Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Низа спортски настани и турнири ќе се одржат по повод 11 Ноември – Денот на ослободување на Куманово.
Првиот натпревар е во петок во 12 часот, а се работи за улична трка за ученици од основни и средни училишта.
„Очекуваме да учествуваат околу 500 ученици, во сите категории. Поделени се во четири категории, првата од 1 до 6 одделение трча и најкратка рута, додека средношколците најдолга, од раскрсницата Рим-Париз, преку кружниот тек со улицата „Гоце Делчев“ до Градскиот плоштад“, објаснува Марјан Нојковски, претседател на Општинскиот сојуз на училишен спорт Куманово.
На 8 ноември, петок, со почеток во 19 часот Аикидо клубот „Агатсу“ ќе организира меѓународен семинар „Тоширо Суга“. Семинарот ќе се одвива во просториите на клубот на улицата Иво Лола Рибар 112, а посветен е на големиот аикидо инструктор, што го носи и неговото име.
Во сабота во спортската сала на Гимназијата „Гоце Делчев“ во 10 часот ќе започне пинг понгарскиот натпревар во организација на ППК Куманово, час подоцна во 11 часот ќе се одржи и турнир во стрелаштво со воздушна пушка.
Истовремено во 10 часот во ресторанот „Грација“ Сојузот за спорт и рекреација на инвалидите ќе организира натпревар во шах и електронско пикадо. Во 10 часот ќе започне и турнир во шах, во економското училиште „Перо Наков“.
Во организација пак на Боксерската федерација на Македонија и БК Куманово, во сабота, со почеток во 14 часот ќе се одржи 5-то коло од првата и младинската лига во бокс, во спортската сала на средното училиште „Перо Наков“.
Во 14 часот, ветераните на Фудбалскиот клуб „Куманово 2022“ на терените на училиштето „Магдалена Антова“ во населбата Карпош ќе одиграат мини Ноемвриски турнир во мал фудбал.
Во недела, во 10 часот во салата на „Перо Наков“ ќе одржи Меѓународен Рапид турнир, во организација на Градскиот шаховски клуб Куманово.
На 11 ноември, фудбалските клубови „Куманово 2012“ и „Куманово Еуроспорт“ ќе одиграат турнир во младинските категории на терените на Спомен Костурницата и кај Спортската сала, а натпреварите започнуваат во 10 часот. Во 13 часот, во „Перо Наков“ ќе се одржи турнирот во мал фудбал за Пехар на градоначалникот.