Борците одбележуваат 69 години од битката кај Пелинце
Во петок, борците од Куманово заедно со своите поддржувачи ќе заминат во Пелинце каде традиционално ќе ја одбележат годишнина од битката против бугарската фашистичка полиција која се одиграла на 13 јануари 1944 година.
Во таа битка загинале двајца партизани Ангел Шајче и Трифун Ангеловски - Летеќи.
Таа борба ја завршивме за два часа. Голем дел од бугарските полицајци загинаа или се предадоа. Во тоа време одредот наш го викаа Втор батаљон “Јордан Николовски“. Тој ден беше многу значаен бидејќи непријателот мислеше дека ние борците нема да се спротивставиме. Полицијата беше многу вооружана, секој полицаец имаше автоматско оружје и пиштол. Од сите села на Козјак најславно е Пелинце. Сите села прифаќаа партизани, ама Пелинце посебно се истакна како ги дочекуваше партизаните. Самиот Карпош изјавуваше дека најдобро се чувствува кога ќе дојде во Пелинце. Имаше многу доброволци бидејќи во НОБ не е вршена мобилизација, присилно не се терани во војна, само доброволци. Таму е формиран првиот самостоен батаљон, тука е основана Трета македонска бригада - раскажува Душан Јовановски, претседател на Сојуз на борци Куманово.
Во петок ќе има организиран превоз во 10 часот од пред Комитет, а во 11 часот ќе биде собирот кај споменикот во село Пелинце.