Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Огромна пивтија приготвена на традиционален кривопаланечки начин и зелник со пречник од 1,5 метри беа главната атракција на денешната свеченост во Крива Паланка, по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици, која се одржа на Градскиот плоштад.
На празничната кривопаланечка трпеза се најдоа голем број специјалитети што имаа можност да ги вкусат кривопаланчани. Најголемата пивтија, како и сервирани мали пивтии за посетителите ги приготвија Ресторан „Парк“ и Пицеријата „Аквариум“, а сопственичката Емилија Стојковска воодушеви и со празничната торта во облик на златен крст.
Членките на Клубот „Достоинствен живот“ при Општинскиот Црвен крст , пак, и овојпат се покажаа со бројни традиционални специјалитети како зелници, кифли, банички, колачи и топли мекици. Тие го изработија и најголемиот зелник со пречник од 1,5 метри и со 60 кори.
„ Зелникот е приготвен ноќеска во фурната „Вардар“ за кој се употребени повеќе од 10 киограми брашно. Вредните членки рачно ги сучеа корите и со љубов го подготвија овој традиционален специјалитет во знак на посветеност кон верата и почит кон празникот. Среќни сме да даваме и да видиме задоволни и насмеани лица“, вели Дарко Пешовски, секретар на Црвениот крст од Крива Паланка.
Богојавленскиот водосвет и фрлањето на крстот беа извршени во осветените води на Крива Река од страна на свештениците на Кривопаланечкото архиерејско намесништво. Најсреќниот меѓу бројните скокачи по крстот беше младиот Ивица Ѓерогиевски на кој градоначалникот Сашко Митовски му подари телевизор, а Зегин ваучер од 200 евра од Техномаркет.