Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во EU House Крива Паланка беше промовирана стихозбирката „Топли одрони“ на поетесата Ирена Белешковска, која претставува нејзино поетско деби со кое најавува ново и надежно поетско име на книжевната сцена.
Промотори на стихозбирката беа претседателот на Друштвото на писатели Христо Петрески и Кристина Николовска, раководителка на Катедрата за македонска книжевност и култура при ФЛФ, УКИМ, кои ја најавија Белешковска како исклучителен талент со изграден и препознатлив стил од која се очекуваат нови книжевни возбудувања.
„Белешковска е редок автор дебитант кој има свој специфичен поетски глас. Уште на самиот почеток, авторката храбро изјавува дека размислува хамлетовски, а ние велиме дека тоа е поетска игра, потрага по вистината и убавината, стихови нанижани во носталгични и меланхолични препеви. Нејзините пориви и преокупации се неуморни, незапирливи, ненаситни, или како што вели самата аворка тие се кош на спокој и празнина. Постојано е исправена пред невидливиот штит, резигнирана и разочарана што не сме безгрешни, па ја привлекува и облагородува нагонот и стремежот од безгрешноста. Нејзините песни се во вид на концизни, јадровити и лапидарни форми, а напевите длабоко доживеани, искуствени и егзистенцијални и се води од мотото- никому не ветувај, ама и не верувај“, истакна промоторот Петрески.
Промоторката Николовска рече дека Белешковска како активен книжевен и литературен афирматор е потенцијал чии мисли во дебитантската книга ги препознаваме како потрага по боите на животот, како ронење на феноменот живот кој врви и се одронува.
„Ронењето како моќен глагол кој дејствува во стихозбирката „Топли одрони“ ги води конците на замислата на поетесата. И така се рони времето, солзата, љубовта, животот, па така и одроните на Белешковска се топли, човечки и лирски. Целата стихозбирка функционира како невидлива семантичка мрежа, распослана низ стиховите кои длабински се контролирани“, подвлече Николовска.
Организатор на промоцијата е НУ Центар за култура Крива Паланка, со поддршка на Министерството за култура.
Ирена Белешковска е од Крива Паланка , дипломиран филолог по македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Долгогодишен член е на Литературниот клуб „Калин“ при НУ Центар за култура Крива Паланка, новинар - дописник на МИА и истакнат спортски работник.