Мени

Борците го одбележаа Денот на востанието

10.10.2011 14:38 | KumanovoNews

Во салата на Младинскиот културен центар „Козјак„, денеска се одржа  Свечената академија на Сојузот на борците, по повод 70 годишнината од Денот на востанието на македонскиот народ.

Борците го одбележаа Денот на востанието

Пред борците, подржувачите на НОБ,претставниците на АРМ,советниците и бројните гости, се обратија градоначалникот  Зоран Дамјановски и подпретседателот на општинскиот одбор на Сојузот на борци на Куманово, Цоки Ристевски.

Во своето обраќање градоначалникот Дамјановски потсети за улогата на црвено Куманово во отпочнување на  борбата против фашизмот и формирањето на првата самостојна држава на македонскиот народ во составот на СФРЈ.

Во Куманово и Прилеп започна борбата против фашистичкиот окупатор, под водство на КПЈ се извојува најголемата национална и социјална победа во државата. Куманово даде 450 млади животи во борбите со окупаторот, и уште 350 жртви од теророт на фашистичкиот окупатор-рече Дамјановски.

Тој уште еднаш потврди дека локалната самоуправа дава голема подршка на Сојузот на борците и подржувачите на НОБ, и во иднина ќе се потруди да ги поправи спомениците на народните херои, за да ги доведе во состојба примерена за времето и делата што ги направиле за својот град и држава.

Народноослободителната и Антифашистичка борба не беа само вооружени востанија , тие години беа најпереродбеничкиот период во богата македонска историја. За нас Mакедонците таа борба беше посветена на вековните копнежи и соништа на многу генерации и борци за слободна и независна Македонија- рече Ристевски.