Мени

Ќе падне мостот на Крива река во Довезенце

27.09.2013 09:06 | KumanovoNews

 Педесетина семејства од кумановското село Довезенце ќе останат одсечени од светот доколку не се поправи мостот на Крива река, кој беше оштетен во пролетните полави.

Ќе падне мостот на Крива река во Довезенце

Конструкцијата на мостот и носечките столбови попуштиле под налетот на големата вода и сега постои опасност целосно да падне.

Мостот претрпе две поплави и пропадна околу еден метар. Сега е закривен и не смееме да поминуваме со возила за да не падне. Одиме само пешки, додека со коли и трактори возиме по водата. Ако заврне и се зголеми водостојот за пола метар, реката целосно ќе го однесе-вели Ацо П. од советот на селото Довезенце.

Жителите од селото пред 5 години со сопствени сретсва го изградиле мостот и сега бараат од  централната власт и локалната самоуправа Куманово да им помогнат да се поправи.

Градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека е направена проценка на штетата на мостот и тој е влезен во програмата за санација.

Пет месеци во континуитет државата ја блокира Општината Куманово и ние не сме во можност да ја спроведеме програмата што ја предвидовме за оваа година. Владата досега не се изјаснила ниту пак одобрила сретства за штетите во полавените подрачја, а ние немаме пари сами да го поправме. Во понеделник со стручна екипа ќе отидам на лице место да видиме како можеме да го заштитиме мостот од натамошно пропаѓање.- вели Дамјановски.

Поплавите во Довезенце покрај мостот го оштетиле и асфалтираниот пат, па сега жителите се движат по селски патчиња за да стигнат до куќите и нивите. Кога ќе паднат есенските дождови и зими велат дека ќе биде невозможно да излезат од дома.