Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Отстранета е опасноста од парчињата бетон што висеа на долниот дел од нефункционалниот мост - надвозник кај селото Војник, над прометниот магистрален патен правец Куманово – Крива Паланка.
По укажувањето за опасност од страна на Центарот за управување со кризи (ЦУК), согласно добиените дојави од граѓани екипи на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта (ЈПОЗМРП) излегле на терен.
„Оперативните екипи на ЈП за одржување на патиштата излегоа на терен и плански ги отстранија опасните парчиња бетон што висеа по целата должина на мостот и повремено паѓаа на патот. По извршената работа за отстранување на опасноста, ЈПОЗМРП, известија со административно писмо дека е постапено по Решението на ЦУК со задолжение за постапување во определен временски рок“, соопштуваат од ЦУК.
Опасните бетонски парчиња, тие што претставувале потенцијална опасност, биле рачно отстранувани од вработени качени на дигалка, со наизменично затворање на една лента за сообраќај на прометниот магистрален пат, со многу кратки прекини на сообраќајот што безбедно бил регулиран со помош на знаменца и луѓе, а и со вообичаените знаци за работа на пат.