Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кристијан Андреевски, претседател на боксерскиот клуб „Куманово 84“, е избран за нов претседател на Националната боксерска федерација.
Андреевски беше едногласно изгласан од 29 клуба кои беа присутни на Собранието и му ја дадоа комплетната поддршка да ја води оваа Федерација, на вонредното изборно Собрание кое се одржа во СЦ “Борис Трајковски”, откако досегашниот прв човек на Федерацијата Фатон Салиху поради лични ангажмани и презафатеност поднесе оставка на функцијата.
Новиот претседател по изборот најпрво им се заблагодари на присутните и вети дека ќе работи пред се на подигање на квалитетот на боксот и негова популаризација како спорт, не само во Македонија туку и пошироко.
„Како претседател ќе ветам работа, за да боксот го подигнеме на уште поголемо ниво, да имаме квалитет и да направиме резултати со кои сите на крајот ќе се гордеме. Ние како Федерација ќе бидеме ваш сервис и заедно со вас ќе работиме во интерес на боксот“, кажа Андреевски во своето обраќање.
За потпретседател на Федерацијата е именуван Оливер Станков, претставник од БК Аперкат од Скопје, додека технички секретар ќе биде Бошко Тасиќ, од БК Куманово 84.
На Собранието исто така беа избрани и членовите на Управниот одбор во кој влегоа Горан Стојковски, Сашо Салтировски, Александар Трифуновски и Никола Ѓорѓиевски, на предлог на новиот претседател, додека на предлог од Собранието во Управниот одбор нови членови се Оливер Станков, Насер Харуни, Бобан Блажевски и Радмила Симевска, која е првата жена во историјата на Федерацијата.
Во Надзорниот одбор влегоа тројца членови а тоа се Владимир Цекиќ, Јове Петровски и Влајко Стојчевски.