Објавен повик за проекти за рамномерен регионален развој
Министерството за локална самоуправа објави повик за финансирање на проекти кои ќе придонесат за намалување на диспаритетите во планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година, заради поттикнување рамномерен регионален развој.
Целта на повикот е доделување средства на проекти кои ќе придонесат кон намалување на разликите во степенот на развиеност меѓу регионите, јакнење на регионалната конкурентност и поттикнување на локалниот развој преку искористување на сопствените потенцијали.
„Приоритетни ќе бидат проекти за развој на современа и модерна инфраструктура во планските региони, препознавање и искористување на конкурентските предности на планските региони и подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти и користење обновливи извори на енергија“, стои во повикот.
Вкупниот износ на средства предвидени за финансирање на проекти изнесува 74.840.000 денари.
Право на поднесување предлог-проекти имаат: Центрите за развој на планските региони, општините, градот Скопје, јавните претпријатија и јавните установи, високообразовните и научни институции и здруженијата.
Рок за поднесување апликации е во текот на 2026 година, односно до искористување на расположливите средства.
Повикот со условите и критериумите е достапен на веб-страницата на Министерството за локална самоуправа на следниот линк:
https://mls.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-povici/otvoren-javen-povik-dispariteti-2026-godina