Административците учеа за што се компетентни
Административните работници од општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково, денеска следеа обука на тема “Управување и раководење темелено на компетенции“, во организација на Министерството за информатичко општество.
Од министерството сметаат дека овој начин на работа е тренд во светот и затоа сите административни работници треба да се подготват за моделот кој ќе стартува за неколку години во нашите институции.
Идејата е да ги подготвиме службениците да знаат што се тоа работни компетенции и како ќе се применуваат во секојдневната пракса. Компетенциите во суштина се комбинација на знаењата, вештините, ставовите, однесувањето на луѓето во нивното работење. Тие ни помагаат да можеме да направиме подобра претпоставка како одреден кандидат или вработен ќе се вклопи на одредено работно место. Досега се гледаше само знаењето, но како знаењето ќе го примени вработениот, сето тоа помага да го предвидиме напредувањето во кариерата - изјави Владимир Ацев, предавач од Министерството за информатичко општество.
Целна група се раководителите на сектори, но и сите други вработени во администрација.
Вакви обуки веќе се реализирани во повеќето градови во Македонија.