×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Партиите станаа иматели на информации од јавен карактер, но останаа недоволно транспарентни

    27.06.2022 09:29 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Три години откако беа опфатени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со кој станаа иматели на информации од јавен карактер поврзани со нивното финансиско работење, политичките партии сé уште не се на задоволително ниво на транспарентност во делот на приходите и расходите. Сепак, тоа се оценува како добар почеток во иднина да ја зголемат својата отчетност кон граѓаните, што претставува нивна обврска и поради зголемениот удел на јавно финансирање

    Партиите станаа иматели на информации од јавен карактер, но останаа недоволно транспарентни

    Пишува: Влатко Стојановски

     

    Во 2019 година, беше донесен нов Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, со кој за првпат беа опфатени и политичките партии како иматели на информации од јавен карактер, со што тие станаа законски обврзани да доставуваат информации во соодветна процедура и определен рок, исто како и институциите на државно и локално ниво, здравствените и образовни установи, судовите и други органи со јавни овластувања.

    Уште со воведниот член на овој Закон се пропишува дека со него се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат политичките партии „во делот на приходите и расходите“, односно во врска со нивното тековно финансиско работење и вонредното функционирање за време на предизборна кампања.

    Новинарите се меѓу најчестите баратели на информации од јавен карактер, а еден од нив кој го користел законското право да добие ваков тип на информации е новинарот во Призма, Владо Апостолов,. Неговиот впечаток е дека, како што вели, партиите не се чувствуваат комотно да ги откриваат информациите за своите финансии.

    Некои од нив изнаоѓаат изговори да не одговорат на барањата за слободен пристап, други (помалите) не ни сфаќаат што се бара од нив, немаат капацитет за тоа, а оние што ќе решат да одговорат ќе ви кажат колку пари зеле и колку потрошиле, ама доказ за тоа, документи нема или многу тешко и со молење ќе ви дадат, вели Апостолов.

    Според него, партиите многу рестриктивно го читаат законот кој вели дека тие имаат обврска да даваат информации за своите приходи и расходи.

    Информација можеби ќе ви дадат, а можеби и не – ама многу тешко дека ќе ви дадат документ со кој ќе докажат колку пари примиле или платиле. А, не мора да кажувам колку е ниска довербата во партиите, впрочем затоа е и поставено ова законско решение, посочува тој.

     

    „Одговараме уредно и навремено“

    Од друга страна, пак, партиите уверуваат дека целосно ги почитуваат законските обврски и секогаш уредно и навремено постапуваат по барањата согласно Законот за информации од јавен карактер.

    На нашата веб-страна, покрај општи информации, споделени се и информации од јавен карактер, со пристап и преку посебен прозорец. Затоа, до нас стигнуваат и се помалку барања за информации од јавен карактер, вели портпаролот на владејачката СДСМ Дарко Каевски, кој додава дека досега постапиле во однос на сите барања за финансиското работење на партијата.

    Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ која воедно е и службено лице на опозициската партија за посредување со информации од јавен карактер, вели дека како доследно им овозможуваат пристап на граѓаните до разни услуги и информации.

    Фото: Принтскрин

    ВМРО-ДПМНЕ работи на примена на препораки за мерки и политики преку кои граѓаните ќе можат да ги реализираат своите политички очекувања и барања. Како политичка партија која има за цел да практикува високи стандарди на отвореност и транспарентност, доследно го почитуваме законот и роковите кои се поставени, вели Митева.

    Се обидовме да исконтактираме и со најголемите албански партии, но единствено одговор добивме од владејачката ДУИ, чиј долгогодишен потпретседател Невзат Бејта, кој воедно е и службено лице за посредување со информации од јавен карактер, изјави:

    Сите барања ги препраќам до надлежни ресори во партијата, се прават одговорите и ги потпишувам. На сите прашања е соодветно и навремено одговорено.

    Одговор не добивме од владејачката Алтернатива и опозициските Беса и Алијанса за Албанците.

    Фондацијата Отворено Општество, во соработка со Интернационалниот Републикански Институт (ИРИ), спроведе истражување насловено „Индекс на транспарентност на политичките партии“, преку кој всушност се мери колку партиите во земјава проактивно, самостојно и редовно објавуваат информации за своето работење на сопствените веб-страници.

