×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Книга „Чувари на прозорци“ - посветена на кривопаланечката чаршија и куќите од кал во Индија

    04.03.2023 17:31 | KumanovoNews

    Преку испреплетени приказни за Старата кривопаланечка чаршија и куќите од кал во хималајското село Џангал Бери во Индија, сместени во книгата„ Чувари на прозорци“ , која беше промовирана вчера во Крива Паланка,  се доловуваат две различни култури, но и блиските социјални предизвици во зачувувањето на културното наследство во двете далечни земји.

    Книга „Чувари на прозорци“ - посветена на кривопаланечката чаршија и куќите од кал во Индија

    Ова издание претставува илустрирана детска книга, наменета и за возрасни, а авторки се Кирила Цветковска , истражувачка, уметничка  и кураторка од Македонија  и Кавита Син Кале, уметничка, илустратор и автор на детски книги од Индија. Книгата е тројазична - на македонски, хинди и англиски јазик, а издавач е Градскиот музеј од Крива Паланка, со поддршка на Министерството за култура и Општина Крива Паланка.

     “Чувари на прозорци е замислена како еден вид визуелна етнографија на две далечни места, а идејата е да се прикажат две паралелни приказни кои се одвиваат во Старата чаршија во Крива Паланка и во хималајското село Џангал Бери, кои “ќе се сретнат” и ќе ги споделат предизвиците меѓусебно во средината на книгата. Приказните ја потенцираат одговорноста за зачувување на културното наследство, преку ликови наречени “чувари на прозорци”, кои се обични луѓе кои љубопитно ѕиркаат од прозорците од куќите, набљудувајќи ги дневните случувања, но и забележувајќи ја промената во местата каде што живеат“, вели Драган Величковски, директор на Градксиот музеј од Крива Паланка.

    Иако оддалечени илјадници километри и навидум изобилувајќи со доста различни култури, овие две земји се соочуваат со слични предизвици кога станува збор за зачувување на одредени елементи од едно културно наследство, било тоа да вклучува одредена уметност, архитектура или занает.

    „Целта е да поттикнат одредени социјални и општествени прашања за културното наследство, кое се нарушува бидејќи традиционалните градби  се претвораат во згради, а цементот и бетонот ги заменуваат каменот и глинените плочи. Општествените норми се прифатени како симбол на моќ и одреден социјален статус, а на овој начин, освен самата архитектура, исчезнува и традиционалниот занает, како и нивното социјално и културно значење“, посочуваат авторките Цветковска и Син Кале.

    Идејата за книгата се родила откако авторките се запознаваат на виртуелната резиденција за уметнички и писателски практики наречена REMOTA (организирана од Can Serrat, Шпанија и Guion Bajo, Колумбија) каде пронаоѓаат многу сличности околу поимите за дом и припадност и нивните животи, и покрај оддалеченоста од илјадници километри. Желбата за создавање и општествено дејствување е двигателот на овој проект, стремејќи се кон споделување и учејќи едни од други преку реалноста и имагинацијата.