“Бујрум“ го промовира велосипедскиот туризам
Група од 16 велосипедисти од Македонија и Бугарија ќе попромовираат велосипедскиот туризам со трката што денеска ја започнаа од Куманово до Благоевград.
Трката ја организира Центарот за рурален развој “Бујрум“, а има за цел да го популаризира здравиот начин на живеење и убавините на двете земји.
Вкупно 16 млади луѓе ќе тргнат попладневно од Куманово, имаат маршрута и ќе поминат 360 км на велосипед посетувајќи ги историските и културните знаменитости во Североисточниот регион и во Западниот дел на Бугарија, Благоевград и Сандански. Маршрутата е Куманово - Старо Нагоричане - манастир Свети Ѓорѓија и потоа продолжуваме за Кокино. Од Кокино продолжуваме за Етно село каде се преспива, а потоа одиме кон Крива Паланка, пред Кратово ја посетуваме Куклица, во градот се врши една туристичка прошетка, посета на кулите и мостовите - изјави Ивана Давидовска, координатор на проектот.
Давидовска објаснува дека попат ќе бидат посетени Лесновскиот манастир, Македонска Каменица, езерото Калиманци каде ќе има пикник. Од Делчево велосипедистите ќе заминат за Благоевград, Розен и Сандански.
Оваа манифестација е со рекреативен карактер, а на неа ќе се вклучат велосипедисти од “Вело - М“.
Првпат одам на трка од ваков тип. Ќе посетиме многу места, на некои сум бил, а на некои не. Убаво е на странците да им ги покажеме убавините кои ги има Македонија - изјави Стефан Петровски, велосипедист од “Вело - М“.
Трката се реализира во рамки на проектот “Зачувување на уникатната природа - Велосипедски туризам во поддршка на природата„ од ИПА програмата за меѓугранична соработка.
Од Куманово вклучени се четири партнери меѓу кои носител е “Бујрум“, а од Бугарија има три партнери и тоа Европски центар за интеграција, Бизнис и консалтинг центар од Сандански и Асоцијација на жени од Благоевград.