Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Блаце било посебна мала селска населба во источниот дел на кумановскиот крај. Се наоѓало помеѓу селата: Бајловце, Кокино, Добрача и Степанце, на падините на возвишението Високо (878 м) од исток и Враница (768 м) од запад.
Блаце било мало македонско село. Имало десеттина домаќинства, кои припаѓале на еден род. Населението главно се занимавало со сточарството и земјоделството. Едно домаќинство имало околу 300 овци. Вода за пиење населението добивало од извори.
По српско – турските војни од 1876-1878 година, во Блаце и околните села бил „таксидар” или „порезџија“ некој Јашар, Албанец од Прешевското село Норча, од соседна Србија. Со лошите постапки тој му здосадил на малобројното и незаштитено население во Блаце. Ги напаѓал чесните жени, изнудувал пари, барал подобра храна, барал да се колат јагниња. Поради тоа, една ноќ населението од Блаце решило да се ослободат од насилникот. Го обесиле на местото кое денес се нарекува Јашарово бесило. Потоа, сето население од Блаце, заедно со добитокот пребегнало на север во соседна Србија. Државната граница ја преминале некаде во близина на селото Ристовац (Врањска котлина), па се населиле во некое српско село, можеби во околината на Врање.
Нивните ниви, куќи и пространите пасишта во Блаце „за крв и одмазда“ ги присвоиле Албанците од споменатото прешевско село Норча, кои биле Јашарови роднини. Од нив три домаќинства се населиле во Блаце и тука останале до 1908 година. Така Блаце, пред крај на турското владеење, од околу 1880 до 1908 година постанало албанска населба. По името до неодамна се паметел само Албанецот Асан. Меѓутоа, 1908 година, поради оживувањето на српската четничка организација во Кумановскиот крај, Албанците во Блаце не се чувствувале безбедни. Набрзина го продале селскиот имот, и се преселиле. Нивите и пасиштата, најголем дел ги купило населението од соседното село Бајловце и мал дел од селото Кокино. Се зборувало дека Блаце имало пространа утрина, зафаќала површина од околу „две илјади дулуми“. Местата под утрина ги носат следниве имиња: Високо, Голема и Мала Чумица, Раскрсје и Враница.
Додека во Блаце престојувале Албанците, тие утрината во зима ја издавале на влашки сточари. Тие Власи во лето со стадото овци престојувале на Осоговските планини (дел околу Калин камен) и на планината Герман (дел Билино).
Хроничарот Јован Хаџи Васиљевиќ наведува дека пред крајот на турското владеење во кумановскиот крај Власи имало во селата Макреш, Стрезовце и Блаце. Во Блаце во минатото постоела и црква Св. Петка. Местото со срушениот храм, Албанците го викале Киша. Покрај самото денешно селиште Блаце, од источна страна се издигнува возвишението Високо (878 м). На него до неодамна се наоѓале остатоци од многу значајна тврдина.
Во кумановското село Пелинце во долината на р. Пчиња, Јован Трифуноски 1971 год., нашол род Б л а ќ а н ц и со 4 куќи кои во XIX век биле доселени од сега исчезнатото село Блаце, кај денешно Бајловце. Стара родовска слава им е Св. Архангел.
Исчезнатото село Блаце било раселено во два наврати. Неговото старо македонско – словенско – христијанско население било принудено да го напуштат селото околу 1880 год. Потоа во селото биле населени муслимански Албанци, кои во Блаце останале до 1908 год. Оттогаш Блаце не постои како населба.
Трагите на раселеното село на неговото пусто селиште воглавно се исчезнати како последица на искористување на земјиштето од страна на земјоделците од соседните села.
Извор:
Ј.Ф.Трифуноски - Исчезла сеоска насеља у Кумановској области, Врањски гласник, књ. 7, Врање, 1971
Пишува: Филип Ѓошевски, дипломиран географ