Берберскиот занает изумира
Берберите се жалат дека имаат се помалку работа, а бројот на берберски дуќани постојано се намалува.
Хисен Малиќ во седумдесетите години на минатиот век го отворил својот берберски дуќан и вели дека овој период е најкризен бидејќи имаат високи даноци, а мала заработка. Неговите деца не сакале да го продолжат занаетот за што ги оправдува и смета дека младите треба да си ја пробаат среќата во друга област.
Мојот син сега ќе магистрира. Децата не сакаат да се занимаваат со оваа работа и се во право бидејќи не се заработува многу. Јас овој занает три години го учев кај друг бербер. Ние сме близу плоштад , имаме прометна локација, но доаѓаат само постари луѓе кои ни се редовни муштерии. Цените се многу ниски, но младите сакаат да се средуваат во модерни салони. Кога го отварав дуќанот пред повеќе од 40 години една службеничка ми даде идеја салонот да се вика “Сјај“ бидејќи кога човек ќе отиде на бербер, ќе се избричи и потстриже, тој сјае - додава Малиќ.
Тој вели дека досега не аплицирал за субвенции за поддршка на старите занаети сметајќи дека процедурата е долга и сложена. Тој предвидува дека ако вака продолжи, многу занаети ќе исчезнат.
Од 1993 година работам овде. Прво се станува чирак, па калфа по три години, и дури потоа мајстор. Човек учи додека е жив. Јас сум задволен до некаде, бидејќи не сум имал друга прилика сум се определил за оваа работа - вели негов млад колега.
Од некогашните 40 дуќани, денес во Куманово има помалку од 20 берберски салони.