Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Куманово по една сезона пауза се враќа со претставник во најсилното кошаркарско натпреварување. Дебитантот МКК Куманово утре му гостува на ТФТ во салата Кале со почеток во 13 часот со што започнува Првата кошаркарска лига. Мечот ќе биде пренесуван на МРТ3.
МКК го задржа домашното јадро кое минатата сезона му донесе на тимот прволигашки статус. Тоа се кумановчаните Филип Стојановски кој беше капитен минатата сезона, Ѓорѓи Георгиевски, Милош Јовановиќ, браќата Јован и Богдан Стошиќ надополнети со Карло и Паоло Блажевски, Ренато Димитриевски и Марјан Јаневски. Единствено недостасува Александар Штерјов кој неофицијално ја завршил својата кошаркарска кариера.
Оваа сезона пристигнаа четири странски засилувања кои би требало да му обезбедат на тимот подобар пласман.
Триесет и петoгодишниот српски кошаркар Урош Луковиќ прв пристигна во Куманово. Тој е познат на кумановската спортска јавност, бидејќи три сезони играше за КК Куманово, а една сезона неговиот татко Љубисав Луковиќ беше тренер на клубот. Последен пат кога замина од Куманово играше за МЗТ, лутиот ривал на кумановци, поради што Луковиќ беше напаѓан од кумановските навивачи.
Александар Радукиќ е вториот играч кој е претставен на кумановската јавност. Босанскиот интернационалец има 33 години и игра на позицијата крилен центар. Минатата сезона играше за ЦСКА Софија каде што просечно постигнуваше 14 поени и 8 скока.
Тадија Тадиќ (25) ќе бидне нов плејмејкер во тимот. Минатата сезона играше за „ДЕАЦ“ и Динамик каде во просек постигнуваше 7 поени и 2 асистенции.
Уште еден ветеран пристигна во Куманово а се работи за Антабија Волер. Тој има 36 години и изминатите седум сезони е редовен учесник во АБА лигата. Најпрвин настапуваше за Морнар па за Игокеа за да минатата сезона повторно се врати во црногорскиот тим каде што постигнуваше 7 поени во просек.
Во останатите натпревари бранителот на титулата МЗТ Скопје му гостува на Шкупи, Работнички игра против Феникс, Вардар го пречекува тимот на Гостивар. Еуро Никел 2005 ќе има тежок домашен натпревар против вториот најсериозен претендент за највисок пласман Пелистер, и колото го затвара натпреварот помеѓу Чаир 2030 и Кожув.