    Притоа, заклучоците од ова истражување се дека активната транспарентност на партиите е „релативно ниска“, додека партиите најмногу потфрлуваат токму во објавувањето на информации кои произлегуваат од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

    Индекс на транспарентност

    Според Данче Даниловска-Бајдевска, програмска директорка во Фондација Отворено Општество, неспорно е дека со обврската да овозможуваат јавност и отвореност во делот на приходите и расходите генерално зголемена е транспарентноста на партиите, споредено со времето пред една деценија, кога партиите не беа иматели на информации согласно Законот за слободен пристап до информациите. Сепак, како што потенцира таа, тоа не е доволно.

    Промените во законската рамка за финансирањето на политичките партии значително го зголеми финансирањето од државната каса, па оттука заклучокот е дека политичките партии сè уште не се на задоволително ниво на транспарентност во делот на приходите и расходите, вели таа.

    Инаку, „Индексот на транспарентност“ покажал дека никаква информација за пристап до информации од јавен карактер на своите веб-страници не објавиле 13 парламентарни и вонпарламентарни партии, меѓу кои ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса, ЛДП, Интегра, Глас за Македонија, Демократи, Српска странка, ПП, ДПТМ и ТМРО.

    Потоа, само 3 политички партии имаат посебно копче за пристап до информации од јавен карактер, а тоа се Левица, ДОМ и СДУ, додека дополнителни 9 партии имаат информации за службеното лице за пристап до информации од јавен карактер. Од сите партии, само СДСМ, Левица, ДОМ и СДУ имаат објавено годишни извештаи за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

    Во однос на достапност на образец – барање за пристап до информации или жалба по барање, пак, само ДОМ ги има објавено потребните обрасци, додека кај СДУ има линк кој води до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Понатаму, Левица, ДС и ДОМ имаат објавено листа на информации од јавен карактер, а, единствено кај ДОМ листата е дополнета со линкови кои го поврзуваат податокот со соодветниот документ.

    Дигитални бази на податоци

    Кога ќе се земат во предвид сите параметри, според ова истражувањето, најдобро рангирана партија во овој дел е ДОМ со освоени 11 од вкупно 17 поени, по што следуваат Левица и СДУ со по 7 поени, СДСМ и НСДП имаат по 3 поени, ДС, ГРОМ, ДПА, ПОДЕМ и СП по 2 поени. Останатите немаат ниту еден поен.

    Во анализата препорачуваме унапредување на транспарентноста со објавување на сите финансиски документи за нивното работење (финансиски извештаи, завршни сметки, извештаи и регистри за донации) групирани и по години и изборни циклуси; ревизорски извештаи; како и објавување на повеќе податоци во отворен формат, на пример, регистарот на донации и извештајот на донации, вели Даниловска-Бајдевска.

    Таа додава дека достапноста на овие информации не смее да зависи од волјата на политичката партија, односно дали ќе бидат достапни финансиските извештаи за редовното и вонредното или изборно работење на партиите или не, па затоа препорачува од страна на Државниот завод за ревизија или од друга надлежна институција да се креира единствена база на податоци со сите извештаи од приходите и расходите на политичките партии која ќе може да се пребарува по година, изборен циклус и политичка партија.

    Очекуваме институциите да создадат услови за дигитално финансиско известување од страна на политичките партии, со што автоматски ќе бидат создадени дигиталните бази на податоци поврзани со приходите и расходите на политичките партии. Само така нема да зависиме од волјата на политичките партии во однос на објавувањето на сите финансиски извештаи за редовното и вонредното или изборно работење, вели Даниловска-Бајдевска.

    Странски искуства

    Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институтот за демократија – Социетас Цивилис, смета дека фактот што политичките партии се опфатени со ЗСПИ е добар почеток за, како што вели, во иднина политичките партии да ја зголемат својата отчетност кон граѓаните.

    Всушност, тоа што партиите треба да го сфатат е дека овозможувањето на информации за својата работа, има потенцијал да ја подобри изгубената доверба на граѓаните (гласачите) во нив. Секако, транспарентноста не е единствената алатка за стекнување на довербата, но е значајна алатка. Во исто време, обврската за транспарентност произлегува и од зголемениот удел на јавно финансирање на партиите, па така парите од даночните обврзници значат и обврска партиите да го подобрат своето работење, вклучително и транспарентноста, објаснува Поповиќ.

