×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Стојанче Величковски - хералдичар со потпис на значајни симболи и обележја (видео)

    16.12.2021 15:04 | Жаклина Цветковска

    Стојанче Величковски од Крива Паланка е автор и коавтор на дел од најзначајните симболи и обележја во државата како што се официјалниот грб на претседателот на Македонија, грбот на МПЦ-ОА, првата сабја за почести на Баталјонот за почести на македонската армија, мноштво семејни, општински, корпоративни и други грбови.

    Како хералдичар и грботворец повеќе од 25 години создава значајни дела од уметноста на симболите, кои се дел од локалната и државна историја и традиција. Хералдиката го фасцинира затоа што најдлабоко навлегува во суштината на идентитетот на еден народ, но и на поединецот.

    „Хералдиката настанала уште во 11 век и уште тогаш, како и за време на крстоносните војни, почнале да се утврдуваат правилата што треба да ги содржи еден грб. Тие правила важат и сега, а секој грб мора да има штит, шлем, мантија, челенка и максима. Сите треба да бидат поставени во точно определена позиција, боја, положба и форма“, објаснува Величковски.

    Како автор со огромно искуство, еден од најголемите предизвици му биле грбот на МПЦ-ОА, кој го изработил заедно со свои колеги од некогашното Македонско хералдичко здружение.

    „Кога работевме на грбот на МПЦ-ОА требаше да ја поминеме целата држава и од секоја епархија да се утврди одреден симбол што ќе се вметне во грбот. Замислете колкаво богатство и културно наследство има МПЦ во иконите, а вие сте тој што треба да одредите кој симбол да биде вметнат. Тоа е огромна чест, но и предизвик, бара саможртва и посветеност. Но, на крајот, личната сатисфакција е многу поголема од она што би можело да се нарече материјална добивка за нас хералдичарите“.

    Благодарение на постигањата, Величковски ја имал честа да биде автор и на првата сабја за почести на претседателот на државата, што ја користи Баталјонот за почести при пречек на сите официјални државници, кои доаѓаат во нашата земја.

    „Пред мене се отвори еден широк фронт на истражување во кое морав да ги опфатам сите досегашни сабји за почести што постојат во државите и во армиите. Особено ми беше интересно проучувањето на експертите од Русија, затоа што тие освен што имаат стручњаци кои докторирале на тема сабја, имаат и музеј во Санкт Петербург посветен на сабјата“, посочува Величковски.

    Куриозитет е што при изработка на сите репрезентативни обележја е вметнат дабовиот лист, односно ендемичниот македонски даб. Величковски појаснува дека дабот по својата симболика на стабилност, истрајност, долговечност, е омилен елемент што се користи во 10-тина држави, но ние сме единствени по македонскиот даб, познат во ботаниката како кверкус македоника.

    „Дабовиот венец се наоѓа околу штитот на официјалниот грб на функцијата претседател на Македонија, а дабовиот лист е специјално дизајниран во вид на штитник и на сабјата за почести. На сабјата се вметнати и уште два автентични елементи, поточно лорандитот од Алшар и црвениот македонски рубин, со што го затворивме симболичкиот мозаик на тоа што треба да претставува едно вакво репрезентативно обележје и да биде функционално за да може да го користи Армијата во чест на оние што ја посетуваат државата“, вели Величковски.

    Во својата над 25-годишна работа, тој има изработено и 50-тина семејни грбови, 10-тина општински грбови, потоа грбови на функции, институции, универзитети, академии и друго. Заедно, со корпоративните грбови, неговиот авторски потпис се наоѓа на близу 100 грбови.

    Величковски вели дека на почетокот луѓето приоѓаат со мала резерва кон значењето на личните и семејни грбови, но како што се навлегува во истражувањето подоцна и самите се фасцинирани од тоа колку не знаеле за себе и за семејната историја. Откриваат нови работи за семејното стебло, потеклото и семејните архиви од кои се креираат најважните елементи што ќе ги содржи одреден грб.

    „Тие елементи му даваат посебен белег на грбот, посебна вредност и чувство кога ќе кажете дека имате нешто сопствено. Многу луѓе го имаат тоа, без да знаат. Таа традиција кај нас Македонците, за жал, не е создадена“, вели Величковски.

    Тој е креатор и на нов симбол во хералдиката, кој за првпат го употребува во општинските обележја на Крива Паланка-грбот, плакетата и клучот на градот.

    „На кривопаланечкиот грб е изразена целокупната историја на Крива Паланка. Има осум петолисни розети, што го прават вкупно бројот 40, што значи Сарандопор или Сарандопорски, 40 кривини до Крива Паланка, потоа бројот 8 се врзува за Коридорот 8 и на крај симитот како елемент излезен од чаршијата, претставен како крстовиден симитен јазол. Покрај на општинскиот грб, од пред неколку години овој кривопаланечки симитен јазол се наоѓа и на плакетата што ја добиваат луѓето кои ја афирмираат општината во светот, како и на клучот на градот што им се доделува на личности кои ја добиваат титулата почесен граѓанин на Крива Паланка“, раскажува Величковски.

    Но, иако направил толку многу грбови, тој се уште нема личен или сопствен семеен грб. За тоа има причина.

    „Немам сопствен грб затоа што сум СТО-јанче и затоа што СТОјанче одлучи како хералдичар да направи 99 авторски грбови, а 100-от да биде негов“, низ насмевка вели Величковски.

    Неговото творештво е дел и од светски научни трудови и енциклопедии како што е примерот со грбот на Општина Демир Хисар кој е сместен во едно од најзначајните хералдички остварувања, делото „Хералдика и ваксилологија“ од светски водечкиот автор Алфред Знамиеровски од Полска.

    Стојанче Величковски - хералдичар со потпис на значајни симболи и обележја (видео)