Мени

Азиланти се вратија во Средорек

04.02.2013 10:04 | KumanovoNews

 Група од десетина азиланти пред два дена се вратени во населбата Средорек.

Азиланти се вратија во Средорек

Тие во Франција престојувале три месеци каде добивале бесплатно сместување и храна, но државата одлучила да ги депортира.

Азилантите не сакаат да зборуваат каков третман имале во странство. Нивните соседи кажуваат дека со автобус ги донеле до дома, а дел од нив се жалеле дека и во Западна Европа немале третман каков што очекувале.

Кажуваат дека им давале само храна, друго ништо. Ние овдека повеќето сме социјалци и со 2000 денари месечно не се живее - кажа Севда Ибраимовска.

Пред да заминат во странство, азилантите продале се од дома за да обезбедат пари за патни трошоци.

Се вратија прво од Германија, па сега и од Франција.Едни доаѓаат, други заминуваат. Маката ги тера, да може сите ќе избегаме. Велат дека таму земале по 330 евра од државата и стан им давале - вели Муртез Бехтешов, жител на Средорек.

Садик Садиковски од истата населба објаснува дека Ромите последниве три години најмногу заминуваат во Франција и Германија, се обиделе да одат и во Шведска, но таму не примаат азиланти.

Јас бев прв азилант уште во 1987 година. Со моето петчлено семејство живеев во Дизелдорф, Германија. Таму бев пет години и жалам што се вратив. Државата одредува колку време ќе престојувате кај нив. Постепено добивавме прво сместување, храна, па на крај и надомест. Тогаш беше така, сега не знам како е - вели Садиковски.

Правата тура со азиланти од Франција што се врати дома викендов, за да ја напуши државата добиле надомест од по 300 евра.