Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Нивната најстара фамилија Нерандза се појавила некаде во втората половина на XIX век, а речиси сите влашки фамилии доаѓале од Крушевскиот крај. Се занимавале со земјоделство, сточарство и трговија.
Влашката заедница во Македонија денеска 23 мај го одбележува – Меѓународниот ден на Власите.
Македонија е единствената држава во која влашкиот народ е составен дел од Уставот и согласно Законот за празници – 23 Мај е признат како неработен ден за влашката заедница.
На овој ден, на 23 Мај во 1905 година турскиот султан Абдул Хамид II преку империјален декрет (ираде/проглас) ги призна Власите како посебен етникум со право да избираат свои муктари/градоначалници, да организраат образование и да вршат богослужба во црквите на влашки јазик на целата територија на Отоманската империја.
Во оваа прилика, по повод Меѓународниот ден на Власите, накусо сакам да споделам кус осврт за потоклото на влашкото население во Куманово и кумановскиот крај, како еден од останатите етнички елементи во нашиот крај.
На територијата на денешна Македонија, до крајот на турското владеење во 1912 г. никогаш не бил извршен вистински попис на населението. Прв официјален попис е спроведен во 1921 и 1931 година. Меѓутоа, таа државна статистика за Власите не водела посебна рубрика. Први статистички податоци за Власите – под името Власи – на територијата на Македонија имаме по Втората светска војна и тоа од 1953 година. Наведениот попис објавил дека тогаш во Македонија живееле 9.233 Власи, додека пак во градот Куманово биле попишани само 12 луѓе со влашка националност. Споменатата 1953 година, состојбата со Власите во останатите населени места во кумановскиот крај е следнава: Добрашане (104), Орашац (28) и Стрезовце (1). Според останатите пописи, во Куманово во 1981 година со влашка националност биле попишани 44 луѓе, во 1991 со влашка националност се изјасниле 76 луѓе, во 1994 година, 85 луѓе, а во 2002 година со 108 луѓе.
Според статистичките податоци на Васил К’нчов, во Куманово егзистирале и Власите. Нивната најстара фамилија Нерандза се појавила некаде во втората половина на XIX век, а особено сите влашки фамилии доаѓале од Крушевскиот крај. Се занимавале со земјоделство, сточарство и трговија. Во Куманово посебно се појавиле после изградбата на железничката пруга Скопје-Ниш во 1888 година, кога во градот биле регистрирани фамилиите: Ѓорѓевски, Пуревски, Ицо и Ташкови. После нив, пред крајот на XIX век, биле доселени: Барба, Измер и Тагазовски. Како етничка група, тие во 1905 година успеале да добијат статус на посебен народ (милет) од турските власти, после што можеле да отворат свои училишта и да имаат претставници во локалната управна власт. Некои влашки фамилии биле доселени после балканските војни како: Николовски и Зисовски во1920 и Велковски во 1923 година. На конгресот на Власите 1910 година, бил направен обид за формирање на самостојна црква, со богослужба на влашки јазик, меѓутоа, тоа поминало без некој особен успех. Во Куманово отвориле свое училиште во 1906 година, а се зборувало дека биле носители на романска пропаганда на овие простори, па 1912 година Србите го затвориле ова училиште.
Според В.Ј. Трпковски (1986), влашките фамилии кои живееле во Куманово, имале потекло од Грамос и Пинд, а во Куманово биле доселени околу 150 фамилии и тоа: Папастерју, Пачиа, Сука, Колчу Димитри, Урдару Георги Наки, Костадиница Нашку, Марку Дину, Ламбру Никола, Гуду, Папакоча, Думба, Тоду Божин, Нашку Ташку, Лега, Зику, Таса, Газду, Пуре, Пера, Копачи, Папча и т.н. Голем дел биле занаетчии: златари, кујунџии, казанџии, калајџии и други, а еден дел биле трговци со жито, мануфактура, колонијални стоки, анови и т.н. Многу се преселиле во Скопје.
Исто така, освен градот Куманово, Власи живееле и во некои селски населби, како Добрашане и Макреш, а како што напоменавме на пописите биле попишани и во Стрезовце и Орашац.
Во селото Добрашане, фамилии со влашко потекло, според истражувањата на Ј. Трифуноски од 1965 година се: Д е д а К о с т о в и (5к, св. Андон), се населиле 1900 г. – К а р а н ц и (5к. св. Андон), се населиле 1907 година – К а л а ј џ и и (5 к. св. Јован), се населиле 1917 година – З и к о в и (1 к. св. Атанас), се населиле после 1918 година. Споменатите фамилии, пред доселувањето во Добрашане, се движеле како сточарски номади кои преку лето редовно оделе на Осогово (Калин камен). Од Добрашане тие до 1948 година преку летото оделе на Калин Камен. Влавот Зико споменатата година имал околу 1.000 овци. Власите имале и земја. Во минатото брак склопувале само меѓу себе. т.е. со Власите од Овче Поле и од околината на Штип.
Во кумановското село Макреш во 1970 година жевеела една влашка фамилија Т а ш к о в и, кои биле единствени Власи во тоа село. Во Макреш биле доселени во втората половина на XIX век. Еден познат предок во таа фамилија се викал Нако Влав.
Исто така, власи живееле и во сега исчезнатото село Блаце (Блатец) во близина на селото Бајловце во Козјачкиот регион.
Литература:
А. Урошевић – Куманово, Годишен зборник на филозофскиот факултет; кн.2, Скопје, 1949.
Ј.Ф. Трифуноски – Кумановска област, Скопје, 1974.
Ј.Ф. Трифуноски – Цинцари у СР Македонији, Лесковачки зборник XXVIII, Лесковац, 1988.
В. Ј. Трпковски – Власите на Балканот, Скопје, 1986.
Д, Масевски & М. Арсовски – Болто – Куманово : [историја, уметност, традиција, култура], Куманово, 2003.
Филип Ѓошевски, дипломиран географ