    Тој посочува дека транспарентноста на политичките партии и во Европа е релативно нова работа, која е стара нешто повеќе од 20 години и произлегува токму од потребата да се врати загубената доверба на граѓаните.

    Но, добрите европски примери прилично напреднале во споредба со нашиот систем, па така земјите како Естонија, Латвија и Велика Британија споделуваат многу детални информации за финансиите, членарината и донациите од една страна, но и трошењето од друга страна. Така, светскиот тренд на споделување информации кои се спремни за детална анализа, т.н. машински читливи податоци кои може веднаш да ги анализирате е веќе стандард во овие земји. Тоа подразбира дека на пример вие како новинари можете веднаш да ги преземете информациите за сите донации, да ги комбинирате со податоците од сите партии и веднаш да можете да пребарувате со тие резултати други извори, вели Поповиќ.

    За споредба, додава тој, кај нас голем дел од податоците кои ги обезбедуваат партиите се скенирани документи, неретко напишани на рака, па оние што ги анализираат имаат прво проблем да ги прочитаат, да ги направат корисни за анализа и проверка.

    Но, не е само прашање на презентирање на податоците, туку и опфатот. Кај нас дополнително треба да се рашири дебатата за тоа кои податоци се споделуваат. Во Велика Британија на пример, доколку некој плати патување на политичар на некоја конференција или на пример на спортски натпревар, тоа политичката партија го заведува како донација. Кај нас ова не се смета ниту за донација, ниту за подарок, но во педантните земји оваа информација се забележува бидејќи може да помогне во иднина да се исконтролира дали политичарите ќе носат одлуки во корист на оние кои обезбедиле некаква, дури и ваква нематеријална корист. Друг пример е волонтирањето во изборна кампања, кое е нематеријална донација, но ниту системот ниту политичките партии се спремни ова да го прикажат во своето известување, вели Поповиќ.

    Ниту еден „многу добар“ или „одличен“

    Според резултатите добиени од „Индексот на транспарентност на политичките партии“, речиси 43 отсто од партиите во земјава или 12 партии кои се вклучени во примерокот освоиле помеѓу 24 и 0 поени, со што спаѓаат во последната категорија на партии со „незадоволителна активна транспарентност“. Речиси 46 отсто (13) освоиле помеѓу 48 и 25 поени, што, пак, ги сместува во категоријата на партии со „задоволителна активна транспарентност“.

    Само 10 отсто (3) од испитаните политички партии, освоиле помеѓу 72 и 49 поени и со тоа влегоа во категоријата на партии со „добра активна транспарентност“. Патем, ниту една не освоила од 73 до максималните 120 поени, што би им дало оценка на „многу добра“ или „одлична“ активна транспарентност.

    Тоа што ниту една партија не постигнала одлична, ниту многу добра активна транспарентност, укажува дека степенот на активна транспарентност кај политичките партии е релативно низок и постои значителен простор за унапредување, бидејќи отвореноста е обратно пропорционална од стапката на корупција, така што повеќе отвореност и транспарентност, толку помалку корупција, вели Даниловска-Бајдевска.

    Таа додава дека политичките партии се значајни актери во демократскиот политички систем преку кои граѓаните ги реализираат своите политички очекувања и барања.

    Политичките партии кои успеваат да добијат доволна поддршка од граѓаните, стекнуваат пристап до раководење на институции преку кои учествуваат во утврдување на стратешкиот правец во кој се движи државата. А, бидејќи партиите на власт извршуваат важни демократски функции (носат одлуки, ги креираат јавните политики и овозможуваат пристап на граѓаните до разни услуги), политичките партии треба да практикуваат високи стандарди на отвореност и транспарентност, порачува Даниловска-Бајдевска.

    Најдобар резултат на „Индексот на транспарентност“ има Левица со 60 проценти или 72 освоени поени, бидејќи партијата има добро уредена веб-страница со голем дел од анализираните информации. Веднаш по Левица, следуваат СДСМ со 55 поени, а ДС со 54 поени…

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар