Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со победа против фаворизираниот „Гостивар 2009“, Женскиот кошаркарски клуб „Куманово 2020“ ги заврши натпреварите во првенството во Првата Б лига за жени. Со шест победи и само еден пораз успеа да се искачи на петтото место на табелата што за нив претставува голем успех, каде ќе го дочекаат почетокот на следната сезона во септември.
Сега започнува плеј оф фазата во која локалниот тим нема да настапува, иако има амбиции.
„Сега двете првопласирани екипи од Б лигата ќе играат со двете последни екипи од А лигата во плеј оф разигрување. Се надевавме дека ќе обезбедниме пласман, но тоа тешко може да се оствари. Инаку,конкурентни сме со првите екипи од нашата лига и мислам дека би постигнале сличен успех доколку би настапиле“, изјави Мартин Антевски,тренер на ЖКК Куманово.
По првите девет натпревари тимот имаше 7 порази и две победи, па зимската пауза беше искористена да го преземе тренерот Мартин Антевски и доби 3 засилувања: Александра Петрушевска, Стефанија Костадинова и Теа Алексовска.
„Со динамика од пет тренинга неделно и промена на играта сликата во пролетниот дел беше целосно сменета-билансот сега изнесува 6 победи и само еден пораз. Многу работи се сменија со трите засилувања, со зајакнат тренинг процес и со нова играчка тактика. Трудот што заеднички го вложивме даде резултати на крајот“, истакна Антевски.
Тој додава дека тренинзите ќе продоложат со исто темпо, повеќе ќе се концентрираат на кондициони тренинзи и на усовршување на техниките и целокупната игра. Со тоа уверува дека следната сезона ќе ја започнат експлозивно и уште на почетокот ќе го покажат квалитетот, што несомнено го поседуваат.