×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Речичко Езеро - непозната природна убавина покрај Куманово

    07.05.2022 09:52 | KumanovoNews

    На само 6 километри северно од Куманово, скриено меѓу житните полиња на атарите на селата Речица, Долно Којнаре, Костурник и Горно Којнаре се наоѓа малку познатото Речичко Езеро. 

    Речичко Езеро - непозната природна убавина покрај Куманово

    До езерото може да се стигне по старото Врањско џаде преку селото Долно Којнаре, преку автопатот Куманово- Табановце, и по патот кој води преку селото Речица. 

    Земјиштето на кое се наоѓа Речичко Езеро припаѓало на ЗИК - Куманово, а некогаш тука се простирало „Јовичино имање“, па така локалните жители и денеска го нарекуваат.

    Староста на езерото датира од 1923 година, кога Јовица Стефановиќ го купил имотот од бегот од Горно Којнаре. Тука изградил брана, за да ги наводнува нивите.

    Езерото се наоѓа на надморска височина од 361 м. Зафаќа површина од 9.153 квадратни метри (0,9 ха), должината на бреговата линија изнесува 929 метри, максимална должина на езерото е 356 метри, додека максимална широчина му е 68 метри. Длабочината е до 8 метри, а провидноста и просечната температура на водата не е позната. На јужната страна на езерото е изградена бетонска брана од понов датум долга 110 метри, додека на почетокот кога било формирано езерото, постоела стара брана на северната страна која сега е потопена. Езерото е најбогато со вода во мај и ноември, кога во кумановската котлина паѓа најголемо количество на врнежи, додека нивото на езерската вода се намалува во летните месеци, особено во месец јули. Во студените зимски месеци често се случува езерото да замрзне.

    Исто така езерото е богато со животински и растителен свет, доста е богато со риби. Во него се среќаваат: американски сом, костреш и караш. Но, во езерото можат да се забележат и водни змии, пијавици, жаби, патки, како и голем број на инсекти. Од растителен свет, езерото е богато со трски и некои видови на треви. 

    Речичко Езеро претставува рекреативна туристичка дневна атракција, па голем дел од годината го посетуваат љубителите на риболовот, а во летните месеци некои посетители и се капат во него. 

    Затоа е добро секој љубител на природата и тишината да го посети ова преубаво мало езерце и да ја почувствува убавината на недопрената природа.


    Филип Ѓошевски, дипломиран географ