Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Клучни министерства за спроведување на реформата на јавната администрација, се Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Министерството за финансии (МФ), кое, пак, е надлежно за спроведување на финансиската транспарентност и рационалност при креирањето на буџетските политики. Реформата на јавната администрација од 2017 година се спроведува посистематски од претходно, се вели во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во јавната администрација насловен како: „Администрирањето“ со администрацијата – клучен предуслов за реформите, во кој се прави пресек на состојбата со реформскиот процес од 2021 година, заклучно со 31 март 2022 година
За таа цел се формирани Тим за реформи во МИОА, Секретаријат за РЈА, кој ги подготвува и ги разгледува точките за кои расправа Советот за реформи во јавната администрација (СРЈА), со кои претседава претседателот на Владата на РСМ.
Советот, формиран во декември 2017 година, се состанува редовно од 2018 година. Оттогаш, на пример, датира идејата за регулирање на високата раководна служба, односно нејзино уредување преку посебен закон, кој сè уште го нема. На седмата седница на Советот во декември 2019 година се зборувало и за координација на процесот за хоризонтална функционална анализа за реорганизација и оптимизација на органите на државната управа, агенции и инспекциски служби. Истата тема доминира и на претпоследниот 8 состанок на Советот од декември 2020 година. На крајот од состанокот, кој се одржа во два дела, тогашниот премиер Заев го заклучи следното:
Реформата на јавната администрација е стратешка цел на Владата, а е и наша обврска и кон Европската Унија, но, пред сѐ, кон нашите граѓани. Планот е до крај на март 2021 година, во координација на сите министерства да се усогласат сите предлози и забелешки на предлог–измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, за да може до јули да се усвои Законот во Собрание.
Проектот за реорганизација и оптимизација на органите на државната управа се спроведува активно повеќе од 2 години со средства од ИПА, но голем напредок нема.
Последен запис за состанок на СРЈА е од јули 2021 година, кога бил претставен „Интегриран извештај за идната организациска поставеност на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво“, како дел од Проектот „Поддршка на државната реорганизација“:
Како заклучок на состанокот беше дека во наредниот период Предлогот за идната организациска поставеност на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво, ќе биде финализиран и доставен на седница на Влада.
Иако, како што може да се види, имало и заклучоци уште во март 2021 година за реорганизацијата на државната управа, до март 2022 г. резултати од тоа нема.
Самата имплементација се спроведува според Акцискиот план, кој еднаш веќе бил изменет во 2019 година и постојано се преразгледува од аспект на неговата функционалност, т.е. можност за спроведување. За некои сектори на реформите, а тие се решаваат во четири главни области, клучни се донесувањето на основните закони, во случајот споменатите измени на ЗВЈС, ЗАС и донесувањето на ЗВРС. Овие прописи се особено клучни за имплементација во секторот Јавна служба и управување со човечки ресурси.
Досегашната успешност во имплементацијата се оценува како умерена, иако во некои области е и поголема. Оценките се даваат и од самото МИОА во кварталните и годишните извештаи за спроведување на РЈА, потоа од меѓународни организации како што се ЕУ или институции финансирани од нив, како што е онаа на ОЕЦД и ЕУ, Иницијативата СИГМА. Годишните и кварталните извештаи понекогаш доцнат. На пример, за 2021 година тој извештај во март 2022 г. сè уште не објавен, додека според тој за учинокот во 2020 година, може да се дојде до општа оценка од околу 18 отсто од исполнетост на активностите во четирите секторски области каде што се спроведуваат реформите (Креирање политики и координација, Јавна служба и управување со човекови ресурси, Одговорност, отчетност и транспарентност и Давање услуги и ИКТ поддршка на ЈА).
Од вкупно 108 активности за кои се известува во периодот јануари – декември 2020 година, целосно спроведени се 19 активности, спроведувањето е во тек на 24 активности, а доцнат со реализација 65 активности. Зададената временска рамка за 2020 година е 18 отсто реализирана.
Според нацртот на полугодишен извештај за 2021 година, генералната спроведеност на активностите во смисла на целосно спроведени е само 10 отсто (5 од 51 активност), а ако се земат предвид и активностите што биле во тек на спроведување, процентот е пораснат на 53 отсто од активностите.
