250 кумановци се потпишаа на петицијата за екстерно
Во рок од три дена 250 кумановци се потпишале на петицијата на Младински образовен форум за прогласување на екстерното тестирање за пилот проект.
Се потпишаа ученици, а родителите и наставниците за да немаат некои последици на работа ја поддржаа петицијата како загрижени граѓани. Очекуваме поголем одзив од граѓаните. Ние добивме обвинувања дека сме продолжена рака на политичка партија, но се тече како што беше планирано без некои проблеми. Учениците се жалат дека не биле подготвени, не знаеле како ќе изгледа екстерното тестирање, а во некои училишта екстерното заради проблеми во системот се полагало неколку часа - вели Катерина Ѓорѓиевска, волонтер.
Пред Комитет и на Градскиот плоштад попладне од 17 часот повторно ќе бидат поставени штандови и граѓаните ќе можат да се потпишат на петицијата. Планирано е петицијата да трае 10 дена и потписите собрани во 16 града да се достават до надлежните институции за да екстерното тестирање годинава се прогласи за пилот.