Мени

Обвинителството побара доживотен затвор за серискиот убиец во Старо Нагоричане

06.10.2026 16:26 | Сузана Николиќ

Со изведување завршни зборови на обвинителството и одбраната, денеска во Основниот суд во Куманово продолжи судскиот процес против серискиот убиец Трајче Бојковски од селото Драгоманце, обвинет за четири убиства и две обиди за убиство на жени во повеќе села во Општина Старо Нагоричане.

Обвинителството побара доживотен затвор за серискиот убиец во Старо Нагоричане

Обвинителот Љубомир Лапе, побара обвинетиот да се прогласи за виновен и да му се изрече најтешка казна – доживотен затвор, која ја предвидува законот врз основа на кривичните дела.

„Тоа е од повеќе причини, првенествено што за ваков тип на сторители на кривични дела, видно од психијатриското вештачење произлегува дека нема можноста за ресоцијалозација, дека постои висок степен на опасност за повторување на кривичните дела. Едноставно, не гледам како повторно би можел да се вклопи во општеството. И од тие причини сметам дека самата казна би можела да ги задоволи начелата на кривичното право, а особено во делот на штетата и последиците од кривичните дела, тие се ненадоместиви. Сите околности се на товар на обвинетиот од причина што сметам дека сите се отежителни, јас се трудев да најдам олеснителни околности, единствено ќе беше доколку дадеше искрено признание и каење, но бевте сведоци дека такво нешто отсуствуваше, од друга страна и психијатрите кажаа кога изјавува дека се кае тоа е само манипулација“, изјави Лапе по расправата.

Тој смета дека Трајче, кој работел како овчар, бил преслечен во мирен соселанец, неприметен од никого, а делувал кон немоќните, стари и изнемоштени. Жртвите биле исклучиво жени, на кои им се прикрадувал и изненадно ги напаѓал. Откако ги убивал, врз мртвите тела ги задоволувал своите ниски побуди и некрофилски страсти.

„Ваквиот заклучок неспорно произлегува од изведените докази, настрана околноста што обвинетиот Трајче дел од кривичните дела ги призна, а дел ги негираше, при што ни самиот не знаеше да конкретизира кое кривично дело не го признава. Јавното обвинителство во ниту еден сегмент обвинението не го темели на признанието на обвинетиот Трајче, туку на цврсти и несоборливи докази од кои јасно се утврдува фактичката состојба“, кажа обвинителот во завршните зборови.

На рочиштето на 28 септември, Бојковски кажа дека не ја убил Станче Каревска од село Клечовце, а подоцна истото го тврдеше и за Јанка Антевска. Промена на неговиот исказ имаше и во однос на мотивите на убиставата, па на тоа рочиште велеше дека тоа го правел поради пари, спротивно од тоа што го кажал во обвинителството кога ги признал убиствата и мотивите. Тој се каеше за сите дела што ги сторил.

Наспроти Обвинителството, одбраната денеска го оспоруваше едното убиство и два обиди за убиство, како и мотивите.

Адвокатот Тони Цветковски, кој е назначен по службена должност, кажа дека и покрај темелната истрага на обвинителството не биле обезбедени докази дека тој ја убил Станче Каревска што и самиот го негираше, а сметаше и дека нема докази за убиство со умисла поради ниски страсти на двата случаи на Слободанка Арсовска Росанка Трајковска.

Тој побара олеснителни околности за Бојковски, поради тоа што ги признал трите убиства и се покајал за сторените кривични дела, како и поради неговото ветување дека нема да ги повтори, бидејќи не е осудуван и се работи за млада личност.

Изрекувањето на пресудата ќе биде на 9 октомври.