Според истиот документ, каде што е прикажана во проценти реализацијата на Акцискиот план за периодот јануари 2018 – јуни 2021 година, 48 отсто од активностите биле реализирани, 12 отсто биле во тек на реализација, а 40 отсто доцнеле.
Според Мониторинг-извештајот на СИГМА од ноември 2021 година, РСМ има напредок во 4 области, компарирајќи ги со 2017 година и со состојбите во регионот, а во две, пак, се под просекот од регионот. Напредокот е забележан во стратешката рамка за реформите во администрацијата и во отчетноста и испораката на услуги, додека земјата е зад просекот од регионот во однос на Креирање политики и координација и во Јавна служба и човечки ресурси.
Општата оценка наведена во извршното резиме од овој извештај за РСМ во 2021 г., споредено со 2017 година, е дека:
Видлив прогрес е забележан во иницирање на различни реформи во областа на администрацијата, додека имплементацијата е со ограничен резултат, бидејќи помалку од половина од планираните активности на годишно ниво се спроведуваат.
Успешни приказни, според самото МИОА во полугодишниот извештај, се напорите на Генералниот секретаријат (ГС) на Владата за воведување мерки за подигање на капацитетите за среднорочно секторско и годишно планирање, како и за следење и известување и оценување на политиките.
ГС заедно со претставници од други министерства и институции (Министерство за финансии, МИОА, Секретаријат за европски прашања – СЕП и Секретаријатот за законодавство – СЗ), подготви низа документи од типот нацрт-упатства, обрасци и други документи, наменети за органите на државната управа за начините на стратешко планирање, секторските стратегии, известувањето за нив и слично.
Голем удел за 2021 г. во овој дел од реформите е и успешно спроведениот Попис на населението врз основа на успешно претходно усвоени законски и подзаконски документи.
Покрај ова, ГС објави и стратешки план за негов развој за периодот 2021-2023 година, што може да се види на линкот ТУКА.
Формално гледано во овој реформски сегмент наречен Креирање политики и координација, постојат повеќето неопходни документи: деловници и правилници, методологии, оперативни планови и упатства и сите тие се јавно достапни и на страницата на ВРСМ на посебен линк. Проблемот е нивно обновување и подобрување на текстовите и тоа се работи или е планирано да се работи согласно Акцискиот план за СРЈА. Како пример може да се посочи Прирачникот за стратешко планирање , кој е од 2014 година.
Од разговор со експертите во фокус-групата може да се заклучи дека во поглед на стратешката и законската рамка, координација при креирањето политики постои. Стратешкото планирање е веќе воспоставено, постојат механизми за стратешки планови и планови за нивно спроведување. Тие работи ги води и координира Генералниот секретаријат при Владата, преку одделенијата или секторите за стратешко планирање при министерствата и надолу по вертикала во сите институции на државната управа, кои се задолжени да имаат вакви документи поврзани со нивната работа. Експертите меѓутоа, истакнуваат дека како целиот процес се спроведува, зависи од институција до институција и од квалитететот на кадарот со кој располагаат. Освен ова, според експертите од фокус-групата, можеби е недостаток и тоа што изработката и обврската за изработка на стратегии никаде не се забележани како посебна обврска, туку се црпат од Законот за Влада.
Како проблем што се наметнува во овој дел, креирање политики, е доброто владеење или управување. На пример, во периодот од првиот квартал од оваа година се наметнува и прашањето каков механизам да се воспостави во контролата на трошењето јавни пари и функционирање на институциите според закон, за што во голем дел е надлежен и Државниот завод за ревизија. Основниот проблем е во прашањето што ги разгледува и кој треба да постапува по извештаите и наодите од оваа институција. Според неподелено мислење на првиот човек на ДЗР и на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Собранието многу поактивно треба да се вклучи во разгледувањето барем на клучните извештаи на ДЗР, но освен тоа, треба да постои и механизам во самата Влада и министерствата за брзо постапување по наодите на ДЗР, доколку институциите се инертни и не постапуваат по забелешките.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар