да го покриваме тој недостаток на охридските педијатри. Ние сме шест доктори, кои поркиваме детско одделение и неонатологија. Итните случаеви ќе додаѓаат тука, вратата наша е отворена 24 часа за какви било случаи , вели д-р Вулнет Бектеши специјалист педијатар во Струга.

    Недостаток на педијатри има во целата држава. Повозрасните лекари велат дека уште пред десетина години требаше да се изнајде начин да се мотивираат младите лекари да специјализираат на оваа гранка.

    Можеби педијатријата некако не е атрактивна за младите. Мислам дека е една од потешките специјализации. Не зборувам за учењето, колку за самата работа со деца. Да прегледаш дете треба искуство, око, знаење, затоа што тоа не умее да каже кои му се тегобите, вели д-р Нада Колоска специјалист – педијатар од Струга.

     

    ВО ОХРИД АЛАРМАНТНА Е СОСТОЈБАТА И НА ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА УРОЛОГИЈА 

    ЈЗУ „Општа болница Охрид“ – Фото: Вистиномер

    На одделението за урлогија има само двајца уролози специјалисти кои го опслужуваат целиот Југозападен регион во земјава.

    На урологија сме двајца лекари специјалисти. Имаме пациенти од цел регион. Моментално имаме пациенти најмногу од Битола и Прилеп, вели д-р Балевски.

    Иста е состојбата и на одделението за нервни болести и на одделот за уво, нос и грло.

    Директорт на охридската болница вели дека недостигот на кадар е затекнат проблем со кој се соочуваат повеќето здравствени установи, а не може брзо да се реши.

    И нашата болница прима пациенти од целиот регион, бидејќи нервното одделение е единствено во регионот, исто и уво нос и грло. На тој начин со ротации и со соработка помеѓу болниците се обидуваме да го надополниме овој недостаток на медицински персонал, којшто не верувам дека лесно ќе се реши. Таква е состојбата, тоа се затекнати состојби и ние не ни можеме како директори сè да поправиме, вели Балевски.

    Според него, за надминување на проблемот со недостиг на лекари потребно е спојување и регионализација на здравствените установи во еден клинички центар. Во Охрид и Струга има пет големи болнички капацитети и во сите недостигат специјализанти.

    Да се направи една убава болница за целиот регион како клинички центар. И тогаш ќе имаме спојување на кадрите и нема да имаме воопшто недосток. Меѓутоа, ние имаме болници распространети на 14 километри каде што во секоја болница по нешто фали. И единствен спас е да дојде до некое спојување и до некоја голема клиничка болница каде што ќе се спојат сите тие кадри, додава д-р Балевски.

     

    И СТРУГА МОЖЕ ДА СЕ СООЧИ СО НЕДОСТИГ НА СПЕЦИЈАЛИСТИ

    ЈЗУ „Општа болница Струга“ – Фото: Вистиномер

    Во струшката болница има само четири оделенија: педијатрија, гинекологија, интерно и хирургија, а останатите области се амбулантски. Таму моментално нема ургентен дефицит на кадар, но тоа ќе се случи за некоја година, бидејќи повеќе лекари специјалисти ќе заминат во пензија.

    Точно е дека целиот здравствен систем се соочува со недостиг на специјалисти. Во моментов ние немаме ургентен дефицит на кадар. Имаме над 20 лекари пратени на специјализација. Но, факт е дека имаме и лекари кои ќе заминат во пензија и може да се соочиме со дефицит во периодот што следи. Одделот Хирургија во Струга имаше четири специјалисти хирурзи и со тешкотии се одржуваше Одделот, но сега заврши еден специјалист и чекаме уште еден, вели д-р Арменд Арслани, директор на ЈЗУ „Општа болница Струга“.

    Недостигот на кадар се должи и на ненавременото планирање на специјализациите, но и на должината на специјализацијата која во минатото била 4, а сега е 6 години.

    Шест педијатри имаме во моментов, но пративме и на специјализација лекари бидејки и дел од педијатрите ќе заминат в пензија. Ќе има вакуум, Одделот ќе работи со четири или пет лекари додека да се вратат од специјализација. Со специјализациите кои се продолжија по шест години наидовме на поголем вакуум. Со четири години полесно се планира, а сега шест години, седум додека да завршат, е навистина долг период и потешко се прават планови за екипирање, додава Арслани.

     

    ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕК НОТИРА НЕДОСТИГ НА ЛЕКАРИ СПЕЦИЈАЛИСТИ

    Во Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија за 2021 година се оценува дека пристапот до лекари специјалисти во јавното здравство останува проблематичен.

    И покрај обезбедувањето на зголемени плати со цел да се задржат работниците, здравствениот сектор се соочува со загуби на медицински персонал, особено специјалисти кои се селат во приватниот сектор или заминуваат на работа во странство. Персоналот продолжува со потребата од специјализирана обука за користење напредна здравствена опрема, наведува ЕК.

    Според Министерството за здравство просечната плата на доктор специјалист во декември 2017 година изнесувала 72.192 денари во бруто, а во февруари 2020 година е зголемена на 111.377 денари – зголемување од 54 отсто, додека кај доктор на медицина во декември 2017 година изнесувала 45.952 денари во бруто износ и во февруари 2020 година се зголемува на 58.991 денари, односно зголемување од 29 отсто.

    До Лекарската комора годинава пристигнале 155 барања за потврди за странство. Комората е токму таа која издава потврди, кои се неопходни на докторите за едукација во странство, стручен или студиски престој, обука и доусовршување, меѓународни проекти, но и за заминување, да работат надвор од земјава.

    Примарна причина за одливот на специјалисти се платите, кои се далеку поголеми во европските земји, а потоа условите за работа и напредок во кариерата. Најчесто лекарите заминуваат во Германија, скандинавските земји и Словенија.

     

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар