Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ракометарките на Куманово го „обелија“ образот на локалниот спорт викендов, додека Машкиот ракометен клуб и Младинскиот кошаркарски клуб Куманово повторно доживеа пораз.
Фудбалерите на „Башкими 1947“ играа нерешено, а ГФК Куманово покажува значително послаби резултати, споредувајќи со минатата сезона- изгубија на гости во Кадино.
Женскиот ракометен клуб Куманово стигна до лесна победа од 32-19 против „Пелистер“ на гостувањето во Битола. Најмногу заслуга за победата има голманката Марија Јовановска, која имаше дури 18 одбрани на голот. Најефикасна беше Нена Несторовска со 10 постигнати гола, седум забележа Сузана Зечевиќ, а шест Мила Трајковска. Женските ракометарки се во победнички ритам, до сега имаат победено на 4 натпревари, а на еден претрпеле пораз. Моментално се второ пласирани во женската Супер лига Б.
Прволигашот Младинскиот кошаркарски клуб Куманово го изгуби натпреварот на гостински терен против екипата на Пелистер, со резултат од 88-74. Иако во првата четвртина МКК Куманово започна фуриозно и имаше двоцифрена разлика, веќе во втората четвртина започнаа да се кршат „копјата“, за да на полувреме екипите заминат со резултат од 50-47, во корист на домаќините. Во второто полувреме по три тројки на Стојановски налетот на битолчани беше незапирлив, а тимот на „Пелистер“ е непоразен од почетокот на првенството, со три победи од исто толку натпревари. Најуспешен за кумановци беше Урош Луковиќ со 19 поени, 12 скока и четири асистенции, Радукиќ запиша 20 поени, четри скока и две асистенции, а се истакнаа и Волер со 13 поени, три скока и една асистенција и Тадиќ со седум поени, еден скок и 11 асистенции. МКК Куманово до сега има два порази на гостувањата, првиот на дебитанскиот натпревар во прфата лига против екипата на ТФТ Скопје. Единствената победа е на домашен терен против Тиквеш Голден Игл. Моментално се на десетото место на табелата, од вкупно 12 екипи.
Машкиот ракометен тим Куманово изгуби на гостување со 10 гола разлика од второпласираните на табелата „Вардар 1961“. На полувремето, по 30-минутна игра кумановските ракометари заминаа со само 6 постигнати погодоци. Во текот на второто полувреме дел од играчите на „Вардар 1961“ играа на нестандардни позиции, кога дојде до намалување на разликата, но до крајот на натпреварот кумановци немаа сили сериозно да се заканат на противничкиот тим. Конечниот резултат беше 31-21, иако голем дел од ударните играчи на домашната екипа беа на клупа. Најуспешен за МРК Куманово беше Давид Димевски со 10 постигнати гола. По осум одиграни натпревари кумановските ракометари се наоѓаат на 10 место на табелата (од 12 екипи), имаат само две победи и вкупно 4 поени во доесегашниот тек на првенството. Се поизвезно е дека повторно ќе се борат за опстанок во Супер лигата во пролетниот дел на шампионатот.
Женскиот кошаркарски клуб „Куманово“ по распоредот на Првата женска лига викендов беше слободна, а следниот меч е закажан за 26 октомври, на гости против тимот на „Бадел 1862“. На првиот натпревар против „МЗТ Скопје Аеродром“ кумановки не излегоа на терен, а нема одговор од надлежните дали се уште постои оваа екипа.
Второлигашката фудбалска екипа на „Башкими 1947“ играше нерешено против тимот на „Новаци“ од битолско, и затоа претрпе пад на табелата за едно место, сега се на четвртото. На натпреварот Алпај Јусуф доживеа сериозна повреда уште во првото полувреме, па мораше да изостане од играта во втората половина од мечот. До сега „Башкими 1947“ има пет победи, два нерешени натпревари и еден пораз, и вкупно 17 поени. До сега секој тим одиграл по 8 натпревари.
Градскиот фудбалски клуб Куманово доживеа втор пораз во сезоната, со резултат 2-1 од ФК Кадино. Запишаниот гол за кумановци е всушност автогол на домашниот голман, но кумановската екипа има забелешки на судењето на натпреварот. Сметаат дека се оштетени за два гола, едниот е поништен за прекршок во напад на ГФК Куманово, а вториот поради офсајд. Следниот натпревар го играат на домашен терен против ФК Еуромилк.