200 наставници чекаат решенија за работа
Околу 200 просветни работници од Куманово чекаат одобренија за трансформација на работното место од Министерството за образование. Се работи за наставен кадар и технички перонал во основните и средни училишта во Општината, кои повеќе од две години работат по договор на дело, а треба да добијат решенија на неопределено време.
Во текот на месец јули, во утврдениот рок доставивме околу 200 барања во соодветна форма, со веродостојни податоци и неопходната документација. Досега немаме информација колку барања се одобрени од министерството, но со оглед дека сите работни места се неопходни за да може да се одвива образовниот процес, мислам дека сите ќе добијат позитивни решенија. На почетокот на годината беа одобрени околу 100 решенија, и тогаш ниту едно барање не беше вратено- вели Жика Крстевски, член на комисијата.
Откако ќе бидат поделени и овие 200 решенија, уште 230 просветари ќе останат да работат по договор на дело.
Обврска да ги поднесе барањата до Министерството за образование и наука за има општинска комисија, за сите вработени кои ги исполнуваат предвидените услови. Согласно законските прописи, секој што има навршено 5 години работен стаж треба да добие трансформација на работното место. Оние со 2 години работно искуство исто така имаат право, доколку достават изјава од директорот дека работното место е потребно во рамки на училиштето.