Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Седум години по катастрофалните поплави во скопското село Стајковци кои однесоа 22 животи, кумановката Емилија Цветковска (47) сè уште не може да ги заборави траумите од големата несреќа.
Таа беше една од многуте патници кои на 6 август 2016 случајно се најдоа на обиколницата на автопатот Куманово-Скопје и се соочија со големата непогода што ја предизвика природата. По поплавата, покрај физичкото закрепнување од задобиените повреди Емилија поминала низ посебни психолошки терапии и третмани, и успеала да го надвладее стравот од вода, но немирот и горчината во душата најверојатно ќе ѝ останат засекогаш.
„Искрено секоја поплава, секој дождлив ден кај мене буди немир. Кошмари немам, меѓутоа непријатности имам. Секој шум на вода ми прави немир на душата. Таа вечер не се заборава. Криците и повиците за помош во кој ти си немоќен да помогнеш е најтешкото нешто што можеш да го прифатиш. Јас се спасив, но што е со ониа што не успеаја“, се прашува тажно Емилија.
Големата поплава која пред 7 години направи пустош во селото Стајковци, ја затече Емилија околу 19 часот на обиколницата додека се враќала од работа. Обилните врнежи ѝ го наполниле автомобилот со вода, па откако излегла од него брановите почнале неконтролирано да ја носат. Успеала да се соземе и да почне да плива, поради што се одржала на површината на водата. По повеќе од 1 километар низ нивите, водата ја исфрлила на една чистинка во центарот на селото. Таму ги видела првите куќи и побарала помош. Со последни сили, премрзната и со недостаток на воздух, стигнала до куќата на семејството Крстиќ, кое ѝ помогнало да излезе од водата и да се спаси.
Од 7 години дистанца, таа вели дека животот ѝ го спасило само тоа што била присебна, бидејќи издржала два и пол часа да се бори со големите и ладни води. Препорачува секој кој можеби ќе се најде во таква ситуација да не дозволи го обземе паника.
„Јас во тие моменти мислев како да излезам од големите вртлози и како да најдам излез. Тоа е борба за сопствениот живот и тука нема потклекнување“, вели Емилија.
Оттогаш Емилија 6 август го слави како втор роденден, со своето семејство, но и со семејството Крстиќ коешто ја спаси, и за кое вели дека им го должи животот.
„Шести август е мој втор роденден и секоја година си го славам како вистинскиот роденден. Првин одам в црква, а потоа се слави како што е редот. Тортата не изостанува, како и свеќичка, овој пат со број 7. Уште од тој ден семејството Крстиќ е моето второ семејство. Јас и тогаш и сега повторувам, тие се моите спасители. Јас од тој ден станав дел од нивниот живот. Можеби чудно звучи, но ние сме сега едно семејство“, вели Емилија.
Откако на сопствена кожа почувствувала колку е тенка линијата помеѓу животот и смртта и добила втора шанса за живот, Емилија вели дека сега го цени секој ден, секој час, секоја секунда, го сменила начинот на живот и ги дефинирала приоритетите, а на прво место ѝ е нејзиното семејство.
„Пред седум години сфатив што значи живот во буквална смисла на зборот. Во борбата со водената стихија единствено што ми даваше надеж дека ќе победам беше мојата верба во бога и мојата фамилија, моите три сонца кои ме чекаа дома да се вратам од работа. Добив втора шанса во животот и направив тотална промена. Направив крупни, џиновски чекори и сега живеам онака како што мислам дека е исправно. Многу нешта се сменија. Кога ќе сфатиш дека само еден мал дел те дели од смртта, тогаш сфаќаш што всушност значи да живееш. Откако се случи поплавата искрено станав појака, спремна за секој предизвик затоа што се се случува со причина. Меѓутоа тоа е животот, а мене животот ме научи на секоја пречка да се исправам и одам напред уште похрабро“, додава Емилија.
Таа со своето семејство денеска живее и работи во Германија.
„Живееме во Минхен, веќе 5 години. Убаво е таму. Се навикнавме, меѓутоа многу често сме тука. Еве, сега сме на годишен одмор. Тука сум со моите. Се радуваме на секој заеднички ден. Убаво е кога си меѓу своите“, вели таа.