Мени

Во Североисточниот регион во март издадени најмалку дозволи за градба

08.05.2026 17:03 | KumanovoNews

Во март 2026 година биле издадени 245 одобренија за градење, што е за 26,6 отсто помалку во однос на истиот месец лани.

Во Североисточниот регион во март издадени најмалку дозволи за градба

Најмногу одобренија се издадени во Полошкиот регион, а најмалку во Североисточниот регион, соопшти Државниот завод за статистика.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 24.574.417 денари, што е за 21,9 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Зголемената вредност се должи на тоа што во референтниот период биле издадени одобренија за изградба на ветерни паркови за производство на електрична енергија од обновливи извори со капацитет до 128 MW на територијата на општините Штип, Радовиш и Карбинци, кои се со висока вредност.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 148 (60,4 %) се наменети за објекти од високоградба, 31 (12,7 %) за објекти од нискоградба, а 66 (26,9 %) за реконструкција.

Од вкупно 245 објекти, кај 136 (55,5 %) инвеститори се физички лица, додека кај 109 (44,5 %) инвеститори се деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 618 станови со вкупна корисна површина од 53.718 квадратни метри.

По региони, во Полошкиот регион се издадени најмногу одобренија за градење – 62, во Скопскиот регион 51, Југозападниот 37, Југоисточниот 34, Источниот 24, Вардарскиот 19 и Пелагонискиот 15 дозволи, додека најмалку се издадени во Североисточниот регион – само три.

Сите три одобренија во Североисточниот регион се однесуваат на деловни објекти, со вкупна вредност од 43.563 денари.