×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Викенд предлог: Водопад „Длабочица“

    18.03.2023 11:42 | KumanovoNews

    Доколку сакате да побегнете од градот и да се одморите и релаксирате во природата, наш предлог е да го посетите  водопадот „Длабочица“ во селото Длабочица. Козјачкиот регион изобилува со недопрена природа, која заслужува да се види. Затоа во продолжението на текстот ќе ве запознаеме со географските и историските карактеристики на овој преубав предел. 

     

    Викенд предлог: Водопад „Длабочица“

    Ако сте од Куманово, треба да тргнете во правец на селото Дејловце, општина Старо Нагоричане. Ова село е последната „станица“ до која има асфалтен пат и може без проблем да се стигне со возило. Од центарот на Куманово до крајот на  асфалтот има точно 39 километри. Попат ќе поминете во и покрај селата, Младо Нагоричане, Старо Нагоричане, Драгоманце, Врачевце, Жегљане, Степанце, Кокино, Арбанашко и на крај Дејловце, што значи дека веќе сте во Козјачкиот регион.

    Таму на северната страна од патот се наоѓа врвот Перен (1326 м.), каде ќе видите неколку репетитори, и тука можета да барате погодно место да се паркирате.

    Инаку, Козјачијата со Средорек претставува ридско - планинска област расположена во северниот дел на Македонија. Административно припаѓа на кумановската општина и го зафаќа нејзиниот североисточен дел. Се простира помеѓу течението на реката Пчиња и Крива Река и ги има сите карактеристики на самостојна природна целина. 

    Откако ќе пристигнете во атарот на селото Дејловце, до крајот до каде завршува асфалтниот пат, ви препорачуваме ако немате теренско возило, до водопадот да продолжите пеш. На почетокот, во близина каде што ќе го паркирате автомобилот, ќе здогледате три куќи и неколку други помошни објекти, каде што ќе ве пречекаат и верните чувари на објектите, неколку песови. Тука веќе сте на 1194 м. надморска височина. На раскрсницата има  патоказ, кој ќе ви покаже по кој пат треба да продолжите за да стигнете на водопадот.

    Продолжувате кон селото Длабочица и во наредните 3 километри постојано се  спуштате по земјен пат, поминувајќи  низ прекрасна шума и воодушевувачка глетката. По 1,4 км пешачење, од левата страна од патот, преку еден дол, каде протекува потокот Мечњак, преку густата шума во далечината може да забележите неколку запуштени куќи во Крстинска маала или Крстинци. Додека пешачите  низ тишината, го слушате жуборењето на водата од потокот,  додека од десната страна поминувате покрај неколку разрушени објекти - ѕидини, кои најверојатно некогаш биле воденици.

    По три километри пешачење од почетната точка, ќе се спуштите на најниска надморска височина на 873 метри, каде што ќе ве пречека малата и питома река, Мала река, а тука од левата страна го прима потокот Мечњак. Мала река е инаку лева притока на Пчиња, а изворот и се наоѓа во атарот на селото Длабочица, на границата на планината Козјак и планината Герман, на надморска височина од околу 1280 метри. Долга е околу 17 километри и има просечен пад од 48.0%. На Мала река во минатот инаку се наоѓале најдобрите воденици во оваа област, а ние бевме сведоци да видиме една.

    Во тие три километри пешачење, сте се спуштиле за 321 метер пониско. Тука сте во центарот на селото Длабочица. Од тука потекнува и името и топонимот на селото, бидејќи води потекло од положбата, каде набљудувано во целина, има изглед на депресија. Населението зборувало дека населбата од сите страни им била „заградена со чукари“. 

    Тука во близина, пред да ја преминете реката, на 300 метри оддалеченост, десно од патот се наоѓа и планинарскиот дом во селото на 888 метри надморска височина. Во минатото во тој објект се наоѓало и било училиштето. 

    Исто така, тука се поминува реката преку едно мало дрвено мостче, и веднаш во близина од десната страна ќе здогледате еден објект кој наликува веројатно на некаква воденица во минатото, а од левата страна патоказ за црквата „Св. Јован“. 

    Инаку црквата „Св. Јован“ била изгрдена околу 1937 година во маалата Стари кладенац. Пред тоа на тоа место се наоѓал храм во урнатини. Покрај црквата се наоѓаат и селските гробишта.  Што се однесува до староста на селото, Длабочица е старо село. Регистрирано е и во Турските пописни дефтери од XVI век. Во 1519 година биле регистрирани 7 семејства христијани или околу 35 жители, а во 1573 година, 14 семејства христијани, 11 вдовици и 25 неженети или околу 106 жители.   

    Селото припаѓало на нахијата Нагоричане, и во 1570 година биле попишани следниве луѓе: Јове Тодор; Угрин Тодор; Цветко Јове; Волче Јове; Рајо Сиромах; Било (Пило) Рајо; Стојан Рајо. Баштина: ниви – 8; зеленчукова градина – 1; гумно -1; воденица – 1; данок – 30 (акчиња).  Приход без испенџето – 600 (акчиња).

    Денешна Длабочица при крајот на XVIII век ја основале доселени родови. Најпрво ја основале маалата Стари кладенац, која се наоѓа најниско во долината десно од Мала река. После тоа, нејзините преселеници ја основале маалата Клисура, на повисока положба. Маалата Крстинци или Мрцаница и Езерска се најмлади: нив ги основале два доселени брата, кои тука се разграниле во посебни родови. Браќата по старина биле доселени од Велешки крај (Бабуна), а некое време прво живееле во маалата Ивачковица. Во селото постои и маалата Филиповци.

    Аниште е место југоисточно од селото на планински превој. Тука постоел ан во кои одмарале патниците на караванскиот и тежок пат Куманово - Горна Пчиња. Не се знае кога тој ан бил срушен. 

    Откако се запознавте на еден дел со историјата на селото, и сте препешачиле три километри до сега,  до водопадот ви преостануваат уште скоро 2,5 километри, но тука започнува угорнина. Патот на некои места поминува низ густа прекрасна шума, а на некои места освен искачување, ќе забележите и благи спуштања низ теренот, каде при крајот на целта, пред да пристигнете до водопадот, пак ќе ја забележите Мала река, која верно на одредени места го „следи“ вашето пешачење и со нетрпение ве очекува да пристигнете на нејзиниот водопад. Во вториот дел од пешачењето, ќе искачите висинска разлика од околу 160 метри. Водопадот се наоѓа на околу  1040 метри надморска височина.

    Кога ќе го видите последниот патоказ за водопадот на кој е означено дека треба да скршнете на десно од главниот земјен пат, знаете дека сте ја освоиле целта. Водопадот е на 100-тина метри пред вас, каде за пола минутка ќе ви се појави пред вашите очи, а пред да го здогледате, ќе ја чуете бучавата од „убавецот“ и ќе ја почувствувате свежината на воздухот кој водопадот ви ја пренесува, а пејзажот пред вас е фантастичен. Импресиите од местото не можат да се опишат, треба да се посетат и почувствуваат! 

     

    Автор на текстот: Филип Ѓошевски, дипломиран географ на институт за географија – ПМФ 


    Литература:
    Ј.Ф. Трифуноски – Горња Пчиња, Српски етнографски зборник / САНУ, Одељење друштвених наука, Насеља и порекло становништва, књ. 38, Београд, 1964. 
    А. Стојановски - Турски документи за историјата на македонскиот народ, Опширен пописен дефтер за Ќустендилскиот санџак од 1570 година, том V, књ. V, Архив на Македонија, Матица македонска, Скопје, 1995. 
    фото: Ф. Ѓошевски, јануари, 2023.