Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Крива Паланка ги дигитализира јавните услуги и субвенциите преку воведување на мобилната и веб – апликација „мЗаедница“ , која веќе им е достапна на граѓаните.
Преку апликацијата, жителите можат и директно да комуницираат со општината, со одговорните службеници од секој сектор/одделение, да го следат статусот на пријавениот проблем од било која област или предлогот и пријавата да ја поткрепат со фотографии и GPRS локација.
„На овој начин, Крива Паланка воспоставува систем на континуирана двонасочна комуникација со граѓаните. Општинските служби ќе бидат поинформирани за сите случувања на терен, во реално време и ќе се придонесе кон креирање на поквалитетни и одржливи политики, кои одговараат на потребите на локалното население“, велат од општината.
Градоначалникот Сашко Митовски посочува дека преку „мЗаедница“, Крива Паланка уште повеќе ја унапредува својата транспарентност, но го подобрува и квалитетот на јавните услуги што ги испорачува општината.
„Ако порано за еднократна помош или за стипендија за ученици, мораа да се поднесат документи преку архива, сега заинтересираните ќе може да аплицираат и по дигитален пат. Граѓаните заштедуваат време, а и администрацијата ќе биде поефикасна. Убеден сум дека ќе имаме успешна и продуктивна комуникација со нашите сограѓани“, истакна градоначалникот Митовски.
Дигиталната платформа „мЗаедница“ е развиена од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21. Извршниот директор на организацијата, Милан Танчевски посочува дека Крива Паланка е петта општина која се приклучува кон „мЗаедница“, а бројот на општини кои ја користат апликацијата дополнително ќе се зголемува.
„Сакаме да овозможиме поквалитетни, дигитализирани јавни услуги за граѓаните, но и двонасочната комуникација меѓу граѓаните и општинската админиситрација да биде трајна вредност. Затоа што градоначалниците имаат одреден мандат, а администрацијата е таа која има постојан контакт со грaѓаните и таа комуникација, соработка мора да се унапредува. Само на овој начин промената ќе биде суштинска, системска и квалитетот на јавните услуги нема да зависи од политичките промени“, истакна Танчески.
Апликацијата „мЗаедница – Крива Паланка“ е дел од проектот „мЗаедница за еЗаедница“, поддржан од проектот „ Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“, кофинансиран од Европската Унија.